Индигнација

24.01.2017 00:10
Индигнација

1.

Не сум сигурен дека оние неписменине ќатовци во Министерството за (не)култура кои ги пишуваат „соопштенијата“ во името на нашана индигнирана Елизабет воопшто знаат што значи зборот индигнација. И кој во македонскиот случај би требало да биде индигниран од состојбите во македонската (не)култура. Таа, и нејзиното празноглаво опкружување, секако не се тие. Ама можеби така се „осеќаат“? Можеби, ама мислам дека тие допрва ќе се „осеќаат“, а ние останатите, и со право индигнираните од нивните повеќегодишни криминални постапки, белки ќе почувствуваме некакво олеснување. Од индигнацијата, и од сè друго што ни сервираа цела една деценија.

Така всушност се обидувам да го видам и последново – со надеж дека навистина ќе биде последно – опскурно злосторство контра македонската култура и уметност наречено Годишна програма за финансирање на националниот интерес во културата за оваа 2017 година. Иако, од друга страна, имам и спротивставени чувства. Поточно, кога ќе видам кој сè се жали и си дозволува да ја коментира истата, вклучувајќи го тука и званичниот (не)културен амбасадор на ова Министерство, Милчо Манчевски – кој, виѓи врага, „секогаш имал тежок однос“ со македонскиот културен естаблишмент (sic!) – си велам: не се плеткај со гнаси!

Ама сепак, не може човек да се оттргне од впечатокот дека навистина оваа „програма“ е одмаздничка. На многу подолно, односно „повисоко“ рамниште од претходните. Дури, би рекол, се надминале себеси. Есенција на неспособност со злосторнички намери. Најгадна комбинација! Не мора човек ни да биде којзнае каков познавач или експерт за македонската култура и уметност за да види до каде ги довеле незнаењето, неспособноста, клиентелизмот и партизацијата филувани со жестоки одмазднички чувства кон сè што барем малку заличува на квалитет. Па видете им ја само „програмата“ во издаваштвото, или во визуелните уметности. Човек да умре од смеа! Колку ли напор треба да се вложи, колку неукост и мизерни чувства треба да се во игра за да предложите нешто такво и, плус, да го наречете – национален интерес?! Но, нормално, и вообичаено, тој клиентелистички „национален интерес“ и овој пат никако не ги заборава главните пулени на ова Министерство и на оваа (не)култура, почнувајќи од непрежалениот ни „авангардист“ Станковски алиас Сарајлија, па Калиопа и останатиот џган на македонската „естрада“, сите можни културни лета, есени и зими, издавање на музички цд-а на секоја кафанска певаљка што умее да се дере, потоа неизоставното здружение на оние крушокрадцине и останатата вмровска контрасоросна братија итн.

2.

Затоа, кога веќе се дрзнуват да манипулираат со зборови од калибарот на индигнација, нека си стават огледало пред лицето и ќе ја видат во полна светлина, на дело како еден од основните движечки механизми на нивните културни „политики“. Впрочем, Елизабет со слична индигнација ги отфрлаше и цврстите повеќегодишни обвиненија од целокупната нормална македонска јавност, а сега и од Специјалното јавно обвинителство, околу нејзиното криминално посвојче наречено „Скопје 2014“, ама од авион се гледаше дека тоа е само индигнирана маска под која што трешти реален страв од заслужената казна. Во таа насока, не знам колкумина и од нејзиниот „тим“ – ако таа неписмена булумента воопшто може така да се нарече – ќе бидат на истиот начин индигнирани и почестени со резервирано место во една од соодветните институции во околината на Скопје, но останува да се види. И да им ги видиме тогашните „внатрешни“ соопштенија.

Но она што дополнително иритира до фрапантност е дрскоста на истата таа Елизабет и понатаму, иако целосно нелегитимно, да се шепури во нејзиниот стар кокошарник и понатаму глумејќи кокошка-несилка од министерски формат. Џабе пратеничкиот мандат, не може пустата да се откачи од парите, лепливи се. И од моќта, уште послатка и полеплива. Кој ли ќе ја ферма утре како пратеник? Нема добар ден да ѝ кажат ни овие кои секоја година ги товеше со буџетски пари!

3.

Но ниту еден проблем не е (пре)голем ако има решение. А овој, и со Елизабет и со нејзината „програма“ и останатите одлуки влечени за уши последниот период, го има наједноставното можно решение: поништување. Идната влада ќе има (не само) морална обврска да ги укине, поништи, дерегулира, исчисти, отстрани сите нелегитимни одлуки на оваа неморална персона, и не само нејзини, се разбира. Зашто, самозаборавена во министерската моќ таа одлучуваше и кога за тоа немаше право, законски и морално. Иако, да бидеме искрени, сите – и буквално сите до една – нејзини одлуки во сите нејзини мандати се неморални, криминални, партиски, одмазнички, некултурни, неуки, неспособни … Но за тоа веројатно ќе одговара посебно, за секоја одделно. Но, кај тие штетата е веќе направена и таа допрва ќе се поправа. Оваа последнава со „програмата“, како и онаа за македонското учество на Биеналето во Венеција кога како бинго ги награди и последните криминалци од „Скопје 2014“, се одлуки кои што утре ќе продуцираат идни штети по македонската култура и уметност и нивниот углед – она малку што остана – дома и во светот! Затоа и мора веќе вториот ден на новата влада да бидат укинати!

П.С.

Колку за илустрација за „квалитетот“ на оваа „програма“: кај Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп „стручњаците“ предвиделе „преземање на изложбата“ на скулптури од Зоран Јакимовски од Националната галерија на Македонија. Супер, ама Зоран Јакимовски, прво, не е скулптор туку е графичар. Иако, можеби, може и да сработи некоја скулптура, ако овие баш запнат. Ама, второ, таква изложба на Јакимовски воопшто нема во „програмата“ на НГМ – ни на скулптури на Јакимовски, уште помалку на графики! Што ли ќе „преземат“ овие од Прилеп, останува да се види! Изгледа Елизабет многу работела со гумичето!!!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Александар Ковачевски

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото