Дисфункционални држави на Балканот и (или) како да се избегнат црните сценарија во Македонија

21.01.2017 13:56
Дисфункционални држави на Балканот и (или) како да се избегнат црните сценарија во Македонија

Во декември 2016 година во онлајн изданието на познатиот магазин за надворешната политика „Foreign Affairs“ беше објавена статијата под наслов „Дисфункција на Балканот“ на авторот Тимоти Лес, директор на агенцијата Нова Европа која се занимава со проценка на политичките ризици во источна Европа и поранешен британски дипломат кој службувал во Македонија и БиХ. Жестокоста на тезите изнесени во текстот предизвика лавина на (претежно негативни) реакции на просторите на бившата држава, при што оние од македонска страна се сведоа на вообичаеното користење на тезите од статијата од страна на провладините медиуми како уште еден доказ на тоа дека Заев и СДСМ „потпомогнати од Aлбанците“ ја водат Македонија во правец на нејзино уништување.

Што ни порачува г-нот Лес во својата статија? Најпрвин да напоменам до читателите да имаат предвид дека Foreign Affairs, кој е основан во 1922 година во САД, е еден од најценетите и највлијателните магазини од областа на надворешната политика, со највисоки критериуми за објавување за кои пишувале најпознатите интелектуалци, академици и политички лидери на светот како на пример Семјуел Хантигтон (неговиот текст „Судирот на цивилизациите“ кој подоцна ќе се развие во книга, најпрвин е објавен во овој магазин) Френцис Фукујама, Збигњев Бжежински, Колин Пауел и многу други. Лес во својата статија се осврнува на иднината на Балканот во светлото на формирањето и функционирањето на мултиетничките држави. Според него, по распадот на Југославија проследен со серија брутални војни водени пред сè од националистички побуди, западните земји со најдобра намера ја протежирале идејата за формирање на мултиетнички држави со прифаќање на авнојските граници (кои се нацртани по сосема поинакви критериуми) како државни, сметајќи дека со развојот на демократијата и со нивното приближување кон членство во ЕУ (која и самата е создадена како резултат на борбата против деструктивните етатистички национализми кои произведоа две светски војни во XX век) ќе се трансформираат во функционални заедници кои ќе промовираат сигурност и правда. Но реалноста, според Лес, покажала дека функционирањето на мултиетничките држави е проследено со револт на малцинските заедници при што оние кои се во значителен број и се одвоени од своите матични земји се причина за нефункционалноста на тие државни творби. Од овој опис јасно се наѕира дека државите на кои Тимоти Лес реферира се:

1. Босна и Херцеговина (поднесена кандидатура за членство во ЕУ) - каде српската заедница проектот Република Српска го гледа како преодно решение за обединување со Република Србија, а состојбата во која се наоѓа хрватската конститутивна заедница ја оценува како несакан брак со муслиманската заедница и желба за припојување на Западна Хецеговина кон Хрватска;

2. Косово (Потпишана Спогодба за Стабилизација и Асоцијација) - каде двете заедници (албанската и српската) не можат да создадат функционална заедница, при што првите ќе тежнеат да се обединат со Албанија, а вторите со Србија;

3. Црна Гора (Започнати преговори за членство во ЕУ) - со силна српска заедница која се противи на членството во НАТО и се залага за поцврсти врски со Русија и албанската заедница која бара самоуправа во регионите каде претставува мнозинство;

4. Р. Македонија (Кандидат за членство во ЕУ од 2005 год.) - односите помеѓу двете најголеми заедници континуирано предизвикуваат потреси и каде албанската страна во блиска иднина би можела да побара комплетна реконфигурација на државниот устрој, при што супсеквентно настанатата криза може да доведе до распад на државата.

Каде лежат причините за нефукционалноста на овие држави?

Лес проблемот го гледа во непостоењето на демократски традиции и уставен либерализам, неопходни за да им се осигура на малцинствата самодоверба, сигурност и верба во институциите на државите во кои тие живеат. Дополнителна отежувачка околност за постоечката недоверба е и историјатот на меѓусебни крвави насилства и злосторства кои поткрепени со системската корупција и сиромаштијата, односите помеѓу заедниците ги тераат до самиот раб. Надворешниот фактор кој е еден од клучните фактори за обликувањето на состојбите во регионот, според Лес направил фундаментална грешка на самиот почеток на дезинтегративните процеси во бивша Југославија, погрешно претпоставувајќи дека, спротивно на нивната волја, ќе ги натера различите народи да бидат инкорпорирани во некоја државна заедница само затоа што тој (Западот) ќе понуди некаква казна или награда. Во тој процес на наметување решенија во првата фаза носител ќе бидат САД кои со примена на „тврда сила“ ќе го обликуваат сегашниот меѓународен поредок во регионот, додека во втората фаза таа улога ќе ја преземе ЕУ која со примена на т.н. мека сила олицетворена во процесот на проширување ќе настојува сиромашните авторитативни држави од регионот да ги претвори во просперитетни, демократски, правно втемелени, каде малцинствата со задоволство би живееле. Но реалноста покажа нешто сосема друго, или како што Лес вели во својот текст, на теренот владее "Miserable reality". Иако, вели авторот, процесот на проширување се одвива со некаков континуитет при што се започнати преговорите за членство со Црна Гора и Србија, сепак некои од клучните претпоставки за успешно функционирање на државите не се остварени првенствено како резултат на застарената политика која крајната цел на полноправно членство ја држи недостижна, препуштајќи ја на тој начин иницијативата на локалните ревизионисти кои потпомогнати од страна на Русија и Турција пропагираат политики спротивни на западните цели.

