Десоросоизација, деѓуленизација и слични форми на егзорцизам

23.01.2017 11:37
Десоросоизација, деѓуленизација и слични форми на егзорцизам

Еден од наједноставните начини за фокусирање на перцепцијата на јавноста на еден дел од сликата и оневозможување на јавноста да ги согледа сите параметри на одредено случување (особено кога станува збор за ситуации во кои се прекршуваат законите и се повредуваат правата на луѓето) е употребата на еден или два збора со кои се покрива една многу посложена ситуација.

Таков е примерот со актуелната употреба на зборот „СОРОС“ од страна на медиумите. Навидум станува збор за информирање за активностите на еден човек, Џорџ Сорос (и групи луѓе кои се финансирани од Џорџ Сорос), меѓутоа, доколку се погледне широката лепеза на употребата на зборот во медиумското информирање, фактички станува очигледно дека со овој збор се врши фокусирање на перцепцијата на јавноста во една точка со цел дефокусирање од вистински важнното: една голема повреда на основното право на давање и на примање информации, на мислење и на изразување.

Сè почна со говорот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и со неговото интервју за пропагандното гласило „Република“ (Груевски за „Република“: ВМРO-ДПМНЕ ќе го надживее и Сорос и неговите надворешни и внатрешни слуги и платеници)

„И свесен ли е (Сорос, н.з.) дека со неговите пари уништува огромен број млади генерации, кои намамени со неговите пари, се имаат ставено под команда, индоктринација и влијание на овие психопати од комунизмот?
Таква ли демократија сака Сорос да ни насади во Македонија? Затоа велам, ако Сорос смета дека прави добро во Македонија, мора да е во тешка заблуда.
ВМРO-ДПМНЕ ќе го надживее и Сорос и неговите надворешни и внатрешни слуги и платеници.“

Перцепцијата што ја наметнува интервјуто е дека Груевски и неговите следбеници се спротивставуваат на некакво нелегитимно дејствување на странска структура која во Македонија има свои институции кои имаат различни форми, а чија задача е да го уништат ВМРО-ДПМНЕ.

Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, неговите институции се против ВМРО-ДПМНЕ. И секогаш кога СДСМ е на власт, повторно неговите институции се против ВМРО-ДПМНЕ, како центарска, десничарска и конзервативна политичка партија. Не постои една работа што ја направила ВМРО-ДПМНЕ во овие 25 години, а за која една негова институција, како институтот Отворено општество, НВО финансирана од него, медиум или слично, рекла дека тоа е добро. И обратно, нема ниту еден чекор на СДСМ што го осудиле“.

Широката медиумска реакција која следува по овие настапи, се ориентира или кон пренесување на ставот на Груевски (и поддршка на овој став) или кон оспорување на ставот и обид да се прикаже Џорџ Сорос и неговото дејствување во Македонија како позитивно.

-Попоски: Мешањето на Сорос е неприфатливо
-ВМРО ДПМНЕ и Попоски за Сорос и за дестабилизација на државата
-ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ и Сорос се гробари на независното новинарство и на граѓанскиот сектор
-ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ и Сорос се срам и елементарна непогода за Македонија
-ВМРО-ДПМНЕ: Народот одлучи, процесот на десоросоизација отпочнува
-СОРОС-УБИЕЦ НА ДЕМОКРАТИЈАТА
-ВМРО-ДПМНЕ му објави “војна” на Сорос кого го смета за “душман” на новинарството
-Јовановиќ: Сорос на невладините донирал 3,5 милиони евра, Владата 5,5 милиони евра
-(ВИДЕО) Маричиќ: Груевски немаше проблем со нас кога ни земаше пари

Со овој начин на медиумско информирање, јавноста, всушност, во целост ја губи сликата за она што реално се случува, а тоа е атак врз две основни човекови права: правото на здружување и слободата на изразување (напад врз здруженија на граѓани, барање за ограничување на дејствувањето на здруженија на граѓани, барање за забрана на дејствување на здруженија на граѓани, барање за забрана на изразување на мислењето, за ширење информации и за добивање информации).

Исклучително мал е бројот на медиуми кои се обидуваат да ја прошират перцепцијата на јавноста за она што се случува и зад нападот на Џорџ Сорос да го презентираат нападот врз здруженијата на граѓани и слободата на мислење и изразување. Дури и тие медиуми нападот го сведуваат на напад на здруженија на граѓани кои се финансирани од Фондацијата „Отворено општество“.

Никола Попоски во напад на медиумите и граѓанските организации
„ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение и преку интервју на министерот за надворешни работи Никола Попоски, повторно се закани на медиумите и невладините организации кои се финансирани од Фондацијата отворено општество“.

Дури и тогаш кога медиумите пренесуваат ставови или изјави кои многу недвосмислено нудат една поинаква перцепција, тие не го проблематизираат замаглувањето што претходно е направено во медиумскиот простор.

Вајгл: Осуда на нападите против граѓанското општество
„Европскиот парламент преку Вајгл им ја дава сета поддршка на граѓанските организации кои “играат клучна улога во почитувањето на демократските норми”.
“Ние силно ги осудуваме неодамнешните напади против активистите на граѓанското општество и бараме од властите да бдеат врз правната држава и да ги изведат пред правдата сите автори на овие напади”, вели Вајгл“.

Невладините повикуваат ВМРО да не ги злоупотребува државните институции во “битка” против Сорос
„Граѓанскиот сектор смета дека ВМРО-ДПМНЕ ги злоупотребува државните институции во „битката“ против Сорос. Од невладините организации сметаат дека Груевски преку таканаречената „десоросоизација“ се обидува да создаде лажна реалност пред граѓаните и членовите на неговата партија“.

Она што изостана во медиумите е анализа на целокупната кампања која се изведува под работно име СОРОС од аспект на здруженијата на граѓани. Една, и не толку продлабочена, анализа би требало да понуди поширока перспектива на пораките упатени од страна на високи функционери на ДПМНЕ, а кои под поимот СОРОС, всушност, подведуваат здруженија на граѓани кои ја повикуваат власта на отчетност, ја критикуваат власта, поставуваат прашања, бараат учество и одговорност.

На пример, доколку зборот СОРОС го замениме со зборовите „здруженија на граѓани“ насловите во медиумите би изгледале вака:

-Попоски: Мешањето на ЗДРУЖЕНИЈАТА НА ГРАЃАНИ е неприфатливо
-ВМРО ДПМНЕ и Попоски за ЗДРУЖЕНИЈАТА НА ГРАЃАНИ и за дестабилизација на државата
-ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ и ЗДРУЖЕНИЈАТА НА ГРАЃАНИ се гробари на независното новинарство и на граѓанскиот сектор
-ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ и ЗДРУЖЕНИЈАТА НА ГРАЃАНИ се срам и елементарна непогода за Македонија
-ВМРО-ДПМНЕ: Народот одлучи, процесот на замолчување на ЗДРУЖЕНИЈАТА НА ГРАЃАНИ отпочнува
-ЗДРУЖЕНИЈАТА НА ГРАЃАНИ -УБИЈЦИ НА ДЕМОКРАТИЈАТА

Медиумите не се заинтересираа за опсегот на прогласената „десоросоизација“, односно опсегот на ограничување на работата на здруженијата на граѓани. Дали таа ги опфаќа здруженијата на граѓани кои добиле грантови од Фондацијата „Отворено општество“ – Македонија или на сите здруженија кои се критички настроени кон актуелната власт и кон ВМРО-ДПМНЕ како владејачка политичка партија во изминатите 10 години.

Медиумите не поставија прашање дали станува збор за здруженија на граѓани кои го прекршиле Законот за здруженија и фондации и ако дошло до такво прекршување, зошто не се применат одредбите на овој закон:

Член 65

Се забранува работата на организацијата, ако:

– нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија,
– поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост,
– активности поврзани со тероризам,
– презема активности кои се спротивни на Уставот или закон и
– се повредуваат слободите и правата на други лица.

Медиумите не се заинтересираа дали во актот на „десоросоизација“, односно ограничување на работата на здруженијата на граѓани, на кој се повикува од највисоко партиско, но и државно ниво, ќе се примени Законот за здруженија и фондации или, пак, се повикува на вонзаконски, односно противзаконски активности.

Терминологијата која се употребува во пренесувањето на информациите има големо значење за начинот на кој јавноста ги перципира нештата, кон што го насочува вниманието, односно што доаѓа во центар на вниманието, а што останува надвор од интерес. Соодветно избраните термини можат да ги појаснат нештата, меѓутоа можат и да ги замаглат нештата. Една од задачите на медиумите е да не дозволи сеење терминолошка магла која ја деформира перцепцијата на јавноста, која станува извор на предрасуди и на говор на омраза, и/или промовира противправно дејтвување.

„Ловот на вештерки“ или повикувањето на линч, се викале тие десоросоизација или деѓуленизација, со векови биле проблем за правните системи заради наводниот „праведен гнев“ на масите. Меѓутоа, уште од втората половина на 20 век, цивилизираните правни системи се договориле дека воопшто не се работи за праведен гнев, туку за злоупотреба на психологијата на масите во функција на брутално евидентно прекршување на правото.

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Александар Дојранлиев