Глорија и Глорија

02.02.2017 16:39
Глорија и Глорија

Фотоесеј за мајката и ќерката од Чикаго...

Верувам дека секој од нас сака да го живее својот сон... доколку го има. Јас го живеев мојот, во последните пет месеци додека бев во Чикаго. Тоа не беше само зашто имав прилика да го посетам Чикаго и да го работам она што најдобро го знам – фотографијата – туку затоа што, по два месеца постојано талкање по градот и запознавање нови личности од светот на уметноста, ги запознав Глорија Ранд (34) и Глорија Орнелас (67). Тие се ќерка и мајка кои живеат на 3. кат, стан 302, во старо-новата зграда на авенијата „Вирџинија/Лоренс“ (Линколн сквер) во која престојував со мајка ми. Нашиот стан се наоѓаше на приземје и повремено, кога излегував наутро или кога се враќав доцна вечер, ја здогледував Глорија Ранд. Секогаш со мирисливи пури, видно зачудена, таа зборуваше самата со себе.

Не можев да си дозволам да ѝ се обратам, иако бевме соседи. Се чувствував несигурно, можеби зашто првпат бев во Чикаго или поради фактот што таму има убиства речиси секој ден. За Глорија Ранд дознав нешто повеќе од мајка ми, која повремено ја терав да ми раскажува интересни работи за соседите. Дознав дека таа во 2014 година добила рак кој подоцна ѝ метастазирал по целото тело. „Нејзините минути, денови и месеци се одбројуваат“, грубо ми напомена мајка ми. Тоа беше речиси сѐ што мојата мајка го знаеше, но сосема доволно за да ме допре и да ми разбуди чувство на длабока емпатија.

Веќе започнуваше третиот месец од мојот престој во Чикаго. Според првичниот план, кон крајот на месецот требаше да се вратам во Македонија, но еден настан ми го промени планот – средбата со мајката на Глорија Ранд, Глорија Орнелас. Ја сретнав во пералницата за алишта која се наоѓа во зградата во која живеевме и каде што луѓето знаат да поминат голем дел од времето. Многумина од нив имав шанса лично да ги запознам и да зборувам со нив. Средбата со Глорија Орнелас беше толку непосредна и искрена што веднаш по првиот разговор имав чувство дека ја знам цел живот. Зборуваше многу, со шпанско-американски акцент, а јас само слушав, затоа што речиси не можев да дојдам до збор. Ми раскажуваше за болеста на ќерка ѝ, како за нејзин најголем животен проблем. Но, во разговорот дознав дека, всушност, и Глорија Орнелас (мајката) боледувала од рак во пределот кај мишката. За разлика од својата ќерка, таа болеста ја открила навреме и до своите 67 години успеала да ја нормализира состојбата со помош на апарати во главата и ушите.

По оваа средба следуваа уште неколку и најпосле се вселив во нивниот стан. На Глорија Орнелас ѝ беше потребен човек кој ќе води секојдневна грижа за нејзината ќерка додека таа ги извршува медицинските прегледи, кои беа чести. Се согласив да помогнам, но не прифатив паричен надомест за тоа бидејќи ја препознавав кај нив потребата за помош и поддршка, а кај себе потребата да покажам човечност и разбирање за овие луѓе. Така започна нашето пријателство. Фотографијата дојде подоцна, сама по себе. Во еден момент посакав да го фотографирам нивното секојдневје и тие фотографии да бидат материјал за фотоесеј. Предлогот го прифатија, без никаков проблем. Така настана овој проект.

Глорија Орнелас и Глорија Ранд. Мајка и ќерка. Исти имиња, но различни презимиња. Глорија Орнелас е родена на 30 мај 1949 година во мало гратче во Тексас, додека Глорија Ранд е родена на 4 април 1982 година во Чикаго. Глорија Орнелас потекнува од голема фамилија која брои 7 сестри и браќа, а Глорија Ранд, покрај фамилијата по мајчина страна, има и повеќе полубраќа и сестри. Сепак, како што и самите велат, веќе 20-ина години живеат осамен живот, без никаков контакт со членови од фамилијата и речиси без пријатели. Таткото на Глорија своевремено бил модел, полицаец и детектив кој подоцна имал проблеми со криминал. Ги напуштил уште кога Глорија била бебе, а главна причина за разводот, според кажувањата на мајката, е тоа што тој бил голем вљубеник во жените. Глорија го наследила татковото презиме, Ранд, но често пати, кога докторите ја прозиваа според презимето наведено во нејзината матична евиденција, таа стануваше видно нервозна и агресивна.

