1022 hPa
81 %
9 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 11:59
Зовре гравот, почна да се поткрева капакот на тенџерeто: резултатите од последниот конкурс за издавачка дејност на нашето актуелно, сакано и никогаш непрежалено Министерство за култура, најголемиот дел од тукашната (каква-таква) писателска фела ги дожвеа како своевиден десант врз македонската книжевност. Која и онака долги години се препелка низ мочуриштата на власта, без компас, без надеж. Во светската литература, одамна, многу одамна се множат разни апсурдни и фантомски министерства (Министерство за болка, на Дубравка Угрешиќ, на пример), па така и ние си добивме едно такво министерство - Министерство за благодарност, во лицето на Министерството ни за култура. Сте забележале, безбели, дека секој наш уметник кој дома, а особено во странство ќе постигне поголем успех, телевизиските интервјуа ги започнува или завршува со благодарност до Министерството - небаре лично министерката ги отсвирела концертите на Симон Трпчевски или ги испеала ариите на Благој Нацоски (нека ми простат што само нив ги спомнувам за пример). Се создава уверување дека Министерството има разбирачка за културата, а и привид дека небаре ги финансира дејностите на нашите уметници од некаков фантомски фонд, а не од даночните оптоварувања на граѓаните. Е, како да бидеш неблагодарник во такви опколности!?
Кожата на нашата уметност (и на предводното министерство, секако) на тој начин се маслосува, станува лигава. Наместо да се ретчат, сè повеќе се котат мрачните лавиринти кои треба да изврви еден уметник за да каже и покаже што знае, што умее. А не можеш да влезеш и во тие лавиринти ако не го исполнуваш ословниот предуслов - да си „наш“, со тапија, немој случајно некое крпче од облеката да ти мириса на „нивните“, тогаш - цурик!
Не дека немаме уметнички достигнувања, навистина завидни, ама да не се мавтосуваме: ние живееме, целата транзиција речиси ја живееме, како процес на изразита етатизација (и централизација) на културата. Згора и како монструозна естрадизација на културата: сè што „пали“ кај масите се прогласува за култура. Што не значи дека и етатизацијата и естрадизацијата не изродиле и нешто полезно, ама што сигурно значи дека таквата посока води директно во амбисот, од кој ја може, ја не може да се излезе; директно на празен железнички перон, зашто веќе си заминал возот. Во возот бил кумот кој ни го однел умот.
Нашата културна слика и прилика најдобро се гледа во медиумите: на прсти се бројат тие коишто колку-толку издвојуваат некое просторче за култура. Ничкосани се цели културни сектори по медиумите. Можете ли некому од страна да му кажете, а да не пукнете од срам, дека во културните редакции на некои наши централни медиуми работат по еден до двајца новинари, при што најмалку од половината воопшто и немаат културни редакции?!
Нашата културна слика и прилика се гледа и во бришење на минатото, во прогласување за „џуџе од Небрегово“ на нашата најскапоцена вредност на минатиот век, во лустрацијата на нашите највидни книжевни класици. Дошло, демек, времето на духовната обнова и изградба: Скопје 2014 и сè што оди со него. Тури му пепел на сè што било (освен на антиката, де), сака превреднување и тоа такво што од нас ќе почнува сè што ќе го носи атрибутот македонски. Таквите фрустрации се бранат агресивно, поточно уште поагресивно се напаѓа - нормалноста. Во занесот на тој „нов почеток“ си добивме и национални уметници (имаат-немаат опус, важно талентирани се и поважно - наши се), и национални пензиионери, итн., итн.
Во таков амбиент, книжевноста (сосе издаваштвото) ни е фрлена во мочуриште. Сведоци сме на децениско потценување на авторскиот труд: Министерството за благодарност, имено, мисли дека еден писател со два-триесет книги зад себе треба да му прави темане и евала, оти авторскиот труд за една стихозбирка се вреднува 500 евра, а за еден роман 100-200 евра повеќе!? Па каде го има тоа? Никаде! Наградите на Друштвото на писателите на Македонија за најдобри книги во областа на поезијата, прозата, есеистиката и литературата изнесуваат, ако не сте знаеле - 20.000 денари. Та, кај можат нашите писатели со текстописците и пејачите на забавните фестивалски ноти?! Ви се молам. Ако падне некое лижавче во вид на патување во странство, апсолутно предимство пак имаат „нашите“. Белки некогаш некому во Министерството за благодарност ќе му падне на ум прашањето: што значи во сопствената татковина да те есапат за туѓ, само затоа што не ти доаѓа умот и не мислиш како „нашите“?
А што да мисли просечно здраворазумен човек, кога ќе се соочи со фактот дека тиражите на книгите објавени во педесеттите години во тогашна Народна Рерпублика Македонија, при толку кампањи за описменување на народот, биле најмалку 50, па и до 100 пати поголеми од сегашните книги што се продаваат денес (да се спомнува ли дека книжарниците се немилосрдно и систематски ничкосани?!). Со години се турка еден проект (море, проектиште од 350 томови!) на „Ѕвездите на светската книжевност“. Само некои издавачи се досетиле да допечатат по стотина од тие книги и да ги понудат на продажба. А книгите од базичниот проект каде се, колку чини проектот? Колку чини преобјавувањето на наеднаш родениот нов проект „Нобеловци“ во кој, се разбира, има добар дел книги што веќе се објавени? Зошто се преобјавуваат Нобеловците, а не и нашите починати класици? Пред некоја година беше гранде проектот - 130 томови македонска книжевност, кој потем се преведе и на англиски. Пеки. И пак истото прашање: каде можат да се купат книги од тој проект? А преводите, повеќето стокмени за неколку месеци, поарно и да не ги спомнуваме. Од срам. Ако не се знае, да се подвлече - носител на сите тие гранде проекти беше токму Министерството. При толку многу издавачи што, еве, се јавуваат на конкурсите? Зошто? Ситни зајадливости и малициозности намерно ќе избегнуваме. А и можебни не се баш ситни, но за тоа си има други.
Со ваквите потези нашето издаваштво (сосе писателите) се крајно понижени и маргинализирани, притегнати во челустите на власта. Каде има на друго место државата на невидено (од лани почнаа да се бараат и готови дела на комапкт-дискови, што полошо) да одлучува кои книги ќе се печатат? Зашто, за жал, положбата на нашите издавачи што ги има во претерано голем број, е таква што без помош на министерството можат да се сликаат. Има и примери на објавување на книги без помош од Министерството за благодарност, ама тие се бројат на прстите од двете раце. Но, најретки се примерите издавачите да имаат вработени уредници, лектори, дизајнери. Човек-фирма, не отшто се сака, ами отшто се мора.
Покој на душата и на списанијата за книжевност, од кои некои (Разгледи, Современост) важеа за носечки столбови на нашиот книжевен живот.
Врти-сучи, од далеку се гледа дека нашиот книжевен живот во целина е заглибан во мочуриште, чија што тишина навечер ја разбива крекањето на жабите. Бранко Миљковиќ беше напишал дека „еден ден сите ќе пишуваат поезија“. Во меѓувреме, нашата книжевност ја најавна судбината на Марко Крале: изденуден ја губи моќта, а ние си веруваме дека ја има. Којзнае како ќе ги именуваат во иднина оние што ќе пишуваат „песни“. А и којзнае каква фирма ќе му истопорат на Министерството за благодарност.
Оние кои паметат подолго, си спомнуваат дека во времето на Тодор Живков во соседна Бугарија, кога за министерка на културата беше поставена ќерка му Људмила, на насловната страница на бугарскиот сатиричен весник излезе афоризам: „Не се плашам од министерката за култура, ами се плашам од културата на министерката“. Има наши кои често одат таму и би можеле да направат некаква паралела со статусот на книгата и книжевноста таму и тука.
Извор: Плусинфо
Скулптури на сликите: Maurizio Cattelan