Новите Европејци (2)

28.01.2017 14:04
Новите Европејци (2)

Шаранџит Пада, 26 години, Лондон. „Родена сум овде. Вистинска Лондонка сум. Секогаш се чувствував добредојдена - ако ништо друго, мислам дека моето културно наследство направи да бидам попочитувана“, вели настанвичката Шаранџит Пада. Таа сака имигрантите да бидат прифатени, но исто така да ја прифатат британската култура: „Тоа е однос на давање и земање.“

 

Од Втората светска војна Германија примила околу 50 милиони имигранти. Секој осми сегашен жител е дојденец. Сепак, кога Ангела Меркел на 1 јуни 2015 јавно рече дека Германија е Einwanderungsland – „земја на имигранти“ – весникот Frankfurter Allgemeine Zeitung таа изјава ја нарече „историска“. Со децении политичката партија на Ангела Меркел, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), го одбиваше таквиот назив и ја форсираше Германија од своите соништа. „Бевме земја на имигранти која го негира тоа“, вели Мартин Лаутербах, раководител на Програмата за интеграција во Сојузната канцеларија за миграции и бегалци, попозната по својата германска кратенка БАМФ.

Првите имигранти биле етнички Германци, околу 12 милиони. Протерани од Источна Европа на крајот од војната, дошле во осиромашената земја разорена од бомбите. Без оглед на тоа што се Германци, често не биле добредојдени. Ерика Штајнбах, народна пратеничка од Христијанско-демократската унија од Франкфурт, раскажува како побегнала од Полска со мајка си и помладата сестра, стигнувајќи до некоја фарма во Шлезвик-Холштајн. „Кога мајка ми бараше млеко за сестра ми, фармерот ѝ кажа дека сме полоши од бубашваби“, вели таа. „Немаше многу топлина“.

Уште помалку топлина имало за Турците. За време на педесеттите и шеесеттите години од 20 век, економијата во Западна Германија забрзано се развиваше и ѝ беа потребни работници. Работната сила беше регрутирана прво од Италија, потоа од Грција и Шпанија, но најмногу од Турција. Главно доаѓаа мажи кои работеа во фабриките и на градилиштата. Спиеја во заеднички простории и бараки. Ни работниците ни работодавачите не очекуваа дека работниците ќе останат – тоа биле гастарбајтери, привремени работници, а не имигранти. Се враќале во Турција по една или две години, носејќи ги дома заштедените пари. На нивно место доаѓале други „гости“.

Тоа била идејата, но реалноста била поинаква. Работодавачите не сакале да ги губат работниците кои веќе ги обучиле. Работниците почнале да ги доведуваат своите семејства. Фатих Еврен вели дека неговиот татко ја донел жената и трите деца – а, Фатих се родил подоцна во Германија. „По извесно време се одомаќинил“, вели Еврен. „Беше добро да се работи во Германија и добро да се заработува.“ Во Бебра, работничко гратче осум километри од Ротенбург, Еврен сега е секретар во турско-муслиманскиот центар во џамијата. Неговиот татко во 1983 година учествувал во основањето на тој центар.

Програмата за „гостинските работници“ е укината во 1973 година, кога арапското ембарго за нафта предизвика рецесија. Но, денес во Германија живеат околу 3 милиони луѓе со турско потекло. Речиси половината од нив се државјани на Германија. Некои се истакнати во општеството - како Чем Ездемир, еден од лидерите на Зелената партија. Она што го забележав за време на разговорот со обичните Турци е нивниот воспоставен двоен однос спрема Германија.

„Да се биде 'гостин' во некоја земја со децении е лудо“, вели Ајша Кесе Кучук, социјална работничка од Кројцбург, берлински кварт во кој живеат многу Турци. Таа дошла во Германија на 11 години и тука живее последните 36 години. И понатаму не се чувствува прифатено, а ни нејзините деца. „Моите деца, на кои никогаш не сум им рекла: 'Вие сте Турци', почнаа да зборуваат: 'Ние сме Турци' уште во четврто одделение“, вели таа. „Зашто беа избегнувани. Тоа ме боли.“ Сепак, за неа Кројцберг е домот што го сака.

„Дојдовме како работници и како работници се интегриравме, но не и како соседи и граѓани“, вели 44-годишниот Ахмет Сезен кој е роден во Берлин. Како што вели, тој не може сосема да се интегрира во општеството во кое не припаѓа неговиот татко. Од друга страна, во Бебра сите жители меѓусебно се познаваат, а Турците одржуваат годишен фестивал на градскиот плоштад. Фатих Еврен вели дека интеграцијата функционира. Меѓутоа, иако е роден и израснат во Германија и има многу пријатели Германци, тој сака да биде погребан во Турција.

Исра Али Саалад, 10, Шведска. Во мај 2015, 10-годишната Исра Али Саалад дошла во Малме од Могадишу со мајката и двете сестри. „Причината поради која дојдовме во оваа земја е затоа што е безбедна“, вели нејзината сестра Самсам, која има 19 годиnи. Искуството на Самсам во Шведска е добро, „освен што баш и не го научив јазикот.“ 

Никогаш не беше лесно да се чувствувам сосема прифатен во Германија, а тоа е така дури и за некои Германци. Родителите на мајката на Кристијан Гринвалд биле бегалци – Германци од српска Војводина кои по војната се нашле во Ротенбург. Неговата мајка ми ја раскажа таа приказна едно попладне во касарната Алхајмер. Се наоѓавме во старата стражарница, опкружени со поранешните затворски ќелии полни со донирана облека; Гизела Гринвалд ги координира акциите на Црвениот крст, кој собира облека за денешните бегалци.

Мајката на Гизела сега е во дом за стари лица. Таа по потекло е Германка, во Ротенбург живеела 65 години, нејзиниот внук е популарен градоначалник – а, сепак, вели Гизела, неодамна некој ѝ рекол: „Ти не си Германка“. Изгледа дека ни по толку долго време не се ослободила сосема од акцентот кој со себе го донела од Србија.

Германија научи некои лекции од искуствата со Турците и другите имигранти. Во последните 16 години условите за добивање државјанство се ублажени. Сè до 2000 година мораше да имате германска крв – односно барем еден од родителите да биде Германец – за да станете државјанин на Германија. Сега, ако сте легално населени во Германија најмалку осум години или сте дете на таква личност, може да добиете државјанство – а, во некои случаи и да го задржите и старото.

И покрај тоа, според новиот закон усвоен 2005 година, германската држава обезбедува курсеви за интеграција – најмалку 600 часови настава по јазик и 60 часови настава за германскиот начин на живот – за сите азиланти или оние што имаат реална шанса да добијат азил. Сојузната канцеларија за миграција и бегалци вработува илјадници нови работници за да обработат стотици илјади натрупани барања за азил и годинава инвестира половина милијарда евра во програми за интеграција. Оваа служба проценува дека во 2016 година 546.000 луѓе посетуваат курс.

Германските политички кругови денес едногласно признаваат дека на земјата ѝ се потребни мигрантите. Во Германија годишниот број на починати луѓе е за речиси 200.000 поголем од бројот на родените и таа разлика постојано се зголемува. Населението би се намалувало без имиграција. Берлинската невладина организација Институт за популација и развој проценува дека на Германија, доколку сака да го одржи бројот работоспособни жители кои ги финансираат сè побројните пензионери, ѝ се потребни околу половина милион имигранти годишно сè до 2050 година.

Но, голем дел од бегалците не се квалификувана работна сила каква што ѝ е потребна на Германија – или дури не се ни подготвени да учествуваат во државните програми за обука. Се проценува дека најмалку 15 проценти од имигрантите се неписмени. Многу други, според германските мерила, не се доволно образовани.

Во стручното училиште во Бад Херсфелд кај Ротенбург, присуствував на часовите на имигранти кои добиле две години да го совладаат јазикот и знаењата потребни за да добијат диплома за завршено основно училиште, што е неопходно за да изучуваат некој занает. Повеќето од нив се премногу стари за основци. Во едно одделение го препознав Мустафа, 17-годишен Авганистанец со тажен израз на лицето кого го запознав претходниот ден во домот за деца бегалци, кој го води фондацијата Бајзерхаус, во која работи и Дам. Мустафа ми вели дека е задоволен во Германија, не само зашто сега е безбеден туку и затоа што може да оди на училиште; во неговото мало село во Авганистан, каде чувал овци и магариња, го учеле само Куранот.

Нишатар Пал, 92, Лондон. „Дојдов тука затоа што мојот Сардарџи доје од Индија, за да ги образува нашите деца“ вели 92-годишната Нишатар Пал, зборувајќи за својот сопруг. Откако дошла во 1970, нејзиното семејство во Лондон веќе одгледало две генерации. „Среќна сум овде, многу среќна.“ 

Повеќето мигранти во Бад Херсфелд можноста нешто да научат ја сметаат за подарок, вели директорот на училиштето Дирк Бојлсхаузен. „Многу Германци учењето го сметаат за должност, што е лошо.“ Меѓутоа, постојат ограничувања кои не можат да се заобиколат дури ни со силна волја и желба. Јохана Мец, една од локалните социјални работнички, смета дека речиси половината имигранти можеби нема да го положат испитот за диплома. „Проблемот е во тоа што тие мораат да го надоместат неверојатно обемниот материјал. Денот би требало да им трае 48 часа“, вели таа.

Бегалците кои се доволно млади брзо да се прилагодат како што се децата на Ахмед веројатно ќе бидат чиста економска добивка за Германија. За бегалската популација како целина сè уште е рано да се каже нешто такво. Сојузното биро за невработени проценува дека половината бегалци и по пет години ќе бидат невработени, а една четвртина нема да имаат работа ни по 12 години.

Главните причини за прифаќање на овие имигранти се од хуманитарна, а не од економска природа. За голем дел од јавноста тие причини се неубедливи. Оние кои се подготвени да фрлаат Молотови коктели на прифатилиштата и да дофрлуваат погрдни зборови до канцеларката се само врв на ледениот брег составен од мирни и главно нечујни Германци кои впрочем не сакаат толку имигранти да доаѓаат во нивната земја, особено муслимани.

Повеќето Германци интелектуално ги прифаќаат имигрантите и исламот, но не ги прифаќаат емотивно, вели Наика Форутан, аналитичарка од берлинскиот Институт за истражување на интеграциите и миграциите. Во 2014 година Институтот анкетирал 8.270 жители од Германија, пред да се случат терористичките напади во Париз и Брисел и пред најголемиот бран бегалци. Речиси 40 проценти од испитаниците сметале дека не може да бидете Германец ако носите фереџе. Околу 40 проценти се залагаат за ограничувања во градењето големи џамии. Повеќе од 60 проценти би поддржале забрана за обрежување, клучен обред во исламската и еврејската религија. Најпосле, околу 40 проценти од испитаниците сметале дека мора да зборувате германски без странски акцент за да бидете навистина Германец. (Мајката на Гизела Гринвалд веројатно сретнала некој таков.)

Дури и пред терористичките напади, дури и пред серијата бизарни инциденти на новогодишната ноќ кога имигрантите, главно од северна Африка, напаѓаа и вознемируваа стотина жени – многу Германци ги доживуваа муслиманите како закана. Тој сентимент им даде ветер во грбот на десничарските политички партии. „Не верувам дека толкава маса луѓе може да се интегрира“, изјави Бјорн Хеке од популистичката партија Алтернатива за Германија (АфД) по мартовските регионални избори на кои партијата влезе во половина покраински парламенти во Германија. Хеке ја предводи својата пратеничка група во источната покраина Тиргинија. Тој смета дека имиграцијата ја нарушила „довербата меѓу заедниците“ која некогаш постоела во Германија. Благо заканувачки вели, „Алтернативата за Германија е последната мирољубива шанса за нашата земја“.

На многу Германци, Хеке им звучи одвратно и застрашувачки. „Господе!“, воздивна Дам кога му кажав дека ќе се сретнам со Хеке. Во живо, Хеке е интелектуален, речиси благ човек. До пред неколку години бил наставник по историја. Но, кога ќе засвири со националистичката жица на митинзите на Алтернатива за Германија во Ерфурт, кога ја предводи масата на плоштадот која скандира „Wir sind das Volk“ – „Ние сме народот“, мислејќи на Германците кои наводно Ангела Меркел ќе ги „укине“ со имиграцијата – тоа многумина Германци ги потсетува на нацистите. „Sportpalast, 1943 година“, вели Кристијан Гринвалд, алудирајќи на поранешната сала во која Гебелс го одржал својот злогласен говор.

