Одговор на реакцијата на Претседателот на Комисијата за Годишната програма на Министерството за култура

29.01.2017 01:04
Одговор на реакцијата на Претседателот на Комисијата за Годишната програма на Министерството за култура

 

Одговор на реакцијата на Претседателот на Комисијата за Годинешниот конкурс за финансирање на проекти од национален интерес за 2017 од областа на литературата и издавачката дејност, писателот Санде Стојчевски

 

Потписниците на Прогласот за заштита на достоинството на македонскиот писател и на македонската книжевност со жалење ја примаат реакцијата на Претседателот на Комисијата за Годинешниот конкурс за финансирање на проекти од национален интерес за 2017 од областа на литературата и издавачката дејност, писателот Санде Стојчевски, кој избегнувајќи да стапи во принципиелно и суштинско разгледување на нашите барања, веднаш демагошки го инструментализира актуелниот политички момент, подметнувајќи политичка заднина, наспроти јасното становиште на потписниците, изразено во насловот на Прогласот – заштита на достоинството на македонскиот писател. Со целосно неосновано поврзување на реакцијата на писателите-потписници на Прогласот со „тензичната политичка атмосфера“, Санде Стојчевски само дава уште еден еклатантен доказ дека токму тој размислува за литературата под влијанието на „тензичната политичка атмосфера“, што уште повеќе ја намалува нашата доверба во објективноста на одлуките на Комисијата. Ние го избравме овој миг јавно да реагираме затоа што ваквото демагошко поврзување на литературата со политиката од страна на Комисијата сериозно ја загрозува автономијата на писателите и на книжевноста воопшто. Самиот факт што тој во образложението набројува уште една редица можни моменти во овогодинешната Програма кои би можеле да се коригираат, го потврдува нашето барање за анулирање на одлуката и формирање нова Комисија. Доколку е уверен во својата објективност, доколку е верен на писателската автономија, очекуваме да го прифати нашето барање и заедно со нас, без непотребни стигматизирања на „наши и ваши“, на „пријатели и непријатели“, што не доликува на колега-писател, да го направи првиот исчекор кон консолидирање на македонската литературна сцена над сите политички и партиски конфронтации. Власта и владите се менливи, уметноста е вечна. Кога сферата на духот ќе ја изгуби автономијата пред актуелната политика, тогаш тоа е погубно не само за сегашнината туку и за иднината на македонското општество.

 

Најостро реагираме на изјавата на писателот Стојчевски, во која се вели дека „списокот на „протестанти“ е речиси сосема совпадлив со членови, активисти и приврзаници на конкретна политичка партија и платформа“. Целосно го отфрламе ваквото етикетирање и сметаме дека е недолично господинот Стојчевски да дава вакви произволни, непроверени и неточни тврдења. Понатаму, сосема е неточно дека промената на програмата „треба да ја изврши новоформираната влада“ која е „беневолентна кон потпишаните“. Ова не го пишува никаде во прогласот и затоа е јасно дека претставува извртување на фактите и малициозно обвинување чија цел е да предизвика политички обвинувања кон писателите потпишани на прогласот.

Претседателот на Комисијата Стојчевски истакнува дека меѓу потпишаните на Прогласот има „сосема кревки книжевни авторитети, кои сепак со години наназад биле редовно поддржувани и застапувани во издавачките програми, а и такви кои и годинава воопшто не се јавиле на конкурсот“. Оваа реченица јасно дава до знаење дека господинот Стојчевски и Министерството за култура воопшто не ја разбираат мотивацијата на нашата реакција. Имено, фактот дека меѓу потпишаните има и писатели кои се јавиле и такви кои не се јавиле на конкурсот недвосмислено укажува на тоа дека реагираме од принципиелни причини на нетранспарентноста во донесувањето на одлуките, што на големо овозможува и политичка и секаква друга манипулација со резултатите.

 

Прашањето дали Прогласот е „предизвик“ прифатените автори „да се потпишуваат под конкретни списоци за контрапрогласи“, особено што претходно во истата своја реакција самиот Стојчевски наведува таков список, е крајно контрапродуктивно и несоодветно. Тоа претставува манипулативна тактика на целосно извртување на фактите затоа што предизвикува раздор и анимозитет меѓу писателите, што не беше цел на Прогласот – како што може да заклучи и секој што го прочитал внимателно. Истакнуваме дека нашите барања се упатени до Министерството за култура и дека нашата реакција во никој случај не значи дека сите прифатени проекти ги сметаме за неквалитетни. Меѓу прифатените автори има реномирани и истакнати писатели, но нетранспарентните критериуми и недостигот од образложенија упатуваат на темелни и застрашувачки системски проблеми и пропусти во изборот што не може и не смее да се сокријат со истакнување на неколку реномирани писателски имиња кои добиле финансиски средства од Министерството.

Ако макар еден автор или издавач е одбиен заради причини што немаат врска со книжевни критериуми, тогаш целиот процес на избор е нелегитимен. Затоа, јасно истакнуваме дека нашата реакција не е насочена кон поддржаните писатели, како што погрешно се сака да се претстави, туку кон нетранспарентниот избор кој овозможува манипулации со резултатите.

Слики: Јохан Декман

ОкоБоли главаВицФото