Проглас за заштита на достоинството на македонскиот писател и на македонската книжевност

27.01.2017 17:16
Проглас за заштита на достоинството на македонскиот писател и на македонската книжевност

Годинешната програма за остварување проекти од национален интерес во делот на издавачката дејност е конкретен доказ дека уривањето на писателското достоинство и деградирањето на книжевните вредности од страна на државата ja доживea својата највисока точка. Тоа се случи со потпис од министерот, како претставник на државата, и со потписите на членовите (со претседател, потврден преку „капиталните проекти“) на комисија, кои се согласија да го жртвопринесат и своето професионално и човечко достоинство за да учествуваат во тој неморален чин на деградирање и на писателот, и на книжевните вредности на денешницата. И на најгруба, вулгарна политизација на книжевноста, ако сме докрај искрени.

Затоа, не можеме ни да го премолчиме, ни да го дозволиме ова.

Годинешната програма е олицетворение на отсуство на волја проектите да се оценуваат според нивната книжевна вредност, туку, сосем очигледно, тоа да се прави според политички, па и бизнис-критериуми. Години наназад беше така, но овојпат е достигната точката што веќе не може да биде пониска.

Поради таквата поставеност на „критериумите“ во годинешната програма:

- не се најде ниту едно дело на авторите, првенствено прозаисти, кои се потврдија како носечки имиња на новите вредности на македонската проза, оценети и од критиката и од читателите, но не се најдоа ни ракописи од некои од најпотврдените македонски авторски пера, со исклучок на неколкумина. Притоа, станува збор токму за оние автори што јавно изнеле критички став кон власта или, пак, не се во групациите на бизнис-писатели што имаат тесна соработка со неа, и тоа во време на слобода на говорот, замислете;

- додека нема средства за овие автори, има за преводна популарна книжевност, која иако може да функционира финансиски независно и нема потреба да се финансира од државата, од година во година влегува на сè поголема врата во програмата, со што најверојатно сме единствен пример на држава во светот што отворено, транспарентно, со буџетски средства финансира и поддржува тривијалност во книжевноста и отворено, јавно го поттикнува тоа како некаков образец за книжевна вредност;

- се поддржуваат проекти од областа на преводната литература од издавачи што имаат традиција на срамно несериозен пристап кон преводната литература и кои се потврдиле со едни од најнеквалитетните книжевни преводи во изминативе две децении;

- од една страна, се настојува средствата да се централизираат кај едни исти издавачи секоја година, а, од друга страна, се маргинализираат други, независно од тоа што некои од нив во својата издавачка продукција ги имаат токму оние дела што се високо рангирани на вертикалата на македонската книжевност на 21 век;

- се маргинализираат периодичните публикации за книжевност, при што за некои се одобрени недопустливо мал број броеви на годишно ниво, а се оди и дотаму што за некои не е одобрен ниту еден број, по повеќедецениско постоење во кое се потврдиле како едни од стожерите на книжевната традиција;

- македонските автори по бројност речиси се изедначени со оние од преводната литература.

Оваа програма има уште многу срамни карактеристики. Но, и овие се доволни за да ги претстават небулозите, парадоксите и погубните решенија карактеристични за неа. Катастрофата немаше да биде толкава доколку книжевната вредност или степенот на сериозност на издавачкиот проект беше причината за нечија дисквалификација. Оваа програма е класичен пример како државата и политиката можат некомпетентно, безобразно и тенденциозно да се обидуваат да си поигруваат и со книжевната стварност. Но, овојпат, само да се обидуваат.

 

Со оглед на тоа дека не можеме да дозволиме овој обид за обезличување и посрамотување на книжевната стварност од страна на мал број некомпетентни лица да успее, јавно бараме:

- поништување на објавената Годишна програма за 2017 година;

- утврдување јавно достапни, општоприфатени критериуми за одредување членови на комисијата што ги вреднува ракописите и издавачките проекти (јавно соопштуваме дека сме подготвени да ги дадеме нашите првични предлози за овие критериуми), при што за секоја категорија издавачки проекти може да има одделна комисија, како и на критериуми за сите други комисии од областа на издаваштвото и книжевноста, формирани од државата;

- утврдување јавно достапни, општоприфатени, единствени критериуми за оценување на ракописите, односно на издавачките проекти;

- промена на севкупниот концепт на утврдување на програмата, преку разгледување повеќе посоодветни модели, кои во исто време ќе овозможат секој пристигнат ракопис или проект темелно и студиозно, критички да биде прочитан од секој член на комисијата, кој ќе биде обврзан да се произнесе со писмена аргументирана критика (на пр., модел на отворен годишен конкурс, анонимно конкурирање на авторите и сл., што ќе овозможи и поголема авторска посветеност на проектите и постудиозен пристап на комисијата);