Икрам Чами Геидене, 23, Париз. „Не го носам превезот цело време. Го ставам кога си одам од универзитетот и одам во џамија“, вели Играм Чами Геидене. Бегајќи од тероризмот, нејзиното семејство се доселило во Париз кога таа имала осум години. Се чувствува како дома и безбедна, но исто така е претпазлива, откако порасна сомнежот кон имигрантите. 

Сепак, многу Германци со Хеке барем делумно го делат истото неспокојство – а серијата напади кои летово ги извршија бегалците само го зголемува тоа неспокојство. На локалните избори во март во Ротенберг, осмина од гласачите ја поддржаа Алтернатива за Германија; во Саксонија-Анхалт на покраинските избори освоија четвртина од гласовите. Тешко е толку луѓе да се означат како нацисти. Од што се плашат?

Со еден збор: Parallelgesellschaften, или „паралелно општество“. „Постојат делови од градовите во кои не знаете дека сте во Германија“, како што вели Хеке. Тој збор е бауч дури и за умерените Германци. За просечниот Американец тоа можеби би значело исто што и кинеската четврт или Мала Италија, или пак една од стотиците Мали Германии кои некогаш постоеле во САД. Зошто Германците сега не можат да ги прифатат имигрантите во сличен дух? Тоа прашање ѝ го поставувам на Ерика Штајнбах која, иако и самата била бегалка, ја критикува политиката на Ангела Меркел и му припаѓа на десното крило на Христијанско-демократската унија.

„Не го сакам тоа“, едноставно ми кажува. „Треба да го сочуваме својот идентитет.“ Штајнберг тоа го илустрираше со анегдоти. Нејзината секретарка на железничката станица во Берлин ја допирал некој маж „кој се гледало“ дека е бегалец. Синот на нејзината фризерка е еден од двајцата родени Германци во одделението во основното училиште. Еден службеник од Христијанско-демократската унија видел дека групи имигранти одат по главната трговска улица и гласно им подригнуваат на луѓето в лице. „Побогу“, вели Штајнбах. „Каде води сето тоа?“

За време на тој разговор веќе имав запознаено некои од новите лица на Германија. Ахмед, кој го мете тротоарот пред својата зграда во Ротенбург. Две сириски момчиња во прифатилиштето во Берлин, во солзи заминуваат на спиење кога не можат да стапат во контакт со мајка си во Дамаск, како што ми објасни нивниот татко Мухамед. Шариф, поранешен сопственик на ресторан во Алепо, кој Германија ја гледал како своја последна шанса; неговите деца не оделе во училиште уште од избивањето на војната во 2011 година.

Тука е и 20-годишната Насрим во поодмината бременост, девојка со нежно, овално лице завиено со бело фереџе, ја сретнав во фискултурна сала во Берлин. Кога почна да зборува, заплака – зашто ѝ недостасува семејството од Сирија, зашто Германците се љубезни, но и затоа што се плаши, зашто една ноќ некои бесни луѓе се собрале на улицата пред салата. Кога би можела, вели Насрим, би им кажала на тие Германци дека таа не дошла за да им одземе нешто.

Омразата е грозна, но можам да го сфатам стравот што го чувствуваат многу Германци. Дури и Ахмед го сфаќа тоа. „Германците се во право што се плашат за својата земја“, ми рече. „Германија е навикната на безбедност и ред. Луѓето се плашат дека тоа ќе се промени.“ Но, средбите со нив и останатите бегалци ми влијаеја. Ја прашав Ерика Штајнбах дали некогаш лично контактирала со бегалците.

„Не“, вели тааа.

Непријателството спрема имигрантите во Германија е најизразено онаму каде што има најмалку доселеници, во источниот дел од земјата. Жителите од тој дел и понатаму се посиромашни од своите сограѓани на западот од Германија. Сè подлабокиот јаз помеѓу богатите и сиромашните Германци може да влијае на антиимиграциските чувства, но не може да се каже дека постојат материјални причини против прифаќањето на бегалците, вели Наика Форутан. Германската економија е силна, невработеноста е ниска, државниот буџет минатата година достигна 19,4 милијарди евра суфицит. Германија е финансиски способна да ги интегрира бегалците и истовремено да инвестира средства во инфраструктура корисна за сите Германци. „Нема реална паника“, вели Форутан. „Има само културолошка паника.“

Мохамед Али Осман, 32, Шведска. „Една од причините поради кои ја сакам земјава е гостопримливоста. Секогаш ги дочекуваат бегалците со раширени раце“, вели Мохамед Али Осман, кој ѝ се придружил на својата жена во Шведска во 2012. Но, тој додава дека „во оваа земја е тешко кога немаш работа, а главната причина за тоа е јазичната бариера.“ 

Форутан има 44 години, нејзината мајка е Германка, нејзиниот татко бил бегалец од Иран. Таа има надеж во едукацијата. „Може да ги едуцирате луѓето интеграцијата да ја доживеат како очигледно правилна“, вели таа – како што Германија успеа со ограничен успех да го искорени антисемитизмот. Од Втората светска војна наваму старата генерација тврдокорни антисемити умре, а новите генерации Германци растеле под влијание на телевизијата, училиштата и наставниците како Дам, соочени со нацистичките злодела. Анкетата на Форутан укажува дека се случува нешто слично и со односот спрема имигрантите. Помладите Германци се посклони да ги прифатат обрежувањето и џамиите.

Но, бегалците дојдоа во земја која сè уште го бара својот нов идентитет – „некое ново германско 'ние'“, како што опиша претседателот Јоаким Гаук во својот говор од 2014 година. Тоа ново „ние“ е широк поим, вели Форутан, и го опфаќа она што ја прави Германија модерна: отвореноста кон светот и промените. Меѓутоа, германските конзервативци не се единствените кои се противат на таквата визија; ни многумина муслимански имигранти не се отворени и модерни. Според едно истражување од 2013 година, околу 30 проценти од имигрантите се верски фундаменталисти. Тие сметаат дека исламот треба да им се врати на своите корени од 7 век и дека шеријатскиот закон има примат над секуларниот. Во џамијата Мевлана во Кројцберг го запознав братот на младиот верски учител, Серкан Езалпај кој како и другите муслимани зборува за непријателството што го чувствува кај Германците. Вели дека понекогаш, кога оди по улица во облека до стапалата, со турбан на главата, тие плукаат. Езалпај ме изненади кога почна да звучи како Алтернатива за Германија. „На бегалците не им е место во оваа земја“. Тој во својата паства им зборува на луѓето да се вратат во Турција доколку можат и дека во Германија е премногу тешко да се живее во склад со Куранот.

Една од навиките кои традиционалните машки муслимани ги доведува во конфликт со Германците е нивниот принцип да не се ракуваат со жените, а германскиот устав ја гарантира еднаквоста меѓу половите. Потоа, нивната нетолеранција спрема хомосексуалците. Во една студија во Нојкелн, еден ден откако го запознав Езалпај, се ракував со поинаков вид муслимани – Ипек Ипекчиоглу, жена која е лезбејка, страствен пушач и професионален диџеј. Таа пораснала во Берлин и го обожава градот кој Езалпај го смета за безбожен.

Не размислувала така секогаш. Кога завршила средно училиште, едвај го знаела германскиот јазик и не била емотивно поврзана со земјата. Работела како дадилка во Лондон и не била сигурна дали ќе се врати во Германија. Потоа, еден ден случајно од полица земала книга со песни од Гете.

Тоа била книгата „Источно-западен диван“, збирка во која познатиот поет – познат по својата Weltoffenheit, отвореност спрема светот – го фали исламот. Песните ја допреле. „Човеку“, се присетува таа, „помислив колку е убав овој јазик“. Се вратила во Берлин. Сега освен што настапува во клубовите ширум светот, понекогаш на трибините во странство зборува во име на институтот Гете – и ја претставува новата Германија.

Ипек Ипекчиоглу, Германија. „Се чувствувам како Турчинка, Германка, човечко суштество и лезбејка. Имам многу култури во мене“, вели диџејката Ипек Ипекчиоглу, која пораснала во Берлин, каде што живее и денес. Германија сè уште има проблеми да ги прифати децата и внуците на Турските гастарбајтери, но Ипек вели дека „се работи на тоа“. 

Старата Германија, вели Ипекчиоглу, има многу адути – да речеме Гете – но, и понатаму „има суштински проблем да каже: 'Ќе ја отвориме својата култура и ќе дозволиме да се промени.'“ Неодамна настапувала во еден клуб во Лајпциг и главно пуштала електронска танцувачка музика во турски стил; подиумот за танцување бил преполн. Тогаш ѝ пристапил еден маж и барал да пушта „германска“ музика. Тогаш продолжила со уште пожесток етно-стил.

