Во Скопје здравиот разум е растворен во сулфурна киселина

24.01.2017 12:58
Македонците отидоа најдалеку во дрското присвојување на туѓото

Чекајќи некој од Велес да ми се јави на телефон, отидов на прошетка во центарот на Скопје, сакајќи патем да ги видам безбројните статуи на војсководци, политичари, револуционери, композитори и поети, без некаков голем ред подигнати последниве години по плоштадите и мостовите. Прочитав десетина констернирани текстови за тоа, но ниту еден навистина не можеше да ме подготви за она што го видов во живо. Во живо е да паднеш на газ во снегот, од Александар Велики и неговиот запенет пастув со импозантни тестиси високо над главите на минувачите, од крупните златни лавови кои на секој агол безгласно му ’ржат на граѓанството, од бетонската триумфална порта покриена со бели мермерни плочи со какви што се поплочени провинциските дискотеки и свадбени сали, од низата модерни згради на чии фасади се залепени гипсените барокни орнаменти, од статуата на Тоше Проески со микрофон во јуначката десница, до галиите како од „Пиратите од Карибите“, што божем допловиле во Вардар... тешко е воопшто со поглед да се опфати стравотијата која се случила овде. Некој напишал дека во Скопје умрел здравиот разум и добриот вкус, но сметам дека тоа баш и не одговара на вистината. Здравиот разум и добриот вкус во Скопје се обесени, изрешетани, распарчени, запалени и, на крајот, растопени во неразблажена сулфурна киселина.

Балканските народи, познато е, сакаат да жалат за себе. Сите ние, и Хрватите, и Србите, и Босанците и Црногорците, го фалсификуваме своето недостојно минато, ги прикажуваме своите овчарски прадедовци како побогати и попросветени, поотмени отколку што навистина биле, обично крадејќи австриски, млетски или француски господски традиции. Македонците во дрското посвојување на туѓото отидоа подалеку од кого било: Македонците, ако судите по центарот на Скопје, се полинезиско племе кое преку централна Африка некако стигнало во Баварија.

И тука, додека без зборови зјапав во низата комично-аматерски скулптури на македонските заслужници на оградата на мостот, неочекувано се укажа можно решение на загатката од Велес. Ако веќе државната власт сама прави ваков непростлив фалсификат, ако најугледните и најмоќни мажи од оваа земја потрошиле милиони на лажна историја на својот народ, на лажни столбови, фасади и галии, кој би осудил некакови провинциски мангупи ако малку лажеле и фалсификувале за Доналд Трамп? Таму каде што владее лагата, кој би можел да ги научи тие момчиња на вистинољубивост, да ги воспита во традиционалните хуманистички вредности како праведност, скромност, сочувство?

Фрагмент од текст во Јутарњи лист
Слики: Свирачиња

Слични содржини

Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Уметност / Историја
Јавни простори / Култура

ОкоБоли главаВицФото