Омраза и завист

31.01.2017 18:10
Омраза и завист

Психоанализата нè учи дека најдоминантниот афект на агресивноста е комплексниот нагон на омраза. Таа омраза беше и остана погонското гориво на ВМРО ДПМНЕ; таа омраза можеби е одговор на многу важното политичко прашање: зошто Груевски дури и со апсолутната власт што ја има(ше) постојано и насекаде произведува(ше) непријатели?

Се повикувам на психоанализата бидејќи таа е еден од начините да се објасни зошто партиите од типот на ВМРО ДПМНЕ омразата ја земаат како своја придвижувачка политичка енергија и зошто клучните доносители на одлуки во тие партии се луѓе без доволно внатрешен интегритет и карактерна автономија.

И денес, после десет години незауздано дивеење, груевистите одново си имаат усвитен објект на омразата (ама и на зависта, воедно!) - соросоидите. Вчера беше Заев, прекчера Црвенковски... Пред неколку години се обидов да објаснам дека омразата на Никола Груевски спрема Бранко Црвенковски е форма на тешка нарцистичка психопатологија.* Омразата на Груевски тогаш, меѓу другото, произлегуваше и од неговата фасцинираност и обземеност со Црвенковски. Проблемот, пак, што општеството тогаш го имаше со омразата на Груевски кон Црвенковски беше од друг тип зашто интензивната омраза која водачот на ДПМНЕ повеќе ја доживуваше психолошки, беше префрлена (отелотворена) во „објективен“ идеолошки систем кој ја легитимираше омразата на сите граѓани спрема дежурниот непријател Бранко Црвенковски Голдштајн. Со оглед дека омразата на водачот на ДПМНЕ, меѓу другото и со помош на тоталната контрола над целокупниот пропаганден апарат, беше „објективизирана“ и идеологизирана граѓаните дури можеа повремено да си дозволат и рамнодушност зашто „објективниот“ апарат „мразеше“ за нив. Денес во поинтензивна форма истото им се случува на „соросоидите“ - новостариот објект на омраза на „објективниот“ апарат контролиран од власта.


Никола Груевски, значи, еманацијата на македонската забеганост, мрази и завидува; омразата и зависта се најважните симптоми за неговата психопатологија. Ученичката на Фројд, Мелани Клајн, прва ја издвоила зависта спрема добриот објект како значајно обележје на пациентите со тешка нарцистичка психопатологија. Таа завист дополнително ја компликува потребата на пациентот да ја уништи сопствената свесност за неа, со цел да не се разоткрие неговиот ужас поради жестокоста на неговата омраза спрема она што тој, всушност, го цени кај објектот. Зад зависта спрема објектот и потребата од уништување и расипување на сето добро што би можело да произлезе од меѓусебниот допир лежи несвесната идентификација со објектот којшто едновремено се мрази и кон кој се чувствува потреба.

Желбата за понижување е уште една манифестација на омразата, смета американскиот психоаналитичар Ото Кернберг. Опсесивно-компулзивниот пациент сака да управува со другите и да доминира над нив за да може да се чувствува заштитен од заканувачките изливи на агресивна бунтовност и од хаосот во другите, а сè со цел да може да ја спроведе својата идентификација со објектот што се мрази и својата проекција на неприфатливите, потиснати аспекти на сопственото себство.

Клинички гледано, интензитетот на агресивните афекти - раздразеноста, лутењето или гневот - е во груба корелација со нивната психолошка функција: да се обнови автономијата, да се отстрани препреката за посакуваниот степен на задоволство или да се отстрани или уништи изворот на длабоката болка и фрустрацијата.

Најтешкиот и најдоминантниот од афектите кои заедно ја сочинуваат агресивноста како нагон е комплексниот нагон на омраза. За разлика од лутењето или гневот, омразата е хронична и стабилна. Главната цел на оној што е опседнат со омраза е да се уништи сопствениот објект на омраза, специфичниот објект на несвесната фантазма и свесната слика за тој објект; во основа, објектот е и потребен и посакуван, па така и неговото уништување е подеднакво потребно и посакувано. Разбирањето на тој парадокс е во средиштето на психоаналитичарското истражување на тој афект. Се разбира, омразата не секогаш е патолошка; како реакција на реалната опасност од физичко или психолошко уништување, закана за опстанокот на себството и на саканите, омразата е нормална разработка на гневот насочен кон отстранување на таквата опасност. Но, несвесните мотивации обично ѝ се придодаваат на омразата и ја засилуваат, на пример при потрагата по одмазда.

Примитивната омраза добива и форма на труд да се уништи потенцијалот за задоволувачки човечки однос и да се научи нешто вредно во меѓучовечката интеракција, вели Ото Кернберг кој, како и Мелани Клајн, смета дека во основа на потребата за уништување на стварноста и комуникацијата во интимните односи веројатно стои делумно несвесната, делумно свесната завист спрема објектот, посебно спрема објектот со кој слична омраза не завладеала.


Вака го завршив сопствениот текст од пред неколку години:

На крај, уште еднаш сакам да нагласам: занимавањето со лудилото на македонскиот актуелен водач го сметам за највисок можен политички приоритет. Тоа лудило не го сметам за „сатанско“ или „судбинско“, зашто сите ние сме луди, повеќе или помалку, на овој или на оној начин. Опасно е кога лудилото на еден политички водач бега од своето корито и станува сосема неконтролирано, ниту од институциите, ниту од непосредната околина, ниту од јавноста, ниту од граѓаните. Незаузданото лудило на Груевски, повторувам, е симптом за болеста на македонското општество.

*Интересно е што новата ѕвезда на забеганиов свет, Доналд Трамп, исто така има дијагноза на нарцистичка психопатологија. Не го велам ова за првенствено да ги етикетирам ново-старите ужасно опасни популисти (иако и тоа е мошне важно: секогаш само влакно фали за да почне уште еден грандиозен крвав пир), туку и за да укажам на нарцистичката природа на современиот капитализам, единствениот преостанат идеолошки играч во градот. Така што, освен психијатриските, треба да се извадат и социолошките, културолошките, економските книги...

Можеби проблемот делумно е и во ова што го брилијантно го дијагностицира Мишел Лакроа:

„За романтичарите внатрешниот свет беше богат, а светот досаден. Денес внатрешноста е сува, а светот магичен. ’Со празни срца го населуваме полниот свет...’ Култот на емоцијата-удар го заменува вишокот сензибилност со сензибилноста на вишокот. Тоа е новата светска болка.

Тој култ е налик на оние пустински подрачја што повремено се преплавуваат со води кои сè уништуваат. Но на тие подрачја сепак им недостасува вода: на човекот преплавен со емоции-удари му недостига скапоцената вода на емоцијата-контемлација. Не акција туку контемплација.

Распламтувањето на емоциите често е комплементарно со релативната емотивна сиромаштија. Гладта по снажни сензации е проследена со умртвување на сензибилноста. Возбудата сегде наоколу е голема, но како веќе да не знаеме да чувствуваме.

Подрага ни е емоцијата-удар, која спаѓа во редот на врисокот, од емоцијата-контемлација, која припаѓа во редот на воздишката.“

Монтажи: Александар Јосифовски: Психо (со Зајко & Грујко)

ОкоБоли главаВицФото