Нема да се смириме додека не добиеме слобода!

01.02.2017 03:33
Нема да се смириме додека не добиеме слобода!

Активистката за граѓански права Анџела Дејвис одржа говор на Маршот на жените во Вашингтон на 21 јануари пред публика од стотици илјади кои се собраа во престолнината да протестираат против администрацијата на Трамп. Дејвис, позната по своите книги, меѓу кои и „Women, Race, and Class“, страствено повика на отпор и побара од публиката да биде повеќе милитантна во барањата за социјална правда во следните четири години од претседателството на Трамп. Во продолжение, го пренесуваме целосниот говор на Дејвис.


Во предизвикувачки момент од нашата историја, ајде да се потсетиме дека ние, стотиците илјади, милиони жени, транс луѓе, мажи и млади кои сме овде на Маршот на жените, ние ги претставуваме моќните сили на промената кои се решени да ја сопрат изумирачката култура на расизам, повторното издигнување на хетеро-патријархијата.

Свесни сме дека сме колективни двигатели на историјата и свесни сме дека историјата не може да се избрише како веб страница. Знаеме дека се собравме ова попладне на домородна земја и дека ги следиме првите луѓе кои и покрај масовното геноцидно насилство, никогаш не се откажаа од борбата за земја, вода, култура, својот народ. Денес даваме посебен поздрав до Standing Rock Sioux.

Борбата за слобода на обоените луѓе која ја оформи суштината на историјата на оваа земја не може да биде избришана туку-така. Не може да нè натераат да заборавиме дека обоените животи навистина вредат. Оваа земја се темели на ропство и колонијализам, што значи дека историјата на САД е историја на имиграција и поробување. Ширењето на ксенофобија, отфрлањето на обвиненија за убиства и силувања и подигањето на ѕидови нема да ја избришат историјата.

Ниеден човек не е илегален.

Борбата да ја зачуваме планетата, да ги сопреме климатските промени, да загарантираме пристап до вода од земјата на Standing Rock Sioux, до Флинт, Мичиген, до Западниот брег и Газа. Борбата да ги зачуваме нашите флора и фауна, да го зачуваме воздухот – ова е темелот на борбата за социјална правда.

Ова е марш на жени и овој марш на жени го претставува залагањето на феминизмот против смртоносната моќ на државното насилство. Инклузивен и интерсекционален феминизам кој повикува на отпор против расизам, исламофобија, антисемитизам, мизогинија и капиталистичка експлоатација.

Да, ја поздравуваме борбата за 15$/час. Се посветуваме на колективниот отпор. Отпор кон милијардерските профитери од хипотеки и гентрификатори. Отпор кон приватизаторите на јавното здравје. Отпор кон нападите врз Муслиманите и имигрантите. Отпор кон нападите врз луѓето со посебни потреби. Отпор кон државното насилство спроведено од полицијата и преку затворскиот индустриски комплекс. Отпор кон институционалното и интимно родово насилство, особено врз обоените трансродови жени.

Правата на жените се човекови права насекаде на планетата и затоа бараме слобода и правда за Палестина. Го славиме претстојното ослободување на Челзи Менинг. И Оскар Лопез Ривера. Но бараме и ослободување на Леонард Пелтиер. Ослободете ги Мумиа Абу-Џамал и Асата Шакур.

Следните месеци и години ќе треба да ги интензивираме нашите барања за социјална правда, да станеме повеќе милитантни во нашата одбрана на ранливите заедници. Оние кои сè уште стојат во одбрана на надмоќта на белата машка хетеро-патријархија подобро нека внимаваат.

Следните 1,459 денови од администрацијата на Трамп ќе бидат 1,459 денови на отпор: Отпор на терен, отпор во училниците, отпор на работното место, отпор во уметноста и музиката.

Ова е само почетокот и како што би рекла неспоредливата Ела Бејкер: Ние, кои веруваме во слободата, нема да бидеме мирни додека не ја добиеме. Ви благодарам.

Извор: coalition.org.mk

ОкоБоли главаВицФото