1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 03:59
I
Бувот и мачката испловиле на море
Во прекрасен зелен чамец,
Понеле малку мед и малку пари горе
‒ иљадарка залепена врз прамецот...
Мачката ја погледнала звездената ноќ чудесна,
И со гитара в рака на бувот му запеала песна:
„Ќе ти ја бувнам, мил, оваа песна почесна
Оти твојата раскошна туфка-бувка
‒ своевидна камилавка или ќулавка ‒
Е толку кревка и убавка
Што заслужуваш целувка!“
II
„Твоите стихови се небесен дар!
Стварно си сјајна и веќе не се колебам“,
На мачката ѝ рекол бувот ведар:
„Само уште бурма ни треба!“
Пловеле уште некое време, малку изгубени,
Сè до земјата кај што растело дрвото урма.
Таму го сретнале прасето дебело ко квасец,
Кое на врвот од опавчето имало ‒ бурма!
Глеј шапшалче
Насред патче,
Со бурма на врв од опавче!
III
„Прасенце мило, би ни ја продал ли, кажи,
Бурмата за иљадарка?“ И прасето рекло: „Важи!“
Веднаш утредента го направиле потегот
И се венчале крај урма дрвото на брегот.
Славеле кркајќи урми и сарми, трици и клици,
Со денови раскажувајќи си разноразни измислици,
И танцувале танцувале танцувале
На светлината од месечината,
Танцувале на светлината од месечината
Сè додека од погледот не исчезнале
некаде во далечината...
Превод: П. В.
Едвард Лир (Edward Lear, 1812-1888), англиски уметник, илустратор, музичар, писател и поет, денес познат главно по својата нонсенс книжевност, прозна и поетска. Посебно се издвојува неговиот лимерик, петстиховната поетска форма најмногу усовршена и популаризирана токму од Лир. Бил и одличен цртач; на своите патувања главно цртал, во боја, птици, животни, растенија... Зад него останале стотици интересни писма. Компонирал и музика.