1003 hPa
76 %
8 °C
Скопје - Сре, 17.04.2024 22:59
Деновиве, министерката за култура многу се напрега да ги негира јавните критики за Годишната програма за поддршка на проекти од национален интерес за 2017 година. Тие критики Елизабета Канческа-Милевска преферира да ги нарекува „континуирани напади на опозицијата“ на сметка на Министерството за култура. На 25 јануари во весникот „Вечер“ осамна непотпишан напис со наднаслов „Комисии ги одбираат проектите“ и со наслов: „Црно на бело – кој и за што добил пари од Министерството за култура!“ За тоа кој и за што добил пари нема ни збор, но во написот се цитирани или прераскажани нејзините „железни“ аргументи од гостувањето на ТВ Нова, од кои првиот веднаш се издвојува со својата истрошеност и испразнетост. Имено, министерката им порачува и ги подучува своите критичари дека културата била многу специфична и дека годишната програма требало да се гледа многу аналитично во однос на сите дејности на културата! И така, со една реченица, онака на купче, да ги отпише сите, зашто не ја разбираат културата, за разлика од неа, министерката, која културата ја прочитала како буквар!
Втората нејзина одбранбена позиција е достојнa за Понтиј Пилат: одлуките кои проекти ќе бидат реализирани со државна помош не ги носела таа, туку стручните комисии за одделните области. И толку, тука запира нејзината одговорност, отчетност и транспарентност. Ни збор за тоа кои се и кој ги именува тие фантомски комисии и нивните претседатели, непознати за јавноста. Со исклучок на вечниот Санде Стојчевски, претседателот на комисијата за литература и издавачка дејност. Другите ги знае чаршијата. Но, дури ни чаршијата не знае каков е мандатот на тие комисии и дали тие одлучуваат само кои проекти треба да се поддржат или одлучуваат и за нивните буџети. Кој им кажува колку пари им стојат на располагање за финансирање проектите од нивната област? И, најпосле, дали членовите на комисиите декларираат конфликти на интереси и дали има и, доколку има, каква е процедурата за разрешување на конфликтите на интереси кога се одлучува за пари од државниот буџет?
Зошто Министерството со кое раководи Канческа-Милевска не објавува годишни извештаи за остварувањето на буџетот и програмата, се разбира со податоци колку чинел секој одобрен проект? Тоа би му прилегало на Министерството за култура, која е, како што милува да каже министерката, многу специфична. Да не го спомнувам националниот интерес кој во рацете на министерката се претвора во пластелин. Зошто да биде строго чувана тајна колку пари чинел, на пример, јубилејот на примабалерината, сопругата на висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ и бивш шеф на УБК?
Наместо транспарентност и отчетност, министерката провидно се обидува да ги анулира критиките за Годишната програма за 2017 година со збирни податоци од минатото. Згора на тоа, за да ја увери критичката јавност дека Годишната програма за 2017 година не е скроена против опозиционерските режисери, таа наведува „податоци“, односно за колку свои проекти финансиска помош добиле Унковски и Милчин (по осум), Зоја Бузалковска (девет), Срѓан Јаниќиjевиќ (седум) и Нела Витошевиќ (шест). Само таа знае зошто на тој список опозиционери се нашол и Александар Ивановиќ (дванаесет) како рекордер во тоа друштво, но не ќе беше рекордер ако министерката понудеше податоци и за оние од скутот на власта.
Јас не поднесов проект за претстава во Годишната програма за 2017 година, ниту преку некоја институција, ниту вонинституционално. Зошто? Затоа што провидните техники на елиминација не ми се непознати. Имено, од уредно предложените проекти за Годишната програма за 2016 година на мистериозен начин исчезна мојот предлог за Вечерната сцена на Театарот за деца и младинци, комедијата „Самоубиец“ од Николај Ердман. Првата работа што ја направи новоименуваниот директор Братислав Димитров беше да го повлече мојот проект (пиесата била морбидна!), заедно со уште три проекти на помлади колеги. Остана мистерија дали мојот предлог за „Самоубиец“ стигнал до комисијата, иако мојата работна биографија морав да ја дополнам на барање од истото Министерство. Уште бројот на чевлите да ми го побараа! А во меѓувреме, „морбидната“ комедија од Ердман се појави на репертоарот на МНТ (под наслов „Животот е убав“), иако во Годишната програма за 2016 година пишуваше дека режисерот Морфов ќе го режира „Дон Кихот“.
Да заклучиме, Владимир Милчин не поднесол проект за 2017 година, проектот за 2016 година му испарил без трага и глас во канцелариите на министерството за „специфична култура“, а министерката Елизабета Канческа-Милевска кажува невистина кога тврди дека во нејзините 10 години, претпоставувам дека брои од 2007 до 2016 година, Владимир Милчин добил финансиска помош за 8 свои проекти, односно претстави, кажано со старомодниот неспецифичен јазик.
Министерството за „специфична култура“ за време на министерувањето на Елизабета Канческа-Милевска ќе остане запаметено како бункер на груевизмот во кој културата беше третирана како алатка впрегната во служба на партијата и привилегија за оние кои без поговор и приговор го произведуваа она што им го правеше ќефот на Фирерот и гаулајтерите. Или, сместено во друг историски контекст, на Хазјаинот и комесарите.
Извор: Слободен печат
Слики: Свирачиња