Бидејќи на повидок нема некоја осмислена и остварлива политика која би направила пресврт во сегашната состојба, Тимоти Лес предлага драстични мерки со кои радикално би се сменила политичката карта на регионот. Имено, тој предлага да се напушти моделот на градењето на мултиетнички држави и нивна реконфигурација во етничко-хомогенизирани кои би биле доволно моќни да не предизвикуват апетити кај соседните земји и кои лишени од внатрешната нестабилност предизвикана од меѓунационални конфликти ќе остваруваат продуктивни односи со соседите. За тоа да се оствари, потребни се промени на досегашните меѓународно признаени граници и формирање нови, при што Република Српска и северниот дел од Косово би се припоиле на Србија, Хрватскиот ентитет кон Хрватска, а Косово, Прешевската долина и дел од Македонија и Црна Гора би се припоиле кон Албанија. Сето ова би се остварило во три фази со постепено подготвување на сегашните заедници кон мирно раздружување и формирање нови државни творби. Признавајќи тешкотии и опасности за реализација на овој план, Лес предлага истиот да го остварат САД, од причина што разединетоста на ЕУ оневозможува нејзино ангажирање во вакви сложени планови.

Како што напомнав, ставовите на Лес предизвикаа жестоки реакции на просторите на бившата држава со претежно негативна оценка базирана пред сè на уверувањето дека за реализација на тој план неминовно е потребна примена на воена сила за која во моментот нема никаква подготвеност ниту кај политичките елити, ниту кај поширокото население. Но исто како што напоменав погоре, фактот што оваа статија е објавена во еден влијателен магазин и можните промени на геополитичката сцена изискува од сите инволвирани страни во регионот добро да се замислат за иднината на своите држави и да направат посебни напори да обезбедат простор за сериозни разговори, внатре, во своите заедници, за наоѓање решенија кои ќе водат кон создавање услови за заеднички соживот базиран на рамноправноста и можноста за остварување на економска благосостојба и пристоен живот. Во овој правец на размислување би сакал да се концентрирам на состојбата во Македонија во светло на случувањата по изборите на 11 декември 2016 и усвоената заедничка платформа на албанските партии за преговорите за идната влада. На сите ни е познато дека една од главните теми на предизборната кампања беше прашањето на можната федерализација на Р. Македонија. Ова се поклопува со размислувањата на Лес кој истата ја смета за една од фазите за „конечно“ решение на проблемите. Убеден сум дека огромно мнозинство на жителите (Македонци, Албанци и други) на Македонија не посакува и не одобрува вакво решение. Ако таа претпоставка или тврдење, ако сакате, е точна, тогаш сите ние треба да се вклучиме во изнаоѓање на одржливи решенија кои според мене треба да одат по следните насоки:

1. Инсистирање на концептот на граѓанскиот карактер на државата конституирана од македонскиот, албанскиот, турскиот, ромскиот, српскиот, влашкиот и други народи кои живеат во неа;

2. Обезбедување на сите права на етничките заедници за негување на нивната самобитност и традиции;

3. Овозможување на Албанците за користење на нивниот јазик на сите нивоа на комуникација низ целата територија на државата, а на останатите заедници во местата каде сочинуваат значителна бројка од вкупното население;

4. Комплетна реализација на Охридскиот рамковен договор во однос на правичната застапеност во државните органи, вклучително и на највисоко ниво. Можноста за избор на највисоките функции да не подразбира процес на пазарење за функција туку за избор на добри персонални решенија кои со своите знаења и квалитети ќе ја водат државата кон напредок и благосостојба;

5. Спроведување на реформските процеси нотирани во извештајот на Рајнхард Прибе. Во овој дел неоходна е реконструкција на сите степени на власта во правец на декриминализација, департизација и професионализација. Да се обнови и спроведе процесот на придружување кон евроатлантските и европските организации;

6. Обезбедување на рамномерен економски развој на државата и обезбедување на праведна дистрибуција на националното богатство проследен со процесот на децентрализација и поголема улога на локалната самоуправа. Креирањето на ефикасни економски политики ќе треба да обезбеди развој на стопанството, поголема вработеност (запирање на емиграцијата и одливот на високо образовни кадри) и зголемување на економската моќ на граѓаните. Тука би ги спомнал и обезбедувањето на квалитетно образование и здравствена услуга на сите нивоа и помош на социјално загрозените категории на граѓани.

7. Остварување на потполна слобода на сите видови медиуми пропратена со почитување на сите критериуми за објавување на квалитетни, корисни и веродостојни вести.

8. Обезбедување на слободен амбиент за работа на невладините и граѓанските организации и негување по принципот на отворена расправа за сите прашања од општо значење за граѓаните.

Сигурен сум дека има уште некои точки кои би требале да се најдат на ова листа, но мислам дека јасно се гледа во која насока треба да се движат процесите за да се избегнат црните сценарија од статијата на Лес. Исто така јасно е кои од политичките чинители се кадри и волни да започнат со нивна реализација. Ги повикувам сите демократски структури одлучно и храбро да се договорат за формирањето на новата влада и задачите која таа треба да ги исполни. Сето тоа треба да е пропратено со широка медиумска кампања која би имала две цели: Првата е да се објаснат целите и бенефитите на идните владини програми и втората, да се оневозможи очекуваните реакции на поразените елементи да предизвикаат страв кај граѓаните за иднината на оваа земја. Јасно договорената, транспарентно објавена и квалитетно спроведена владина политика ќе овозможи Република Македонија да се оттргне од друштвото на дисфункционални држави и, зошто да не, да даде пример за останатите дека и на Балканот демократијата е можна и спроведлива.

 

Авторот е поранешен Амбасадор на РМ во Ватикан.

 

Слики: Бо Бартлет