„Инфлуенсери“ - проститутки на социјалните мрежи?

24.01.2017 02:06
„Инфлуенсери“ - проститутки на социјалните мрежи?

Компаниите сè повеќе користат лица кои се „влијателни“ на социјалните мрежи за да ги пласираат своите производи и да ги насочат потрошувачките навики на младите во своја корист. Тоа е скриена реклама која законот всушност ја забранува.

 

Плочки на стомакот, предизвикувачки задник, полни усни и развена коса - на социјалната платформа Инстаграм сè уште можат да се најдат истите шаблони. Прекрасни жени и згодни мажи кои очигледно вечно се на некои егзотични патувања на кои пијат цедени сокови и коктели. А сосема случајно околу нив се луксузните торби или најновите модели на брзите автомобили. За ѕвездите на Инстаграм, односно „инфлуенсерите“, се чини, сè е можно.

А всушност станува збор за обични луѓе. И тому поради тоа тие се пример за многу млади, кои настојуваат да ги имитираат. За разлика од познатите ѕвезди, влијателните на социјалните платформи се чинат многу поблиски, подостапни, во поблизок однос со корисниците. Можете да лајкувате и коментирате на нивните фотографии, а често од нив се добива и одговор. Под своите постови тогаш ги наведуваат козметичките производи кои ги користеле и марките облека која ја носат. Но, ретко станува збор за производи кои самите ги купиле.

Ново занимање

За многу фирми инфлуенсерите се многу едноставен и директен пат за пласирање на своите производи. Ако некој корисник на Инстаграм има 10.000 луѓе кои ги следат неговите фотографии, често добива пошта од компаниите кои му нудат да ги тестира или препорачува нивните производи. Фирмите знаат дека станува збор за лица кои имаат влијание на одредена целна група и дека ја уживаат нејзината доверба.

„Така се свртува вниманието на некој производ и се насочуваат потрошувачките навики“, вели Јохен Мај, стручњак за маркетинг на социјалните мрежи и основач на блогот Karrierebibel (Библија на кариерата). Тоа значи дека на крајот луѓето мораат да имаат чувство: аха, ако нему тоа му е супер и јас морам да го купам.“ Така компаниите воопшто не мораат посебно да се трудат да допрат до целната публика - тие едноставно се прикачуваат на влијателните корисници на социјалните мрежи и така доаѓа до сите луѓе на кои овие им веруваат.

Класичната реклама, вели Феликс Бајлхарц, стручњак за интернет маркетинг, се послабо функционира. „Од 20.000 реклами кои секојдневно нè опсипуваат, само ретки успеваат да продрат низ нашиот ментален филтер. Повеќето од нив воопшто не ги регистрираме. Па дури и тогаш кога ги регистрираме, кога ќе допрат до нас, нашата доверба во нив е многу ниска“, објаснува Бајлхарц. И затоа компаниите преку инфлуенсерите посегнуваат по други канали за реклама.

Што е реклама, а што препорака?

Економски гледано, тоа е многу профитабилно. Меѓутоа, постои опасност инфлуенсерите да бидат инструментализирани. Но многу млади со тоа немаат никаков проблем. „Забележувам дека во интернет-заедницата сè повеќе млади луѓе сонуваат за тоа да станат влијателни“, укажува Јохен Мај кој тврди дека инфлуенсерите всушност се проституираат зашто за мислењето кое го застапуваат на своите блогови, постови и видеа, добиваат пари. Освен тоа, вели, станува збор за чиста скриена реклама.

Многу корисници воопшто не можат да разликуваат што е препорака, лично мислење, а што платена реклама. Станува збор за содржини кои на ниту еден начин не се означени како реклама како што тоа го пропишува законот. Додека на Јутјуб полека стануваат свесни за овој проблем и видео-клиповите често имаат ознака дека се спонзорирани, на Инстаграм - социјалната мрежа за објавување фотографии - воопшто не се внимава на тоа. Според важечките законски одредби, би требало јасно да стои: „Реклама“. Дури ни ознаката „спонзорирано“ или „промотивен спот“ не ги задоволуваат прописите, сметаат многумина правници.

Парични казни

Лаура Гутман (23) во рамки на иницијативата „Повеќе транспарентност на мрежите“ иницираше петиција во која се бара да се преиспита моменталната правна ситуација и да се спроведе законска реформа. Исто така се бара фирмите кои не ги почитуваат прописите да бидат парично казнети за скриена реклама. Во идеален свет социјалните мрежи би требало да се држат до правилата на игра, вели Гутман. Рекламите би требало да бидат транспарентно означени како такви и тоа би го прифатиле сите актери: и сите инфлуенсерите, и компаниите, но и корисниците.

Гутман, вработена во една осигурителна компанија, и самата е активна на интернет и следи некои влијателни, зашто вели дека ја инспирираат. „Но сè уште има многу инфлуенсери кои свесно лажат и мамат со фрмулации како 'откако со часови истражував на интернет, го најдов овој производ' или 'една пријателка ми го препорача ова'.“

Познато е, додава таа, дека некои фирми им даваат на влијателните и цели текстови кои мораат да ги изговорат или напишат. Многу од нејзините пријатели, вели, и покрај тоа слепо им веруваат и ги купуваат производите кои овие ги препорачуваат. Социјалните платформи, заклучува таа, така се претвораат во платформи за реклама и негативните коментари веднаш се бришат.

Стручњаците го потврдуваат тоа и додаваат дека на оваа пракса наскоро не ѝ се гледа крајот. Напротив, тие прогнозираат дека во неа ќе бидат вложени уште повеќе пари зашто компаниите станаа свесни за потенцијалот што се крие во влијателните на социјалните мрежи, а посебно на Инстаграм.

Извор: Deutsche Welle

ОкоБоли главаВицФото