Авторитарниот популист во Белата куќа

31.01.2017 12:05
Авторитарниот популист во Белата куќа

Во четвртокот вечерта Џејсон Фурман, претседателот на Советот на економски советници на претседателот Обама, твитуваше фотографија на која гледаме како последен пат заминува од канцеларијата, со порака „Го гаснам светлото“. Намерно или не во пораката на Фурман одекнуваат зборовите на лордот Едвард Греј, британскиот министер за надворешни работи, кој во август 1914 година му рекол на својот пријател: „Светлата се гаснат ширум Европа и ние нема да ги видиме запалени додека сме живи.“

Зборовите на Греј изговорени пред почетокот на Првата светска војна се сфаќаат како жал за идиличниот период на глобализација, мир и просперитет. Во петокот, додека го слушавме мрачниот, интровертен инаугурален говор на Доналд Трамп, беше лесно да се поверува дека сме на следната слична историска пресвртница.

Можеби ќе се покаже дека вознемиреноста и стравот заради стапувањето на Трамп на должноста претседател е претерана. Се надеваме дека ќе биде така. Но, нема сомнеж дека тие чувства се автентични, и тоа не само во САД. Ширум светот луѓето се вџашени што толку неискусна, хировита и недисциплинирана личност стана претседател на Америка. Подемот на Трамп навистина ги обнови суштинските прашања не само за иднината на демократијата во оваа земја, туку и за глобалниот поредок предводен од Америка кој постои од крајот на Втората светска војна.

После изборите имаше некои – вклучувајќи го претседателот Обама – кои изразуваа уверување дека по влегувањето во Белата куќа, Трамп ќе стане поумерен: дека повеќе ќе личи на претседател. Но, го посматравме неговото однесување во текот на преодниот период и денес е тешко да се најде некој што има таква надеж. Трамп е Трамп и ќе остане Трамп; тоа е тоа и мора да се навикнеме.

Дури ни за републиканците кои се здружија со него тоа нема да биде нужно лесно. Никогаш не сме имале претседател со јавен персоналитет на професионален борач, кој покажува заби, им се потсмева на противниците и му се истура на секој за кого ќе помисли дека му се спротивставил, дури и на членовите на сопствената партија. Никогаш не сме имале претседател со огромна бизнис империја од која нема да се откаже, што според многу експерти за етика е кршење на уставот. Никогаш не сме имале претседател кој, може да се каже, најголем дел од времето поминува гледајќи вести на кабловска телевизија и испалува плотуни навреди на социјалните мрежи. Никогаш не сме имале претседател кој не го крие воодушевувањето од авторитарниот руски водач и истовремено искажува презир кон американските разузнавачки служби.

Најпосле, тешко е да се присетиме на претседател кој покажувал толку мал интерес или стручност за управувањето со земјата. Вејн Берет, легендарниот истражувач на корупција од неделникот Village Voice, кој почина во четвртокот на 71 година, долго го следеше Трамп (1992 објави книга за него). „Едноставно, не го интересираат фактите“, ѝ рекол Берет на својата колешка Џенифер Гонеман набрзо после изборите. „Неговиот интерес за политиката не е автентичен. Тој се раководи според импулсот.“

Кај Трамп дополнително загрижува тоа што неговата импулсивност е комбинирана со авторитарни нагони и, според некои согледувања, со нездрав интерес за популистичките диктатори. Во една статија за него од 1990 година, објавена во списанието Vanity Fair се наведува дека неговата бивша сопруга Ивана рекла дека до креветот има книга со собрани говори на Хитлер. Минатиот викенд, кога еден репортер од германскиот Билд го праша во врска со неговото шкотско-германско наследство, дали во него има нешто „типично германско“, Трамп не приговори за бесмисленоста на прашањето туку рече: „Сакам ред и сила.“

