На механичарите!

30.01.2017 13:18

(Механичари и шофери!)


I
Механиката не може да умре оти нема душа. Парадоксот на механичарот му е неразбирлив оти ги надминува механичките закони. Парадоксот е скок од механика во живот. Парадоксот е жив како електриката. А електриката не е механичка. ЗАТОА ДА НЕ БИДЕМЕ МЕХАНИЧКИ, ТУКУ ДА БИДЕМЕ ЕЛЕКТРИЧНИ.

II
Спојот од електрични жици предизвикува искра. И спојот на млади видови предизвикува искра. Тоа е електричниот пламен. За механичарите е опасен оти предизвикува краток спој и ги согорува механизмите. Краткиот спој ги согорува механизмите. Доаѓаме да ги уништиме механизмите. Човекот-машина ќе биде уништен. Плакатирајте: ЧОВЕКОТ-МАШИНА ќе биде уништен!

III
Од громобранот нема корист. Громот мора да ја запали душата. Нека удри во неа, нека ја спали! Мораме да ги уништиме сите механизми. Војна им објавивме на сите механизми! Тоа е прва објава на војна во државата СХС. Објавена е во Словенија. ВОЈНА СПРЕМА СИТЕ МЕХАНИЗМИ!

IV
Изгрева! Го чувствувате ли тоа светкање? Ни светови веќе нема, ни народи, ни човештво. Еден човек стои среде светот, само еден човек, со бело трње крунисан. А над него е сребрениот ореол на човештвото. (Дали беше луња и смртта сама?) Еден човек е и сите кои стојат околу него само се негови различни лица. Дали е рудар или кожар или носач или селанец или службеник или писател или интелектуалец или питач, не можам да распознам. Дали е Словенец или Германец или Рус или Француз, не знам; само едно знам, дека ми е страшно мил тој човек, кој и да е, што и да е. Не знам кој е, што е, за мене е доволно само едно: ГО САКАМ!

V
Новото човештво се издигнува. Што, доаѓа ли од низината? ПОНИЖЕНО БИЛО! Што, доаѓа ли од дното? ОБЕСЧЕСТЕНО БИЛО! Што, доаѓа ли со луња и громови? УГНЕТЕНО БИЛО!
Само едно е... дека доаѓа, само дека доаѓа! Што, доаѓа ли преку трупови? Моќта на животот е во него. Моќ која ѝ пркоси на смртта.

Отворете ги прозорците! Луњав воздух влегува во собата, нова атмосфера настанува, полно озон, полно крепко здравје! (Озонот доаѓа од боровите!)

Отворете ги прозорците, отворете ги вратите: Новиот човек доаѓа. Сите механизми мораат да умрат! Новиот човек доаѓа!

Поклонете се пред неговото страдање, клекнете пред неговото понижување, поздравете ја неговата снага. (За него беше страдањето ‒ радост, понижувањето ‒ воздигнување, снагата ‒ воскресение.) Сите механизми мора да умрат! НОВИОТ ЧОВЕК ДОАЃА!

VI
Дозволете да го поздравам и јас!

Томај на Крас
јули 1925.

Оригиналниот текст

Сречко Косовел (Srečko Kosovel) е роден 1904 во Сежана во Крас. По матурата 1922 запишал студии по романистика, славистика и педагогија на Универзитетот во Љубљана. Првите песни ги објавува на 11 години. Учествува во работата на авангардното списание Trije labodi, го уредува списанието Mladinа и организира книжевни вечери во Љубљана. Починал 1926 од воспаление на мозокот.

Зад себе го оставил ракописот на збирката Zlati čoln, претежно импресионистичка и експресионистичка лирика, од каде прв пат избор бил објавен 1927‒та. Дури 40 години подоцна била обелоденета книгата конструктивистички песни кои ги подготвувал пред смртта, наречена Integrali. Интегралите 1967 ги објавила Cankarjeva založba со обемен предговор на Антон Оцвирк, „Srečko Kosovel in konstruktivizem“. Неговиот премин од експресионистичкиот израз кон конструктивизмот најјасен е во манифестот На механичарите! (Mehanikom!), напишан во јули 1925. Помеѓу 1974 и i 1977 Državna založba Slovenije ја објави, во три книги, целокупната оставнина на Косовел, Zbrano delo.

Превод: П. В.

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото