Падови и поголеми падови

24.01.2017 14:59
Падови и поголеми падови

Бев многу нестабилно дете. На право одење ќе се сровав на колена, ќе станев и ќе продолжев, до следниот пад. Струпка врз струпка на колената, на големо незадоволство на мајка Драгица. „Гордана, како ќе облечеш розе хаљиница за књижици со тие колена?!?“. Нејсе, пораснав. Научив да одам, да трчам, та дури и на штикли добро балансирам. Научив и нешто друго – дека луѓето се соочуваат со многу пострашни и поголеми падови во животот. Пред некој ден, еден угледен Професор падна во моите очи.

Кога и јас самата како унивезитетски професор, за мој колега ќе го употребам поимот „угледен“, меѓу другото, мислам не само на стручните квалитети на колегата, за што, патем речено, не сум стручна да давам коментар, туку, пред сè, заради неговиот општествено – политички ангажман во последниве двеипол декади од осамостојувањето на Македонија. Станува збор за личност која беше еден од креаторите на Уставот на државата, беше министер за одбрана во Владата на Црвенковски, во чија Влада беше и министер за правда, како и министер без ресор во владите на СДСМ предводени од Црвенковски, Костов и Бучковски. Беше и еден од основачите и првиот директор на Агенцијата за разузнавање. Сега е советник во Советот на град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Лично, секогаш сум го доживувала Професорот како експерт, како човек со искуство и со чувство за државност, кој си ја разбира проблематиката и, без оглед која политичка опција ја претставува, секогаш на еден смирен, авторитетен и објективен начин говори за актуелните состојби во државата. Можеби многумина ќе ми префрлат за неинформираност и неупатеност во деталите на политичките пикантерии (сепак, јас сум само земјоделец), ама секогаш кај колегата ме привлекувал неговиот навидум воздржан, или барем, умерен пристап (а умереноста е доблест која жестоко ни недостасува) кон проблематиката за која говори. И, како што често бидува, опасно сум се излажала. Човекот е класичен политички симулант, односно кетман. И тоа со големо „К“.

Изнесувајќи ја оценката на една телевизиска дебата дека претставниците на СЈО пред редовните судови давале изјави како претставници на партии, а не како обвинители, Професорот, во контекст на скандалот со прислушуваните разговори, наведе дека во нашето општество мора да има катарза, односно целосно расчистување со аферата предизвикана од „бомбите“ на опозицијата, меѓутоа (внимавајте добро) НЕ СО ЗАФАЌАЊЕ СТРАНА ОД ПРАВНА ИНСТИТУЦИЈА КОЈА ГЛЕДА САМО ЕДНА, А НЕ И ДРУГА РАБОТА.

Да резимирам – според Професорот, СЈО е непрофесионална и необјективна институција и како таква, нема правен легитимитет да ги води случаите за кои е надлежна. Зошто? Е па затоа што држела прес-конференции за предистражна постапка, која сама по себе е тајна. Ако е така, тогаш со закон е заштитен и идентитетот на сите осомничени лица за сторени кривични дела, нели? Во која фаза беа постапките против Љубе Бошкоски или Велија Рамкоски, кога тие беа снимани со лисици на рацете?

Немам намера посебно да ја анализирам и коментирам ваквата одбранбена поза на актуелниот советник на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Скопје. Ниту, пак, јавно ќе го прашувам за тоа дали во неговото напрегање СЈО да не зафаќа страна и тој самиот очигледно не зафаќа страна. Уште помалку имам намера од него, како правник, да побарам коментар на срамното молчење и неколкумесечна неактивност на Основното јавно обвинителство по предметите кои потоа нималку нежно (со Пржинскиот договор) му беа оземени и предадени на СЈО. Најмалку имам волја од него да чујам мислење за еклатантните опструкции на редовните судови кон предметите на СЈО, каков што е последниот пример со случајот „Тврдина 2“, во кој се осомничени вработени во УБК, а судијката Лидија Петровска бара од СЈО да обезбеди декласификација на доказите од истата таа УБК.

Кетман. Професорот е кетман, или според Чеслав Милош, тој е свесен предавник, односно човек кој формално прифаќа друга вера или идеологија, но во душата останува она што отсекогаш бил: превртлив и прилагодлив на секоја ситуација или прилика. Човек кој учествувал во создавањето на највисокиот правен акт на државата, а тоа е Уставот, човек кој несомнено го знае правото и неговите основни начела, човек кој има напишано преку 120 научни трудови, е тој и таков човек јавно да се стави во одбрана на неправдата, претставува пад над сите падови.

Сигурна сум дека не верува во она што го зборува и дека само го одработува она што е побарано од него. Уште посигурна сум дека веќе утре, кога власта стрмоглаво ќе падне и на судски процесуирана виделина ќе излезат сите нејзини криминали и злоупотреби, истиот тој Професор ќе ја смени плочата и „стручно“ и „научно“ ќе ни го објаснува фундаменталното значење на релацијата „Нема правда - нема мир“. Само што - од некои падови, нема станувачка.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Били Даркарт

ОкоБоли главаВицФото