Нацистите како „сол во супата на демократијата“

20.01.2017 14:30
Нацистите како „сол во супата на демократијата“

Германскиот Уставен суд во вторник донесе одлука според која на неонацистичката Национална демократска партија (NPD) нема да ѝ се забрани дејствувањето. Објаснувањето на одлуката е прилично интересно и засновано е на своевидна политичка проценка. Судиите потврдија дека NDP се залага за рушење на демократскиот проект и воспоставување на авторитарна држава по етнички образец, како и дека изразува недвосмислен „афинитет“ кон нацизмот, но дека „се чини крајно невозможно NPD да ги оствари тие цели било преку парламентарно, било преку вонпарламентарно дејствување“. Инаку, ова е втор пат во последните четиринаест години на дневен ред Уставниот суд да расправа за можноста да се забрани дејствувањето на NPD.

Треба да се истакне дека уставните судии се во право кога сметаат дека не постои директна политичка опасност за самата држава од дејствувањето на NDP. На минатите парламентарни избори таа партија освои 1,3% гласови и членството ѝ се намали на 6.000 луѓе. Но, причините за тоа не се баш залог за долгорочен оптимизам. Голем број поддржувачи на екстремната десница се свртеа кон Алтернатива за Германија која дели многу ставови со NPD, само со нешто посовремен маркетинг. Не се промовираат како своевидни наследници на нацистите и „највалканата“ реторика и пракса ја делегираат на „базата“.

Иако во борбата против фашизмот е тешко да се потпрете на државната репресија, особено ако знаеме дека во Германија постои докажана, разработена пракса на соработка меѓу разузнувачката заедница и нацистичките групи, поинаквата одлука на Уставниот суд сепак можеше да има пожелни политички последици: од растурање на самата организација, до влијание на политичката клима на општо свртување надесно. Исто така, би требало да се испита и политичката логика според која се забрануваат организации само кога ќе станат вистинска закана за уставниот поредок. Имено, кога фашистичката организација ќе стане вистинска закана за поредокот тешко дека проблемот може да се реши со одлуки на Уставниот суд.

Но, да не се обидуваме да го импровизираме објаснувањето на политичката позадина на одлуката, да ги цитираме зборовите на еден од судиите, Петер Милер. Одлуката на судот според која заканите и застрашувањата на политичка основа спаѓаат во доменот на работата на полицијата, Милер ја навести уште во март минатата година. Изјави дека „моќта на слободната дискусија“ би требала да биде водечко начело во Германија, опишувајќи го како „сол во супата на демократијата“. Со други зборови, нацистите се незаменлив зачин на демократскиот фолклор.

Извор: Bilten

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото