Одговорност - доблеста која треба да ја спознаеме

23.01.2017 13:10
Одговорност - доблеста која треба да ја спознаеме

„Стоиме или паѓаме заедно?“

Повторнo си го поставуваме ова судбинско прашање, како илјада пати до сега.

Во изминатите неколку години кога во Македонија се будеше граѓанската свест и активизам, или она што се нарекува и директна демократија, први кои го кренаа својот глас беа младите, студентите, потоа новинарите, па многу други граѓани. Студентите–пленумци на сите ни одржаа лекција за непосредна демократија и за тоа како треба да изгледа креативниот амбиент на една заедница: вака треба да се гради! Да, се уверивме, така треба да се гради, но, ние, возрасните, денес, како и понатаму да сме во дилема! Ќе нè има или ќе нè нема?!

За мене поактуелно и посуштинско прашање и не само за нас е: „Да се има или да се биде?“

Се појави автентичен отпор: Левица. И, не помина ни една година од нивното формирање, се случи: „Јакобински да се отсечат тие кои не се со нас“. Или се жесток изблик на отпор и концентрирана сила во рушење на авторитарната власт или се со крајно неприфатлив став: сеедно кој од другите ќе биде на власт, бидејќи сите се „исти“.
Само тие не се „исти“.

По сите амплитуди на очај и егзалтации кои ги поминавме, може да се заклучи дека во нашето општество постојат непремостливи јазови и поделености по сите линии. Но, сите тие поделености не се јасно издиференцирани, туку се сложени, составени од повеќе поделености, бидејќи сè е первертирано, искривоколчено. Тоа е последица на бескрајната фрагментација како општа состојба со светов денес. Ништо не е така како што изгледа на прв поглед во неговата комплицирана состојба. Човекот и колку да се обидува да ги разлачи тие поделности, само ќе го заболи главата и напразно ќе го потроши скапоценото време. Затоа не е полезно толку да се занимава со такви анализи (уште повеќе со теориии на заговор), колку со градење здраво ткиво од елементите кои му се на располагање.
Секако, тоа не значи дека никој не треба да го проучува и спознава хаосот од научна гледна точка, за тој да се доведе до ред!


Но, навистина, нешто што конечно многу добро го сфативме е дека не е едноставна задача да се изгради држава и да се формира нација која со своите автентични, значи, универзални вредности, ќе си најде место во семејството на нации. Ми се чини дека со вакви длабоки морални кризи како нашите, други нации одамна ќе ја имаа спознаено својата Вистина и ќе поставеа јасна стратегија за остварување на својата Визија.

Откако се случи оној клучен прелом на 11 декември, во Македонија веќе ништо не е „исто“. Веќе не е битно што ќе одлучат политичарите, сега или кога било! Битно е расположението во општеството, духовната супстанца во општеството, трендот во општеството. Кога-тогаш политичарите ќе ја спроведат волјата на граѓаните кои се во дослух со духот на времето. Затоа песимизмот, нихилизмот и дефетизмот, заедно со неукоста, омразата и алчноста, исто колку неодговорноста и затапеноста за вистината и правдата, се вистинските непријатели на оваа земја и нација. Една постојана динамика и виталност на идејата за промени мора да постои, соочување со рецедивите (остатоци од болеста кои се обновуваат) на старото устројство кои нè влечат назад, борбеност да се совлада инерцијата на лошите навики.

Сега е битно да се развива креативна енергија со која ќе се
обликува блиската иднина на Македонија! Таа енергија треба да биде темел за градење средена држава, прогресивна нација, и поубава земја. Да го одбереме тоа што е побитно и најбитно!

Како? Па, веќе знаеме како! Тоа најдобро го научивме во
изминатите три-четири години. Со слога и заедништво!
(Не се ова празни флоскули иако така звучат!)

Треба да се плашат (од законот) не само политичарите туку и сите други граѓани кои прифаќаат други високи државни функции, на пример, во судството. Секако, ако се чесни и чисти, правдољубиви и мирољубиви, нема да имаат повод да стравуваат од законот, како што треба да стравуваат оние кои до сега беа на власт. Една нова доблест малку позната во оваа земја треба да почне да владее – ОДГОВОРНОСТА за сите постапки и дела.

Ако некоја личност е со амбиција да се кандидира на висока функција во оваа држава, мора да биде одговорна и отчетна, совесна и чесна, бидејќи ќе извршува работи кои се од општ интерес, за заедничкото добро на сите. (Тој одговара пред сите граѓани, а, не само пред партијата.) Ако не поседува такви квалитети, нема да може да го помине испитот, ќе мора да се задоволи со друга работа, макар што за која било работа одговорноста е суштинска доблест (во една напредна заедница).

Мурали: Escif