Сакала на човекот и на цела Германија да им испрати порака: „Тука сме. Не се враќаме. Ќе го обликуваме градов во склад со нашите животи.“

„Сите чувствуваме страв од различното“, вели Ипекчиоглу. „А не само Германците“. Со тоа што Германците не толку одамна таквиот вид страв го изразиле на најзлобен и најекстремен начин. Затоа, многумина од нив и понатаму го чувствуваат ехото од тие случувања: се плашат од себеси.

„Ако тогаш бев доволно возрасен, сигурно ќе бев есесовец“, ми рече Дам еднаш додека се возевме со автомобил. „Само се надевам дека не би бил чувар во логор“.

„Чекориме по тенок мраз“, вели Герд Розенкранц, политички аналитичар од Берлин, зборувајќи за подемот на десничарските партии на германската политичка сцена. „И можеме да пропаднеме. А, под мразот е старата доба.“

Кога на 9 ноември 1938 година во поголемиот дел од Германија се случувала Кристалната ноќ (Kristallnacht), во Ротенбург и Бебра таа веќе се случила. Два дена претходно масата ги искршила излозите и фасадите на еврејските дуќани и куќи. Гебелс го пофалил целиот регион, вели Хајнрих Нун, поранешен наставник по историја и колега на Дам. Нун одржува мал музеј посветен на исчезнатите Евреи од Ротенбург. Музејот е сместен во куќа на реката Фулда во која некогаш се наоѓала женска миква – ритуална бања.

Едно попладне со Дам во градското собрание го посетивме Ули Ратман, 56-годишен мускулест човек со кратка коса. Тој раководи со градските проекти за деца и млади. Ратман израснал во блиското село во кое никогаш не видел имигрантско – „паралелно општество“, како што вели тој. Кога станал социјален работник во Бебра, почнал постојано да работи со имигранти. Сега смета дека не е страшно дури и ако 90 проценти од населението во Бебра е составено од странци, па што?

На крајот од нашиот разговор Ратман ме одведе до прозорецот за да го погледнам полукружниот ѕид од цигли среде градскиот плоштад. Ми нагласи дека на бронзената табла се наведени имињата на 82 Евреи од Бебра кои биле убиени во логорите. Уште еднаш, со помала табла е обележано место на кое некогаш се наоѓала синагога.

„Времето во Германија сега е возбудливо“, вели тој, враќајќи се на темата со бегалците. „Признавам, ме вџаши подготвеноста и волјата на Германците да им помогнат на бегалците. И таа волја не стивнува“.

Дам, кој дотогаш молчеливо го слушаше нашиот разговор, одеднаш се вмеша. „Првпат во животот...“ Не ја доврши реченицата, се извини. Го погледнав својот стар наставник, му се насолзија очите. „Првпат во животот“, продолжи, „можам да кажам дека се гордеам со Германија.“

Го погледнав Ратман. И нему му се насолзија очите. Зборувавме за тоа дека на Германците долго им било тешко да чувствуваат здрава национална гордост, онаа гордост која ја надминува титулата на светските прваци во фудбал, но онаа што не е арогантна ниту опасна. Можеби Германците „можат да се гордеат што ги примија бегалците“, вели Ратман. „Можеби гордоста произлегува од тоа што ние навистина живееме демократски и што го имаме она чувство: ова е моја земја и ќе се потрудам да направам нешто за неа.“ Се заврте кон компјутерот за да ми го издиктира телефонскиот број на човекот со кој, според неговото мислење, би требало да разговарам. Вели дека тој човек му помагал кога го поставувале паркетот во новиот младински центар. Се вика Фатих Еврен и е таму, во џамијата.

Патриција Фатима Уише, 66, Франција. „Дискриминацијата започна во училиште. Имав шест или седум години. Беше за време на војната во Алжир“, вели писателката Патриција Фатима Уише. Нејзината мајка е Французинка, а татко ѝ бил еден од водачите на движењето за независност во Алжир. Најголемиот дел од животот го поминала во Франција. И нејзините деца се таму. Но, се надева дека ќе биде погребана во Алжир. 

 

(крај)

 

Кон првиот дел

Извор: National Geographic
Фотографии: Робин Хамонд

ОкоБоли главаВицФото