На „Денот на таткото“ бев со Глорија Ранд. Седевме на една од маалските клупи и разговаравме, а Глорија постојано гледаше кон небото и како да го броеше секој авион што прелетуваше, на секои 20 секунди, над Чикаго. Ми кажа дека единствено нешто што памти во врска со татко ѝ е тоа што кога била дете заедно патувале со авион. Веднаш потоа, истакнувајќи дека нејзиниот татко во тој момент се наоѓа во станот, побара од мене да одиме таму за да ја фотографирам. Пристигнавме во станот кај што ја најдовме само мајка ѝ. Кога ја запрашав Глорија каде е татко ѝ, таа категорично ми одговори дека „Денот на таткото“ го посветува на својата мајка. Во наредните 3 месеци, додека бев со нив, имав чувство дека Глорија Ранд секогаш кога разговара со мајка си како да му се обраќа, всушност, на татко ѝ.

Нашата прва заедничка средба се случи по предлог на Глорија Орнелас. Бевме во кинески ресторан зашто тие ја обожуваат кинеската храна, исто како мене. Подоцна, посетата на кинески ресторани ни стана редовна практика. Пилешки прсти или брокула беше нашето заедничко мени. Никогаш не ми дозволуваа да платам, иако се противев на тоа.

Уште при првата средба, сфатив дека со Глорија Ранд ќе имам необична комуникација. Така и се случи. Таа често пати зборуваше неповрзано, а јас морав да се потрудам или да изглумам дека ја разбирам. По една изговорена реченица, сосема неочекувано почнуваше да зборува за своите демони, играчки и хорор филмови, кои постоеја само во нејзината субјективна реалност. Таа знаеше во една секунда да се смее многу весело, а веќе во следната да почне да плаче за нејзиното „измислено куче“ Перито. Иако поминувавме речиси цели денови и ноќи заедно, имаше моменти кога не ме познаваше поради нејзините постојани халуцинации. По два или три дена поминати заедно, знаеше да ми каже: „Еј човеку, па јас мислам дека те познавам, ти си ми пријател уште од првиот век“.

Многу често чувствував дека и кога не сум со Глорија, таа е некаде блиску до мене. Кога станував наутро, низ прозорецот слушав како зборува сама со себе. Ќе ѕирнев да видам што се случува и - ништо ново: таа пуши една по друга од нејзините омилени цигари. Кога ја гледате колку многу пуши и со каква страст го прави тоа, нема да помислите дека станува збор за некој што се соочува со смртоносна болест. Мирисливите пури на Глорија оставаат толку јака миризба што нејзе ѝ е забрането да пуши внатре во зградата. За цигари дневно троши околу 15 долари и тоа е, всушност, најголемиот проблем помеѓу неа и мајка ѝ. Нивниот месечен буџет е помалку од скромен бидејќи и двете не заработуваат, па средствата ги обезбедуваат од црковни донации. Имаше периоди кога мајка ѝ со денови не ѝ даваше пари за цигари. Тоа сериозно ја револтираше и вербално почнуваше да ја напаѓа мајка си. Расправиите завршуваа така што Глорија Ранд го напушташе домот и со денови и ноќи остануваше во маалските паркови. Свесна беше дека пушењето дополнително го загрозува нејзиното здравје, но, вели, докторите ѝ рекле дека и со и без цигари нејзиниот живот набргу ќе згасне. И покрај тоа што се соочуваше со смртта во исклучително тешки околности, Глорија Ранд знаеше да биде весела и забавна. Со цигарата в рака, таа знаеше да заигра на музика или да оди до книжарница и да слуша бендови како „Сајпрес Хил“.

Музиката не беше единственото нешто што ја интересираше. Таа обрнуваше многу внимание и на стилот на облекување и обожуваше да експериментира со модни додатоци како прстени, очила, марами и чанти, кои не ретко ги губеше. Како што одминуваше времето, дознавав сѐ повеќе работи за Глорија Ранд. Додека бевме заедно, чувствував дека Глорија е среќна зашто има можност да зборува со некого. Кога не доживуваше напади и халуцинации, Глорија беше многу интелигентна и сосема свесна за својата состојба. Една ноќ, во доцните часови ми дофрли: „Зоран, знаеш што? Јас нема да се родам повторно“ - и почна да плаче. Мајка ѝ често пати, кога зборуваше за медицината и докторите, стануваше гневна. Кога ги запрашав зошто е тоа така, тие ми раскажаа како, всушност, дошло до болеста на Глорија Ранд. Во 2014 година по примање на погрешни лекови препишани од доктор - Глорија се разболува од рак, кој подоцна метастазира низ целото нејзино тело. Згора на сè, добива и ментално нарушување. Пред тоа, како што ми кажаа, сè било во ред. Глорија Орнелас не ми го кажа името на докторот или можеби не се сеќаваше на него, но ми кажа дека докторот е на отслужување затворска казна. Во прв момент целата приказна ми звучеше шокантно. Иако потполно им верував во она што го зборуваат, во себе си реков: „Ако го напишам ова во мојот фотоесеј без да истражам понатака, тоа ќе биде само една обична шпекулација“. И секако, „Гугл из јор френд“. Доктор Фарид Фата е името на докторот-специјалист кој во 2014 година, на територијата на Чикаго, погрешно лекувал над 550 пациенти. Една од нив е Глорија Ранд, а има и такви што се веќе починати. Осуден е на затворска казна од 45 години. За овој случај, Би-Би-Си известува дека постојат сомневања дека делото е извршено со намера да се уништат невини животи, односно дека станува збор за кривично дело со умисла.

