1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 14:59
Луѓето се познати по тоа што често користат многу лоши лозинки, па можеби наместо нив би требало да ги користиме отчукувањата на своето срце за отклучување на чувствителните податоци. Истражувачи од Универзитетот Бингамтон во Њујорк открија начин да го користат ЕКГ-то на пациентот како клуч за пристап до нивните електронски здравствени картони. ЕКГ со помош на биосензори прикачени на кожата ја мери електричната активност на срцето.
„Сакавме да најдеме единствено решение за заштита на здравствените податоци користејќи нешто едноставно, достапно и исплатливо“, вели Жанпенг Јин, асистент-професор на електротехничкиот факултет и еден од истражувачите на овој проект.
Со помош на денешната технологија, доволно е да го погледнете својот паметен телефон или преносната направа за да ги видите сите податоци за здравствената состојба (пулсот или крвниот притисок, на пример), вели Јин. Податоците можат да му се испратат на лекарот во ординација на анализа, и да се чуваат во електронскиот здравствен картон на пациентот.
„Меѓутоа, во текот на процесот, преносот на податоци е ранлив за кибер-напади или кражба на податоци, што може да доведе до откривање на чувствителни податоци од здравствениот картон на корисникот“, вели тој. „Предложеното решение содржи уште еден слој на безбедносна заштита на здравствените податоци на пациентот.“
Наместо скапите, гломазни техники на шифрирање, помислил тој, зошто да не се искористат нечии скенирани отчукувања на срцето?
„Постоечките студии за ЕКГ велат дека тоа по природа е прилично уникатно за различни поединци“, вели Јин. Со други зборови, секое лице има нешто што се вика „потенцијална биометричка идентификација“. Нормалниот пулс е помеѓу 60 и 90 отчукувања во минута, и за да биде лозинката побезбедна, се скенираат неколку отчукувања за да се вклопат во оригиналниот образец.
Но срцата се непостојани, а ЕКГ е ранлив на варијации, поради што поточните - и постабилните идентификатори, како што се отпечатоците на прстите (или, да речеме, скенирањето на ирисот на окото) почесто се користат за препознавање.
Скенирањето на отчукувањата на срцето содржи „детекција на живоста“, вели Јин - луѓето мораат да бидат живи за да им се направи ЕКГ, па потешко е да се лажира.
Основната цел на истражувањето на Јин, кое го претстави на IEEE, глобалната конференција за комуникација во Вашингтон кон крајот на 2016, е „намалување на компјутерските операции“ во складирањето на здравствените податоци, веи тој.
Јин и неговите колеги во моментов се фокусирани на развој на алгоритми и сè уште не вршеле испитувања на пациенти.
„Мое мислење е дека во оваа фаза самиот ЕКГ ќе стане робусен биометрички идентификатор кој ќе се користи на телефоните или компјутерите“, додава Јин. „Но има голем потенцијал за одредени сценарија кои бараат повисоко ниво на безбедност.“
Извор: Vice