Индијанците пијат жива сода, а Македонците нафта

26.01.2017 11:37
Индијанците пијат жива сода, а Македонците нафта

Во фантастичната патoписна книга „Животарења“, во поглавјето „Чудесии на езерото Моно“, Марк Твен опишува едно пеколно пусто место, вулканско езеро исполнето со трома, темна вода, лизгава ко сапун течна материја, за која се покажа дека била толку алкално заситена, што се работело всушност за чиста луга, лужина или за убиствената каустична „жива“ сода. Во езерото и околу него немало речиси никаков живот – сè било нагризено и изгорено од каустичната сода, а во водата можело да се избелуваат алишта како во варикина. Елем, тука Твен го крева нагоре своето ингениозно литерарно оружје и испукува директно во вселената. Пишува тој: „Белците не можат да ја пијат водата од езерото Моно зашто е таа безмалку чиста жива сода. Се раскажува, меѓутоа, дека локалните Индијанци сепак понекогаш си се напиваат од убиствената вода. Тоа воопшто не е така неверојатно, бидејќи тие се најголемите лажливци што некогаш сум ги сретнал.“ Хахахаха! Ма, какви ми ти богови во неписмено напишани свети книги: има ли повеличествено богојавление од средбата со Твеновиот талент? Замислете се малку, почитувани читатели, пред спиралната вертикала на оваа шега: веродостојноста дека невозможното е вистинито се темели на сигурноста дека станува збор за ноторна лага! Неповторливо! Всушност, повторливо – дури, бескрајно повторливо – во библиската Македоња Вечна, но, не како шега, туку отелотворена во нашата одвратна, глупава и тупава, досадна и банална, апсурдна и иритантна, општествено-политичка секојдневница.

Твеновиот опис на црниот опустошен пејзаж што го опкружува езерото Моно, неговите патописни сведочења за физичкото и хемиското девастирање на природата од нејзините сопствени елементи, во потполност одговара на духовната, моралната и културната девастираност на македонската општествена стварност. Темната и густа, лигава и разорна вода на Моно е кај нас менталната каустична сода на вмровската лага што ги разори сите вредности и културни вистини во земјава. Оваа разорна лага, ова убиствено соединение на злото и глупоста – исто како и живата сода – ги раствори уставните содржини на сите наши институции, ги испразни од доблест и смисла нашите културни и цивилизациски вредности, ги изопачи значењата на зборовите од нашиот јазик, ги претвори во црна ментална тиња нашиот идентитет, историја и национално самочувство. И, како во Твеновата хумористична пируета, вистината за нашата неверојатна реалност ја одржуваат зборовите на најголемите патолошки лажливци што светот ги видел! Вмровската лага го прави не така неверојатен фактот дека – како и домородните Индијанци околу езерото Моно - Македонците веќе десет години наместо вода пијат нафта!

Домородното население во Македоња Вечна веќе и не забележува дека Светото писмо на македонската државна сувереност – Уставот на Република Македонија, се прекршува со секој збор, потег, решение или активност на партиско-мафијашката држава на ВМРО, и тоа секоја секунда и секој миг од нивното владеење. Веќе навикнавме да не ѝ веруваме на сопствената интелигенција и разум, на сопственото поимање на значењето на зборовите, па единствената реакција на секојдневното кршење и дерогирање на Уставот е консултирање правни експерти и професори по право, од кои се очекува да дебатираат околу езотеричните ѓоа правни значења на зборовите што сите ги знаеме уште од претшколска возраст!? Инфантилизацијата на општеството е неминовна последица на кретенизацијата што дозволивме да се изврши врз сите нас, па денес врвните експерти по право и најкомпетентните институции спорат околу тоа дали зборот „да“ значи „не“ или „на“, дали зборот „може“ е „можеби“ и дали „мнозинство“ е „најмногу“. Да не бевме кретени, немаше да пристанеме за секое кршење на Уставот да чекаме ко мисирки потврда од еден нелегален, криминален и непристојно глупав Неуставен суд, зашто во можеби најважниот член од Уставот, во членот 51, пишува дека „во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите“, и, понатаму, во вториот став, дека „секој е должен да ги почитува Уставот и законите“. Секој! Овој моќен став би требало да биде темелот на граѓанската самосвест, достоинство и активизам: тој кажува, всушност, дека секој мора да го чита, разбира и применува Уставот. Уставот е Свето писмо на граѓанската сувереност што директно се применува!

Уставот треба директно да се применува од секој граѓанин, а не да се чека на толкување на неговите зборови од криминалци и кретени! На уставното „секој!“ денес веќе не треба да се додава „а, најмногу од сите Претседателот, Владата, Собранието и Уставниот суд“. Не! Уставното СЕКОЈ! подразбира дека граѓаните самите треба да го применуваат и бранат Уставот токму од овие запоседнати, окупирани и криминализирани институции на ВМРО!!

П.С. Сигурно се прашувате зошто ја „потрошив“ колумната без да кажам ниту збор за постизборните блујавици од македонската апсурдна политичка сцена? А, зошто би трошел? Ако славомакедонските, албаномакедонските и штогодемакедонските партии, и, конечно, целово општество сака да ја пропушти приликата да го собори фашистичкиот режим на ВМРО, правејќи се дека имавме нормални избори, во нормална земја, па сега се прават нормални комбинаторики за состав на влада; ако лагата во која сè уште живеат домородните Македонци во долината на Армагедон, ја прави не така неверојатна вистината дека сево ова време – и сè уште! – сите пијат тешка нафта, зошто би ја пиел и јас, кога ми се блуе од неа?

Извор: Слободен печат
Фотографии: Julien Coquentin