- задолжително писмено образложение на секоја оцена на комисијата, со утврдени задолжителни елементи на аргументација;

- задолжително намалување на вкупниот број издавачки проекти со кои може да конкурира еден издавач на Конкурсот за финансирање проекти од национален интерес (предлог – најмногу 15 наслови), со што, од една страна, и самите издавачи би поставиле построги критериуми за книжевните вредности на проектите, а, од друга страна, на комисиите би им се овозможило повеќе време за оценување на пристигнатите проекти;

- донесување единствени, општоприфатени критериуми за сите конкурси на државата што ги засегаат издавачките, односно книжевните проекти;

- донесување општоприфатени принципи на одлучување за начин на реализација на државните проекти во областа на издаваштвото;

- донесување единствени критериуми за авторски хонорари во областа на издаваштвото и книжевноста за проекти финансирани со средства од буџетот на Република Македонија;

- целосна департизација на државните одлуки во областа на издаваштвото;

- подготовка на нова годишна програма по исполнувањето на барањата.

За овие барања Министерството да не разговара зад затворени врати и да не ги банализира, без да го чуе нашиот глас, кој сака да го стиши до степен на нечујност. Да не се обидува потем на јавноста да ѝ претстави дека барањата се реализирани. За да бидат реализирани, овојпат навистина ќе треба да го слушнат и да го разберат нашиот глас. За секое барање имаме конкретен предлог и конкретен став и тие нема да подлегнат на ниту една политичка одлука или понуда. Нас не нè интересира ниту бизнис, ниту политички интереси. Нè интересира само зачувување на достоинството на македонската и преводната книжевност.

Свесни сме дека голема е веројатноста нашата реакција на овогодинешната програма за остварување проекти од национален интерес во делот на издавачката дејност да биде предмет на манипулација, и затоа децидно се оградуваме од секаква политичка партија или „платформа“. Во Министерство конкурираме со книжевни дела, а не со политички памфлети, и сметаме дека единствено треба да се вреднува книжевниот квалитет на делото - оттаму, секое партиско етикетирање од страна на Министерството ќе биде проѕирен обид да се дискредитира нашата искрена намера за зачувување на достоинството на македонскиот писател.

И нека не се обидуваат преку некакви бројки и флоскули да го негираат она што е факт. Оти и реалните факти и бројки, иако сме писатели, ги знаеме и можеме да ги изложиме и да ги споредиме.

Јавно известуваме дека доколку не се реализираат овие барања, кај секој од авторите што се потписници на овој проглас, и покрај недостигот на средства за објавување на новосоздадените дела, целосно ќе биде скршена волјата за учество на конкурси и во проекти поддржани или реализирани од државата. Никој од нас не би сакал покритие на злосторот што може да ѝ се нанесе на македонската книжевна реалност со ваква некултурна „културна политика“, како оваа демонстрирана во програмата за 2017 година.

 

Јавно ги повикуваме и сите други автори, издавачи и здруженија да се приклучат кон овој проглас. Не поради одбиените автори и проекти. Туку за достоинството на македонската книжевност и култура.

Петар Андоновски

Венко Андоновски

Николина Андова Шопова

Игор Анѓелков

Зоран Анчевски

Олга Арбуљевска

Долорес Атанасова - Лори

Румена Бужаровска

Ѕвездан Георгиевски

Митко Гогов

Ана Голејшка

Живко Грозданоски

Димитрие Дурацовски

Лилјана Дирјан

Лидија Димковска

Богомил Ѓузел

Ѓоко Здравески

Благоја Иванов

Јовица Ивановски

Драгана Ефтимова

Кица Колбе

Сашо Кокаланов

Ѓорѓи Крстевски

Ристо Лазаров

Дарко Лешоски

Мане Манушев

Стефан Марковски

Владимир Мартиновски

Калина Малеска

Снежана Младеновска Анѓелков

Јагода Михајловска Георгиева

Горјан Милошевски

Силвија Митевска

Горана Митровиќ

Тихомир Јанчовски

Срѓан Јаничијевиќ

Ирена Јорданова

Ненад Јолдески

Томислав Османли

Фросина Пармаковска

Александар Прокопиев

Југослав Петровски

Иво Петровски

Винка Саздова

Љупчо Сиљаноски

Маја Стевановиќ

Давор Стојановски

Олгица Станковска

Милован Стефановски

Снежана Стојчевска

Сашо Тасевски

Оливера Ќорвезироска

Магдалена Хорват

Ивица Челиковиќ

Катица Ќулавкова

Иван Шопов

 

Скулптури на сликите: Далтон Гети

ОкоБоли главаВицФото