Сите наши ѓаволи, златни телиња и зачепени суштества

28.01.2017 14:35
Сите наши ѓаволи, златни телиња и зачепени суштества

Сè на некои златни телиња им се поклонуваме, на лажни авторитети им се потчинуваме и ги обожуваме. Путин или Трамп или Александар Македонски и Филип, Хан и Бејли. И секогаш некоја „виша сила“ управува со нашата судбина, а сега, пак, сме фрлени во рацете на некои ѓаволи страшни со ликот на С., во овие денови кога волјата на алиевци и грујовци одлучува за нашата иднина. И си траеме, си трпиме, си чекаме така послушно, без глас да испуштиме. Чекаме што ќе се договорат нашите две племиња „алиевци и грујовци“! За конечно да дознаеме дали влегуваме во отворена диктатура или не. Од тие преговори се тресеме сите во агонија ― што ќе стане понатаму од нашата земја! Ееееееј, до кое ниво стигнавме! Судбината на земјата да зависи од луѓе - поданици на „виши сили“ (не, бре, на „полните џебови“, што сум наивна,) ― или „двоглав орел“ е или „двоoпашест лав“, или троглава ламја и теле, вкрстени пиштолот и камата на „организацијата“ пред тотемот-фетиш на предците на племето ― несозреани за самобитност.

„Не е така!“, во себе си мрморат академиците и другите интелектуалци. „Не е така! Имаме ние квалитети и самобитност, култура и традиции, автентични вредности!“ Па, ако не е така зошто уште шепотите? Од што се плашите? Сега е време да се одбрани вистината. Да се одбранат вредностите. Сега не е време да се пишуваат песни и романи или научни трудови, туку поетот и писателот и научникот на улица да излезат (или да настапат преку медиумите) за да ја одбранат поезијата, науката, вистината. Јасно е дека интелигенцијата е таа која го оформува јавното мнение. Но, јавното мнение сè уште успешно го креира добро подмачканата машинерија на пропагандата на која е подложен оној помалку образован и недообразован дел од популацијата. Токму пропагандата на оваа власт создава „зомби –нација“ ( да употребам еден израз кој е актуелен на социјалните мрежи). Дојде време кога интелигенцијата со својата агитација треба жестоко и одлучно да се спротивстави на таа пропаганда. Отпорот кон црната пропаганда и нејзиното разобличување е работа во медиумите, затоа таму сега неодложно има потреба да се вложи многу труд, енергија и активизам.

Во Македонија постои медиумска војна! Разбивањето и неутрализирањето на ефектите на погубната пропаганда која ја диктира оваа власт сè уште е препуштено главно на новинарите и на неколку професори и уште некои поединци од други профили. Секако, и на активистите на „отворените општества“, односно, активистите на невладините организации. Оваа, сепак, мала група луѓе, едвај успеваат да одржи подемократски, покултивиран, покреативен јавен дискурс во Македонија.

Затоа, и други интелектуалци и уметници, би требало да преземат по малку од товарот на ова време. Да се спуштат малку од своите кули од слонова коска, да ги напуштат своите градини на апатијата и меланхолијата. Сега е време јасно и гласно да се каже „ова е вистина, тоа не е вистина“.

Заробени сме во сопствената заробена држава!

Секако, не да се агитира за нечија идеологија, туку за одбрана на универзалните вредности: мир, правда, слобода, светлина, знаење, просперитет.

Оваа креатура насликана на муралот на Зеро е вистинска слика за еднодимензионалноста во зачепеноста, клаустофобичноста, ништожноста на нашата стварност. Ете, тоа сме ние ако не го кренеме гласот, ако не се бориме за вистината, правдата, мирот, светлината, слободата, просперитетот. Такво закржлавено суштество што виси во воздухот, несреќно, задушено, фрустрирано, уплашено, симбол на стеснета свест и неспособност за промени, на немоќта да се мрдне од сопствената зачауреност и зачепеност и зачмаеност, со други зборови ― марионета на „виши сили“.

Јас си кажав! Си ја послушав совеста. Веќе четири и пол години пишувам и до овој момент сум волонтерка со оваа моја активност. Никој не смее да ме етикетира со погрдно име!

Никогаш нема да се откажам од својата Визија и од својата Вистина. Дел сум од едно прекрасно движење - Отпорот во Македонија и горда сум на тоа.

Има и поубави и пооптимистички предели во овој мурал. Но сè додека си молчиме и си траеме така исплашено, нема да се ослободиме од ова суштество, бидејќи, ова суштество, сакале или не, е одразот на македонскиот човек во первертираната реалност на нашето секојдневие. Такви креатури има многу меѓу нас денес ― права слика и прилика на нашата мизерија и духовна беда.

Такви сироти суштества, секакви проклети ѓаволи и златни телиња, и многу повампирени души, се ослободија овие денови додека во неизвесност чекаме што ќе се договореле „алиевци и грујовци“.

Но, добро е што се ослободија (!), за да ги запознаеме и да сфатиме дека ги имаме и дека се наши...

Слики: Од муралот на Зеро насликан во 2016 година на фасада на Младинскиот културен центар. Татјана Миљовска не учествувала во сликањето на муралот.

ОкоБоли главаВицФото