Фрчат шамари на сите страни

27.01.2017 23:33
Фрчат шамари на сите страни

Многу ме интересира кои загари сега ќе ги ангажира Елизабет за да ѝ го покријат срамот односно, барем малку, да го амортизираат аперкатот на Ристо Лазаров за годинашнава „програма“ за издавачка дејност во рамките на фамозната Годишна програма за финансирање на националниот интерес во културата. Зашто Лазаров им срочи терминирачка дијагноза, ја пикна в шише и им ја испрати низ смрдливион Вардар. А во шишето, заедно со „програмата“, попатно ги настега и сите други факти околу издавачките „напори“ на нашево Министерство за (не)култура и нивните „епохални проекти“ со кои што нè замајуваат толку години трошејќи државни пари и делејќи си екстра дебели хонорари за дебилните им услуги. Од „Ѕвездите на светската книжевност“, преку едицијата „Нобеловци“, па до неписмените преводи – сите до еден лукративни тезгарошки чекмеџиња на нашите гооолеми литерати. И тој, повторно, заедно со сè друго, го постави клучното прашање: зошто ова Министерство (кое што Лазаров шеретски го преименува во Министерство за благодарност!), покрај толку издавачи, се јавува како носител на сите тие „проекти“? Толку ли е, богати, стручна таа Елизабет, сосе „тимот“ околу неа, па умеат самите да реализираат сè во оваа национална култура, од откупи на ликовни дела, преку конкурси за сценарија, музики и музички заебанции, па до „епохални“ издавачки продукции? И зошто тогаш воопшто им се потребни издавачи, национални институции, директори во истите (прашање на кое што посебно ќе се навратам следниот пат!)...? Зошто Елизабет и „тимот“ не укинат сè околу нив – и така се покажува непродуктивно – и не ја земат целата работа во нивни „стручни“ раце?

Да бидам искрен – не ме зачуди реакцијата на Лазаров. Не му е прва. И на место е, како што треба. Некој од малкуте останати сериозни и со непоматен углед писатели мораше тоа да го направи.

Ама ме зачуди, да не речам запрепасти, една слична реакција, наречена „Проглас за заштита на достоинството на македонскиот писател и на македонската книжевност“, од поголема група македонски писатели која што се појави веднаш по реакцијата на Ристо Лазаров. Или, можеби, двете реакции се синхронизирани, не знам, ама јас прво ја прочитав онаа на г-дин Лазаров, а потоа оваа другава. Нејсе, Прогласот го потпишуваат 56 македонски писатели, меѓу кои и некои за кои што не сум ни знаел дека се писатели – што секако е мој пропуст – и ја прават пуздер и Елизабет, и нејзиниот „тим“, и годишната програма за издавачка дејност, и сè друго по список! Просто човек да се најде во чудо од каде таа и таква смелост? Шамари фрчат на сите страни, меѓу нив и такви што велат дека „Годинешната програма е олицетворение на отсуство на волја проектите да се оценуваат според нивната книжевна вредност, туку, сосем очигледно, тоа да се прави според политички, па и бизнис-критериуми. Години наназад беше така, но овојпат е достигната точката што веќе не може да биде пониска“!

Иако ни ваквата смелост не е толку мистериозна имајќи го предвид политичкиот развој на настаните кај нас и речиси извесното тонење на „националниот брод“ на којшто многумина (дури и од потписниците!) се шлепаа сиве години. На пример, писателон-митоман кој цинички јавно се заебаваше со младите кои протестираа во театарот „Комедија“? И со „Шарената револуција“ и со сè друго што претставуваше опозиција на криминалциве во државава? Па дури делеше и награди во името на шефот на мафијата! И кој, патем, седи во сите одбори, пододбори, комисии и поткомисии на сите проекти за издавачка дејност на Елизабет, особено оние „големите“, „значајните“?! Значи ли ова дека ќе ги врати сите тие незаслужени хонорари? Па до него некои МАНУ-ковци кои така лагодно си ги поминаа овие десет години на крилјата на нивните „национални чувства“, дури и директорувајќи со престижни литературни манифестации, па си ги вработија жените во национални институции, колку да имаат барем за џепарлак, и за пензија. Уште фалеше да го видевме и потписот на Санде Стојчевски на Прогласот!

Од друга страна, некои од спомнативе сепак се наоѓаат на списокот на прифатени автори во годинешнава програма (на пример Венко Андоновски), па и во минатите години, и тоа некако не можам да го разберам. Дали, сега, ова значи дека тие претходно, и вчера, прифаќале да бидат оценувани вон, како што велат, „нивната книжевна вредност“ и „според политички, па и бизнис-критериуми“, ама сега одбиваат тоа да го прават во иднина, или… не знам како да го толкувам? Јас инаку верувам во моќта на нивното инженерствување со човечките, па и нашите предавнички души, ама ова е тотален инженеринг, нели?

Со ова, секако, воопшто не сакам да ја минимизирам улогата на останатите потписници и нивните, верувам, искрени заложби за конечни промени. Многумина од нив ги слушавме и читавме низ годиниве со истите или слични критики на востановените коруптивни механизми на одлучување во тоа Министерство. Но, особено важен, ако сакате круцијален е токму овој нивни заеднички потег во овој миг како поддршка и на другите отворени критики не само на таканаречената годишна програма, туку и на целокупниот инсталиран систем на партиски апаратчици и нивниот диригиран начин на одлучување во тоа Министерство!

Не сум сигурен што и како може да се очекува како контра-удар од Елизабет и нејзината тајфа платеници. Не е чудо веќе утре да се појави контра-проглас од оние македонски „величини“ кои секоја година ги читавме низ сите програми како наш врвен национален интерес. Зашто нашите ренџовци и лужини, саркањци и смилевци, ташковци и клетниковци, урошевиќи и силјановци… се презадолжени кај оваа власт и мораат да играат според музиката што газдите (ќе) им ја сервираат. И играат, се разбира. Ќе видиме до кога, зашто и нивното раслојување веќе е евидентно! А светнува и нов ден, а тие, кутрите, се навикнати на – мрак.

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Скулптури на сликите: Шери Бојл

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото