Судбината ни ја крои човек што во нормална земја не би бил ни учител во вечерна школа!

30.01.2017 04:24
Судбината ни ја крои човек што во нормална земја не би бил ни учител во вечерна школа!

Единаесетта година зборуваме за Груевски. Судбината ни ја крои еден човек на кого во ниту една држава нема да му дадат учител во вечерно школо да биде. На илјадници страници може да се напишат глупостите, идиотизмите, небулозите што излегле од владината кујна во која заедно готват со восочниот Ахмети и дрвената кукла од Водно, а им помагаат на стотици помалку или повеќе згрижени, сè до оние што велат 'а што без тие двесте евра месечно'. Стотици налудничави мерки се донесени, стотици семејства зацрнети, илјадници луѓе иселени, и нас уште нешто ни е спорно и го образложуваме неговиот лик и дело. Тој руши, ние умуваме, тој вели мене ми е супер голф стар десет години, ние го купуваме, тој купува мерцедес како да е претседател на светот.

Префасадираа цело Скопје, ја сместија администрацијата во нови згради во центар, да им биде блиску, згрижена, при рака и послушна, си изградија зграда со стражарска кула, и ние пак образложуваме и умуваме, сецираме и објаснуваме. Не остана веќе држава на Балканот која не се отвори кон светот, оваа кај да се свртиш - ѕид, разговорите открија сериозно оштетена личност, и ние и нив ги анализираме или ги бришеме од меморија, зашто нејќеме да знаеме. Не остана ни весник, ни новинар, ни телевизија. И тоа го голтаме и го констатираме. Не можеме да се оттарасиме од еден човек и да донесеме втор, трет, 55-ти сè додека не ја оправи оваа шака народ, наместо едни да ашикуваат, а други од контејнери да се хранат. Изумреа сите села по Македонија, тие село на Водно градат, и ние пак зборуваме и ги објаснуваме, бетер од сите бегови на оваа територија во турско што биле се однесуваат, а ние сè уште викаме бранко и сорос е крив и тоа го дебатираме. И сега чекаме некоја влада да приклепаат, и пак тие истите, не од бомбите, туку од животот кој како со бомба ни го разнесоа. Па после ќе велиме дека немаме држава... не, туку нормалниот за кратко време ќе мора пијаница да стане само и само за да може со будалата да издржи да разговара. Ене го цело Скопје - една голема лизгалница, паѓаат луѓе како крушки и ние и тоа го снимаме и на тоа се потсмеваме и го дебатираме, наместо да ги извлечкаме од нивните топли дувла, исончани од зимското сонце и прејадени. Не, никогаш едно нема да може да се каже, а тоа е дека Никола е крив, не, за овие десет и кусур години, ние сите до еден ќе бидеме криви...

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слика: Странски служби

ОкоБоли главаВицФото