Контраспин: Колку народи признава ВМРО-ДПМНЕ?!

01.02.2017 10:45
Контраспин: Колку народи признава ВМРО-ДПМНЕ?!

ВМРО-ДПМНЕ на 27.01. 2017 г. издаде соопштение на тема „десороизација“, во кое има извртувања на вистината или спинови, при што го издвојуваме следниот:

Спин: Народот својата волја ја искажа на демократски избори. Десороизацијата е неизбежна. Узурпацијата и заложништвото на граѓанскиот сектор и демократијата мора веднаш да прекине.

Аболицираниот криминалец Заев заедно со своите пајташи од СДСМ и хулиганите од СОРОС заминува во историјата. Граѓаните не дозволуваат манипулација и деструкција.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/веб, датум: 27.01.2017]

 

Контраспин: Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ издаде соопштение во кое преку извртување на вистината се прави дополнително продлабочување на веќе поделеното општество во Република Македонија. Станува збор за модификација на флоскулата на оваа партија често пати ползувана во нивниот десетгодишен период на владеење дека „народот кажува“ или „народот покажа“ или „народот ќе покаже“.

Во последното соопштение насочено на тема „десороизација“, односно борбата на оваа партија против Џорџ Сорос и финансираните од него граѓански организации во Македонија, прво, се изедначуваат сите граѓани што протестирале во изминатиот период против политиките на владата на ВМРО-ДПМНЕ со граѓанскиот сектор, второ, се изедначуваат со „Шарената револуција“ и трето, се изедначуваат и со СДСМ.

Според соопштението, произлегува дека секој граѓанин што протестирал против владата и владините политики или против лидерот на партијата Никола Груевски, е „соросоид“,„шарен револуционер“ и „сдс-емовец“, при што, вели партијата, на тие протести биле повредени 50-тина полицајци и била нанесена штета од милиони евра…

НАРОД ПРОТИВ НАРОД!?

Во еден дел од соопштението се наведува и следнава реченица која недвосмислено може да се оцени како закана:

Сега сме сведоци на обид нови 9,5 милиони евра да се делат од касата на СОРОС/СДСМ во Македонија. Секој обид овие средства да се употребат за подривање на нашиот правен и уставен систем ќе наиде на соодветен одговор. Народот ќе се спротивстави на хулиганите на СДСМ/СОРОС доколку помислат да го реализираат нивното деструктивно сценарио.

Заканувањето со „народот ќе се спротивстави“ де факто значи организирање на нови „контрапротести“, „контрамитинзи“, а бидејќи се употребени и квалификативите „подривање на нашиот правен и уставен систем“, ништо чудно ако има и употреба на сила од „нивниот народ“.

Јавноста не треба да заборави дека „контрапротестите“, „контрамитинзите“, итн., се позната (антидемократска) метода на политичко дејствување на ВМРО-ДПМНЕ. Примерите се бројни, а најопасните ги видовме во последните две години.

ЧИЈ НАРОД Е ПОДОБЕН?

Најголемиот спин се базира врз простото прашање на што мисли партијата ВМРО-ДПМНЕ кога вели „народот својата волја ја искажа на демократски избори“?

На изборите одржани на 11 декември 2016 година, ВМРО-ДПМНЕ освои 454.577 или 38,14 отсто од излезените избирачи, кои беа 1, 19 милиони. Значи, тој процент е дел само од оние што излегле. Тој процент дополнително ќе се намали ако го сметаме сиот „народ“ што е запишан со право на глас, а тоа се околу 1,8 милиони избирачи.

За опозициската СДСМ, значи за главниот играч на Сорос според ВМРО-ДПМНЕ, гласале 436.981или 36,66 отсто од избирачите што излегле да гласаат. Како што може да се види, разликата е 1.48 отсто или точно 17.596 луѓе. И пак ќе потсетиме, овие проценти и бројки се само од гласачите што излегле, а не излегле нешто над 592 илјади избирачи.

Оттука, логично се наметнува прашањето – Кој народ е „народот“ на Република Македонија за ВМРО-ДПМНЕ? Според логиката на нивните зборови и соопштенија, само оној народ што гласал за нив, т.е 454.577 лица се „народот“ што се признава и што е добар, правоверен, патриотски ориентиран и си ја сака земјата (и партијата, де), додека сите други луѓе, особено оние 436 илјади и кусур што гласале за СДСМ не се народ, тие се „предавници, анационални платеници, шарени револуционери, деструктивци, соросоиди и сдсм-овци“…

ВМРО-ДПМНЕ, ДЕМОХРИСТИЈАНСКА ИЛИ БОЛШЕВИЧКА?

Според меѓународните конвенции за правата на човекот и за правото на изразување и мислење и според многу други прописи и добри меѓународни практики, ваквото соопштение на ВМРО-ДПМНЕ и нивите досегашни практики кон оваа материја, недвосмислено може да се оцени како заплашување, употреба на говор кој се граничи или е говор на омраза, ограничување на правото на изразување на мислењето, вклучувајќи го и правото на протест и друго.

Ваквото соопштение врз политички мотивирана основа го продлабочува јазот на и онака поделеното општество во Македонија, и интра и интеретнички. А, во употребените зборови „подривање на нашиот правен и уставен систем“, јасно се препознава еден јазик на болшевизам, кој на повозрасните генерации граѓани им е добро познат. Оттаму, зачудува, што има заедничко „демохристјанска партија“ за каква што се претставува ВМРО-ДПМНЕ, со болшевичката идеологија применувана за време на Ленин, Сталин и сè до крајот на комунизмот и распадот на СССР.

Поради сè погоре наведено, сметаме дека делот од соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, цитиран во самиот почеток на текстот, е чист спин, т.е. извртено прикажување на вистината.

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Слики: Били Даркарт