Во четвртокот Хафингтон Пост извести дека преодниот тим на Трамп побарал тенкови и ракети да бидат дел од инаугуралната парада и дека Пентагон го одбил тоа. („Очигледно замислувале парада во стилот на Црвениот плоштад/Северна Кореја“, рече еден извор.) Приказната не е потврдена, но Трамп не ја криеше желбата да прикаже нешто од американското смртоносно оружје. Војската „можеби ќе маршира по Авенијата Пенсилванија“, рече Трамп за Вашинготн пост, во интервју објавено во средата. „Можеби нашите авиони ќе летаат над Њујорк и Вашингтон на парада. Мислам дека ќе ја покажеме нашата војска.“

Како што напоменав во ноември, грдата реторика на Трамп и презирот спрема либералните свети нешта не значат нужно дека тој е Хитлер или Мусолини, па ни Владимир Путин. Но, на позицијата претседател, Трамп е предизвик за американската демократија и институциите од кои зависи нејзината виталност, како што се независното судство, Конгресот подготвен промислено да врши надзор над извршната власт и активното граѓанство. Како што напиша Дејвид Ремник во четвртокот, уставот не е доволна гаранција за опстанокот на слободата.

Во оваа рана фаза има многу причини за грижа, но и некаква надеж. Со кукавичко соучесништво и газењето на Трамп на етичките насоки на владата, републиканските членови на Конгресот покажаа дека, сè додека тој им овозможува да ја спроведуваат својата конзервативна програма, ќе ја прифаќаат американската варијанта на перонизмот на Потомак. Сепак, дури и некои републиканци се срамат од можноста САД да се дистанцираат од своите европски сојузници и да ја прегрнат руската влада која настојуваше да се вмеша во изборите. Под водство на сенаторот Џон Мекејн, тие се заколнаа дека ќе спроведат темелна истрага за руското вмешување.

Во меѓувреме, на другата страна, демократските сенатори најпосле го преиспитуваат сомнителниот состав на кабинетот на Трамп, меѓу другото, Бетси Девотс, големата критичарка на концептот на државни училишта, која е кандидатка за министерка за образование; Скот Пруит, кој не верува во климатските промени, а е избран да ја води Агенцијата за заштита на животната средина; и Стивен Мнучин, поранешен менаџер на хеџ фонд, кој собирал пари за Трамп за време на кампањата, па е награден со номинација за положбата министер за финансии. Демократите во Сенатот контролораат само 48 седишта (вклучувајќи ги и независните), што значи дека не можат да го спречат именувањето на кандидатите на Трамп ниту повлекувањето на некои закони што ги потпишал Обама, вклучувајќи го и Обамакер. Но, демократите можат да отежнуват и притоа да разоткријат некои теми кои администрацијата на Трамп би сакала да ги прикрие.

Што е со медиумите? Во некои од нив, особено телевизиските мрежи, ќе постои тенденција Трамп да се покрива со внимание и почит кои обично одат со претседателската положба. (Видовме некои етерични портрети од новото Прво семејство кои се појавија неделава.) Но, ако ги изземеме Fox News, сапуницата нема да оди подалеку од тоа. Трамп веќе е во војна со CNN и извесно е дека ќе му се истури на секој што ќе објави приказна која не му се допаѓа. Многу новинари веќе го доживуваат нападот на Трамп како одликување. А, бројот на претплатници на печатените медиуми, вклучувајќи го и овој, одеднаш по после 8 ноември. Очигледно се зголемил апетитот на јавноста за сериозно критичко новинарство.

Тука повторно доаѓаме до потребата за активно и ангажирано граѓанство. Никогаш не треба да се заборави дека Трамп доби речиси три милиони помалку поединечни гласови. Во сабота се очекуваат големи протестни маршови во десетици американски градови. Оној во Вашингтон ќе тргне од јужниот крај на американскиот Капитол, ќе продолжи на запад по Авенијата на независноста, ќе заврти десно во Четиринаесеттата улица, а потоа на исток по Авенијата на уставот, пред јужната страна на Белата куќа. Се очекува во него да учествуваат стотици илјади луѓе.

Светот ќе продолжи да нè набљудува со чудење и страв. САД 70 години го предводеа глобалниот поредок заснован на заемен интерес, јакнење на трговијата и улогата на Америка како глобален хегемон (до 1989 година еден од двата хегемони). Иако реторички, доаѓањето на Трамп на власт означува раскинување со тој поредок. Опишувајќи се себеси како следбеник на идејата „Америка на прво место“, саркастично зборуваше за многуте институции што ја поддржуваат Pax Americana – меѓу нив се НАТО, Европската унија и Светската трговска организација. Ги критикуваше американските воени интервенции – понекогаш, мора да се каже, со добра причина. И, ветуваше дека повторно ќе прегорава за трговските договори и, ако оцени дека е потребно, ќе наметне големи царини за стоките од Мексико, Кина и другите земји.

Анализирајќи ја победата на Трамп и растот на ксенофобичниот популизам во многу други западни земји, Мартин Волф, главниот економски коментатор на Financial Times, неодамна изјави: „Накратко, ние сме на крајот и на еден економски период – глобализацијата што ја предводи западот – и еден геополитички период – 'униполарен момент' од пост периодот на студената војна на глобалниот поредок на чело со САД “.

Може да се покаже дека тој суд е преран. Денес светската економија е толку тесно интегрирана што враќањето наназад би предизвикало големи потреси и политички промени. Американските мултинационални компании како што се Apple, Facebook и General Motors се некои од најголемите корисници и поддржувачи на глобализацијата. Во својот кабинет Трамп ги именуваше и Рекс Тилерсон, поранешен шеф на ExxonMobil, најголемата нафтена компанија во светот, и Гери Кон, поранешен претседател на Goldman Sachs, водечка инвестициска банка. Самиот Трамп тврди дека се залага за трговија, но „чесна“.

Меѓутоа, во својот инаугуративен говор тој јасно кажа дека барем ќе се обиде да ја заврти глобализацијата во корист на американските работници. Прибегнувајќи кон популистичката реторика која беше двигател на неговата кампања, рече: „Богатството на средната класа е одземено од домовите на нејзините припадници и е прераспределено ширум светот“, а потоа додаде: „Од денес, па натаму, на прво место ќе биде Америка. Секоја одлука ќе биде донесена за да се заштитат американските работници и американските семејства.“

Помалку е јасно што ќе направи Трамп на геополитичкиот фронт; тоа е најголемата грижа на многу луѓе, тука и ширум светот. И покрај неговите тврдења дека американските воени служби се намалени, САД остануваат далеку најголема воена сила во светот, единствена земја способна да ја проектира својата волја на секој дел од земјината топка. Но, како Трамп ќе ја носи таа одговорност? Во својот говор се заколна дека „ќе ги зајакне старите сојузи и ќе создаде нови“ и дека ќе го „избрише“ исламскиот тероризам „од лицето на земјата“. Но, се осврна и на некои неоизолационистички теми кои ги истакнуваше во прв план за време на кампањата, велејќи дека Америка „ги финансирала војските на другите земји“ и „ги бранела границите на другите нации запоставувајќи ги своите“. Неговиот јазик и тон го најавија крајот на периодот во кој Америка себеси се гледаше како благонаклонет светски лидер, кој има волја да се жртвува за заемната корист на сите земји.

Секако, сето тоа не беа само зборови. Во оваа, како и во другите сфери, постои огромна неизвесност за тоа што навистина ќе направи претседателот Трамп и неговата нова администрација. Најдоброто на што може да се надеваме е дека влеговме во театарот на апсурдите. Алтернативата е многу полоша.

23.01.2017

Фотографии: Mark Peterson

Извор: http://www.newyorker.com

ОкоБоли главаВицФото