Мотиви од култни филмски наслови реконструирани од наши јавни личности во ЛГБТ календар

26.01.2017 17:56
Мотиви од култни филмски наслови реконструирани од наши јавни личности во ЛГБТ календар

„Trainspotting“, „Kill Bill“, „Malѐna“, „Les amours imaginaires“, „Pulp Fiction“, „Cries and whispers“ и „The Addams Family“ беа повторно „оживеани“ преку фотографиите на Жарко Чулиќ за календарот за 2017 година што го издаде Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“. За шминката на моделите се погрижи Васе Доковски, а дизајнот е на Игор Делов.

„Концептот за календарот произлезе од идејата на креативен и забавен начин да ја промовираме нашата организација, но пред сѐ вредностите за кои се залагаме и зад кои стоиме: демократија, слобода, еднаквост“, вели Ирена Цветковиќ, извршна директорка на Коалицијата, во изјава за Queer.mk.

Како модели во календарот се појавуваат македонската писателка, книжевна преведувачка и професорка Румена Бужаровска, новинарките Биљана Секуловска и Александра Бубевска, уметниците Ѓорѓе Јовановиќ и Јана Јакимовска, граѓанските активисти за човекови права Уранија Пировска, Ирена Цветковиќ, Славчо Димитров, Драгана Дрндаревска и други.

„Календарот е уште еден начин да зборуваме за световите кои сакаме да ги градиме и кои активно ги градиме со нашите другари, пријатели, соработници, поддржувачи. Тие беа и модели во нашиот календар“, објаснува Цветковиќ.

„Избравме луѓе кои ни се драги, блиски, но пред сѐ оние кои низ овие години дале огромен придонес во градењето на нашето општество врз постулатите на слобода и еднаквост“, додава таа. „Филмските сцени кои ги реконструиравме потекнуваат од филмови кои ни се особено драги и кои на свој начин зборуваат за теми кои се и во фокусот на нашата организација.“

Од Коалицијата се заблагодаруваат на сите учесници во „проектот“. Календарот ќе излезе и во печатено издание, кое ќе биде бесплатно дистрибуирано.

Календарот можете да го преземете и во електронска верзија овде.

Извор: www.queer.mk