1023 hPa
93 %
6 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 09:35
Не знам дали оние од ТВ Нова имаат меил адреси на оние будалине кои пред некоја вечер ѝ го штитеа задникот на Елизабет, за да им го испратат последното рангирање на „Транспаренси интернешнл“ и местото на Македонија како најкоруптивна држава во регионов (сосе Косово). Зашто голем, огромен дел во таа наша коруптивна трофејност се должи токму и на културата, сосе Елизабет топтан, се разбира. И сосе будалетинките од нивниот калибар – токму тие кои така здушно се ставаат на располагање на криминалната банда за сите дополнителни јавни манипулации со вистината. И кога велам дека еден голем, огромен дел во таа наша коруптивна трофејност се должи токму и на културата, сосе Елизабет, се разбира, и сосе нејзините клиенти низ целиот процес на создаваните должничко-доверителски односи во овој децениски некултурен разврат, мислам пред сè на „Скопје 2014“, на сите оние „конкурси“ за откупи на сè и сешто промовирани последниве години, но и на овој фамозен годишен конкурс со кој што божем се селектираат проекти „од национален интерес“! И чиишто клиенти, како што впрочем и видовме, толку загрижено инсистираат истиот да продолжи до недоглед. Воопшто и не сакајќи да размислат – ако можат, се разбира – за сите негови очебијни коруптивни страни и елементи, за небулозноста на еден таков „избор“ без финансиски квантификации, дури и без годишен финансиски извештај итн.
Што е тоа што овој начин на „селекција“ на проекти / програми „од национален интерес“ го прави толку коруптивен, толку сомнителен, толку анахрон и пред сè толку клиентелистички? Неколку битни, есенцијални елементи: наметнатата (или присвоената, сеедно) пресудна улога на министерот како политичко а не стручно / професионално лице, партизираноста и потенцијалната должничко доверителска инструментализираност на комисиите, сомнителната тајновитост и стручност на истите, финансиската неотчетност на министерот и Министерството, немањето критичка евалуација на претходно финансираните проекти / корисници итн., итн. И ова е само врвот на ледениот брег под којшто демнат уште десетици бирократски и партократски замки и „кваки“ кои што апликантите можат, но и не мораат да ги знаат. А во принцип, сеедно им е, знаеле – не знаеле исто им се фаќа, зашто бандитите одлучуваат според нивните тајни „критериуми“ и никому не полагаат сметка за тоа.
Подетално разглобени, посочените проблематични елементи изгледаат вака. На пример, врховната и неприкосновена моќ на министерот (во случајов за некултура) е показ за себе, недемократски реликт заостанат само во земји од профилот на фашизоидната Македонија. Тој министер – или во случајов министерка – е само и единствено политичко избрано лице кое што, како во нашиот случај, не мора да има никаква врска со ресорот (во случајов со културата). Дури може да биде и целосен дунстер (повторно како во нашиов случај). Но неговите прерогативи се само и исклучиво политички, преточени во политички одлуки (за генералните политики, стратешки прашања, кадровски прашања, меѓудржавни договори итн.) а не стручни и особено не финансиски (во смисла на директно „ракување“ со буџетските средства и плеткање во програми на институции!). Или, поедноставено, парите подалеку од политичарите! Ама што друго би правела нашава неука и, ќе простите, ама очигледно и неспособна министерка ако не се занимава токму со парите? Па тоа ѝ е партиска задача!
Понатаму, премногу е очигледна партизираноста на таканаречените комисии што решаваат за квалитетот на пријавените проекти и нивниот наводен „национален потенцијал“. Па не сме толку неуки и неинформирани, иако Елизабет нè есапи за такви. Впрочем, ни Македонија не е којзнае колкава за да не си ги знаеме (меѓу другото) и политичките афинитети. Од друга страна, секој, и буквално секој член на комисиите – или, еве, да се оградам само на комисијата за визуелните уметности – е директен клиент со минат труд на Министерството за (не)култура или партиите на власт. И нивните имиња ќе ги видите на сите списоци за откупи, за гостувања ваму или онаму, за изложби, за сè што може да се плати со буџетски пари. И тоа со тенденција секоја година да хипертрофира до невидени размери, како годинашниве дури три платени од буџетот изложби на Ацо Станковски алијас Сарајлија! Се разбира, секој долг мора да се (на)плати, на еден или на друг начин.
И, кога сум веќе кај комисиите, очебијна е дискрепанцата на составите на сите комисии по т.н. уметнички дејности и стручноста на членовите во истите. И за тоа сум пишувал неколку пати, а особено за фактот дека ликовните уметници – сликари, скулптори, графичари итн. – се нестручни за работата што им се дава односно што ја вршат. Зошто? Затоа што тие се (об)учени да создаваат, а не да (пр)оценуваат, тие се автори но не и критичари односно историчари на уметноста. Тие, генерално, не се подготвени да ја (пр)оценуваат потенцијалната уметничност и издржаност на проектите, зашто тоа не им е работа ниту пак имаат такво искуство! Ама се, изгледа, полесни за манипулација и подобри клиенти?
На крајот, она што е најсомнително и што настојчиво се крие како змија нозете се финансиските квантификации на „избраните“ проекти односно средствата доделени за секој проект одделно. Тоа никој жив вон еден тесен круг во нашено Министерство за (не)култура не смее да го знае зашто тогаш сите маски паѓаат и вистината односно политизираноста, манипулацијата, лагата, кражбата … излегуваат на светлината на денот. Се разбира, тоа нема да остане тајна, како што и ништо друго не успеаја да сокријат бандитиве. И ќе се види кој е кој и што е што. Само не знам во која глувчешка дупка ќе се кријат сегашниве „стручњаци“, „експерти“, независни и божем неинструментализирани уметници од калибарот на госпожа Вангели кои така лесно, шаком и капом делат квалификации за квалитет, но и грдни пари на нивните идеолошки колеги, пријатели, интимуси и разноразни други бараби!
Поврзани текстови:
Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Свирачиња