Тоа што е сигурно е дека Глорија Ранд веќе три години носи со себе имплант во својот стомак кој, наводно, ја смирува од стресови. Исто така, таа секојдневно зема силни лекови за да се одржи во живот и често пати доживува напади кои се манифестираат на физичко и психичко ниво. Но, она што беше најчувствително за мене е податокот дека кожата на Глорија Ранд, од моментот кога почнува да се лекува кај д-р Фарид Фата, се трансформира од бела во црно-кафеава.

Денес, кога ќе погледам наназад, сфаќам дека Глорија беше едно мое необично доживување. Можеби не е најдоброто, но доволно искрено за една добра приказна која посакав да ја раскажам. Кога слетував во Чикаго, имав планови кои подоцна не ги реализирав докрај. Бев првпат во Чикаго и не очекував многу пријатели, но секојдневно ја користев фотографијата како средство со кое ја задоволував мојата потреба да слушнам и видам различни приказни и попатно да запознам нови лица. По два месеца фотографирање на улица, почнав да станувам уморен. Чувствував дека сакам нешто повеќе, нешто поголемо од самите улични фотографии по блоковите во Чикаго. Но, живеењето со Глорија Ранд дефинитивно не беше ниту мој, ниту нејзин план.

Додека фотографирав, постојано се прашував дали е добро или лошо да ги фотографирам двете Глории од Чикаго. Истата дилема ја имав и кога почнав да размислувам за објавувањето на фотографииве, особено затоа што од самиот почеток се чувствував како член на ова мексиканско семејство. Еден дел од мене знаеше дека сум фотографот кому беше потребно да му се случи Глорија. Но, се прашував зошто јас требаше да ѝ се случам на Глорија. Можеби зашто таа уживаше во разговорите со мене. Можеби затоа што кога комуникацијата стануваше тешка, поради нејзините халуцинации, успевавме повторно да се поврземе токму преку фотографијата. Во моментот кога ќе почнев да ја фотографирам, нејзината состојба се менуваше. Таа стануваше прво смирена, а потоа и расположена, извикувајќи: „Уште еднаш, уште еднаш, уште еднаш, Зоран…“

Орнелас беше воодушевена од тоа дека некој сака да ја разбере и наоѓа начини да комуницира со нејзината ќерка.
Во процесот на фотографирањето ми беше многу важно што имам како информација, а информации имаше многу. Поврзани и неповрзани. Некогаш, додека фотографирав, чувствував како нешто да ми недостасува. Во обид да дознам што е тоа, еден ден ја замолив да ми ја раскаже целата своја животна приказна. Но таа не сакаше многу да зборува. Предложив да ја запише ако ѝ е така полесно, но и тоа го одби. Останав со чувството дека има нешто „поголемо“ што се крие зад лицето на Глорија Ранд и беше речиси невозможно тоа да го откријам само преку процесот на фотографирање. Всушност, тоа беше причината поради која одлучив да го фотографирам овој проект во црно-бела техника.


На крајот, по три месеци заеднички живот со двете Глории, се чувствував чудно: и среќно, и инспиративно, и многу тажно. Помнам дека последниот ден од престојот го одбив предлогот за дружење со моите најблиски за да можам да ја фотографирам Глорија Орнелас додека ја потстрижува својата ќерка Глорија Ранд. Кога завршив со фотографирањето, не сакав да се збогувам официјално. Само заминав и реков дека ќе останеме во контакт. Веќе следниот ден, изутрина, тивко оставив писмо под нивната врата. Сега, текстов го пишувам во Македонија. Мајка ми повремено ми испраќа фотографии од Глорија Ранд. Понекогаш се гледаме на „скајп“. И знам дека, порано или подоцна, повторно ќе се сретнеме.

Слични содржини

Општество / Фотографија
Општество / Активизам / Фотографија / Став
Општество / Фотографија
Активизам / Фотографија / Уметност
Општество / Фотографија / Култура / Уметност
Општество / Активизам / Фотографија
Општество / Активизам / Фотографија

ОкоБоли главаВицФото