1029 hPa
32 %
18 °C
Скопје - Вто, 05.11.2024 13:48
Сте нè слушнале како цело време ја повторуваме нашата глупава шега: Да не бевме ние, денес сите ќе зборуваа германски. Кога тиранијата и деспотизмот маршираа против демократијата, во Втората светска војна, влетавме и ви помогнавме да го растерате пламенот на фашизмот, да го избришете непријателот и повторно да ги изградите темелите на демократијата.
Па, се чини дека тоа беше шега на наша сметка. Случјано ја викнавме Русија во Белата куќа. Додека градиме ѕидови и ги затвораме границите, гледаме во вас и се надеваме дека, овојпат, вие ќе нè спасите.
Речиси 70 години, Соединетите Американски Држави беа темел на безбедносниот сојуз на Западот. Гордо служевме како бедем против руската агресија во Европа. Како најголем член на НАТО пактот, бевме џинот што ја гарантираше колективната безбедност, а нашата енормна економска и воена моќ секогаш лебдеше во позадина, за да ја видат вашите противници, тивко шепотејќи: САД ја чува Европа.
Не го правевме ова за да бидеме ваши господари, ниту за да ви кажуваме што да правите. Го правевме тоа затоа што САД и Европа се компатибилни партнери. Добри сме кога сме заедно. Знам дека заедничките вредности секогаш не ни се поклопуваат. Кога ќе нè оставите без надзор, шпагетите ќе ги превариме, ќе пиеме вино со „Спрајт“ и ќе играме фудабал со раце. Но, наспроти нашите ексцентричности, вие Европо, сте љубовта на нашите животи, единствени со кои можеме да успееме на долг рок.
Сега, Владимир Путин и неговите популистички марионети, се обидуваат да нè раздвојат и новиот американски претседател, се чини, е расположен да му помогне на Путин тоа да го оствари.
Тоа е наша вина. Ние, Американците, штотуку си ја изгласавме нашата незавидна позиција. А Доналд Трамп е подготвен, се чини и многу расположен, да му се придружи на Путин. Како што често тоа го правел и во неговиот приватен живот, долгогодишниот партнер го заменуваше со помлад модел, што наоколу се шета во топлес. Човекот си сака работи што светкаат, што да се каже?
Но, на многумина од нас не ни се допаѓа овој нов однос. Гледаме дека неговиот нов додворувач игра игри и не е заинтересиран за здрава врска. Се надеваме дека сега вие ќе бидете доволно силни и издржливи за да може да го одржите либералниот демократски поредок, додека ние, се надевам само повремено – ќе одиме на руската забава. Сè уште ја имате таа можност. Путин ја игра истата игра овде, како што ја игра во Европа. Холандија, Франција, Германија и Италија, во следните 16 месеци ќе имаат избори. Русија има врски со вашите популистички партии, потпиша финансиски договори со нив и инфилтрираше пропаганда на интернет чијашто цел е да влијае врз вашиот глас.
Разбираме дека некои од вас искрено ги поддржуваат популистичките движења. Лути сте. Тоа е во ред. Многумина од вас беа лути пред изборите кај нас. Сите ја згрешивме работата. Создадовме ново богатство, но не сторивме ништо за тоа како да го разделиме. Политичарите во Вашингтон или Брисел го користеа пренатрупаниот бирократски систем за да создадат правила за другите (но не и за себе). Глобалните елити станаа побогати, развивајќи непрактични начини како да им се помогне на луѓето во неволја, а потоа пиеја скапо виски во Давос и си честитаа за тоа колку се добри кон сиромашните. А сето тоа време, војната и корупцијата создадоа постојан бран бегалци кој го притиска системот од кој зависи секој просечен Европеец.
Наспроти сите овие проблеми – дефинитивно големи проблеми, кои бараат решенија - целокупната насока во која бевме тргнати, беше дообра: кон мултиетничко, прогресивно, либерално демократско општество.
Мнозинството од нас Американците и Европејците не гледаме на Русија како на идеално општество, дури и ако таа држава ги има „најдобрите проституки во светот“, како што рече Путин, неодамна.
Многумина од вас веќе знаат како изгледа тешката рака на Русија и еднаш кога се ослободивте од неа, се свртевте кон нас. Нашиот пат го избравте за вашата иднина.
Европо, имате шанса да ја сочувате стабилноста, која ние Американците штотуку ја отфрливме, имате шанса да го преземете кормилото во овие неистражени води, додека ние да успееме да се вратиме.
Дали ќе сакаме да ви се придружиме или не, ќе зависи и од вашата помош. Знаеме дека сега ви е тешко. Со оглед на тоа колку нашиот претседател сака, како папагал, да ги повторува тезите од Кремљ, можеби нема да сакате да соработувате со нас за безбедносните прашања.
Но ве молам, имајте на ум дека ако не си помагаме, ќе бидеме помалку безбедни, а тоа само ќе им ја олесни работата на оние кои сакаат власт за да ги ослабнат механизмите на демократијата и уште повеќе да нè приближат кон автократијата.
Еднаш кога ќе почне, тешко е да се сопре тој циклус. Знаеме за што зборуваме. Ве молиме, не ги задоволувајте желбите на тој лик, но немојте ни да нè изолирате.
Со вас, Европо, се чувствуваме безбедни, и едните и другите знаеме дека подобро ни е да сме заедно отколку раздвоени. Ве молам, Европо, придржете го за нас, факелот на Слободата, додека не успееме повторно да ви се придружиме во демократскиот, прогресивен свет.
Ние, народот на Америка, сметаме на вас, да нè спасите. Сите нас.
Авторката е писателка и поранешна агентка на ЦИА
Извор: politico.eu
Карикатури: Patrick Chappatte