Алаѓозовски: Годишната програма на Министерството за култура е одмазда кон неистомислениците

21.01.2017 22:16
Алаѓозовски: Годишната програма на Министерството за култура е одмазда кон неистомислениците

Ќе ја преиспитаме законитоста на донесената Годишна програма на Министерството за култура и ќе има одговорност за прекршувањата на законите. Годишната програма за култура е потпишана од министерка за култура во заминување, која истовремено извршува и функција пратеник во Собранието на Република Македонија, изјави Роберт Алаѓозовски, претседател на Комисијата за култура на СДСМ.

- Програмата не само што носи формален потпис на министерката Канчевска Милеска чија работа е под истрага на Специјалното јавно обвинителство, туку претставува и нејзина лична одмазда кон сите уметници, автори, интелектуалци, институции и организации кои ја критикуваат работата на Министерството за култура или учествуваа во граѓанските протести.

Како што може да се види, во Програмата нема место за автори, драматурзи, режисери, писатели, визуелни уметници, добитници на значајни награди и остварувања и во земјата и во странство, што е недозволиво и несовесно, а такви се и политиките на оваа власт изминатите 10 години.

Им посочуваме на оштетените автори и уметници дека имаат законско право како физички лица или правни субјекти, да поднесат, прво приговор до Второстепената комисија, а потоа и тужба до Управниот суд. Националната програма за култура не смее да се носи на ваков самоволен, пресметувачки начин и низ спорни процедури. Затоа е итно потребно мнозинската волја на граѓаните да се преточи и во самите институции - нагласи тој.

Извор: Плусинфо