Криза на државата, а не на нацијата

25.01.2017 14:17
Криза на државата, а не на нацијата

Ако државата е чисто административна институција која им обезбедува добра и услуги на своите граѓани, а национализмот е сентимент, чувство на припадност кон еден народ, што мислите дека е во криза во Македонија денес: национализмот или државата како административна институција? Во криза сигурно не се чувствата на нашите народи кон својата нација: македонската, албанската, турската, српската, ромската, влашката, хрватската...

Во криза е нашата држава како институција, институција која се грижи за правдата, за благосостојбата и за безбедноста на граѓаните на Македонија, би додал: без оглед на националната припадност. Имено, бидејќи дваесет и пет години по прогласувањето на нашата независност, Македонија не може да се конституира како успешна функционална демократија обединета околу споделени демократски вредности, нашата држава станува проблем, како за нејзините граѓани, така и за меѓународната заедница. Незадоволните граѓани бараат повеќе правда, поголема безбедност и, дефинитивно, поголема економска благосостојба, додека незадоволната меѓународна заедница одбива да прифати корумпирани политичари да ја водат државата и да им бидат соговорници или партнери.

Задачата пред која е исправена новата влада е како нашата држава како чисто административна институција, да профункционира на еден демократски начин. Како да се разбуди заспаната енергија и да се насочи кон вистинските политики кои се производ на еден ефикасен демократски процес и на контролирана власт. Се разбира, дел од тој „административен“ потфат е и национализмот, поточно националната тема: сите народи да го имаат истото чувство на припадност кон Македонија, лојални кон својата држава како што државата е лојална кон нив. Во таа смисла, дебата за она што нè обединува или нè разединува (вклучувајќи ги и симболите на државата) е дел од ремонтот на нашата државна структура. Но, first things first, прво првата работа: да почнат да се реформираат институциите на државата согласно анализата на Прибе, а Специјалното јавно обвинителство непречено да го покрене тркалото на правдата.

Од аспектот на интересот на Македонија како држава, нема ниту една причина зошто ова не би било прифатливо за сите граѓани и за сите партии. Но, од аспект на засегнатите политичари, и нивната лична судбина, нема ниту една причина зошто тоа би било прифатливо. Тој прост факт – судбината на нејзиното раководство, во овој момент, ја исклучува најголемата партија од идната влада. Нè чекаат тешки денови затоа што рационалните размислувања за Македонија можат намерно да бидат поплавени од емотивните партиски изливи на македонски национализам кои немаат никаква врска со задачата пред нас – од нашата земја да направиме демократска и плуралистичка европска држава.

Ако тоа се случи, ќе биде голема штета. Штета, затоа што ќе нè внесе во период на опасна неизвесност. Штета затоа што нема да имаме демократска и контролирана власт сè додека и најголемата македонска партија не прифати да ја направиме демократијата „единствената игра во градот“, да се послужам со изразот на еден познат истражувач на демократиите во светот.

Извор: Плусинфо
Слика: Небојша Гелевски