Историски ден за ЛГБТ заедницата во Норвешка: одржана првата венчавка на истополов пар во црква

03.02.2017 15:03
Историски ден за ЛГБТ заедницата во Норвешка: одржана првата венчавка на истополов пар во црква

Чел и Ерик се првиот истополов пар во Норвешка венчан во црква. Тоа е резултат на одлуката која ја донесе врвот на евангелистичко-лутеранската црква гласајќи за нова литургија која се применува од 1 февруари.

Одлуката за тоа дали ќе венчаваат такви парови им е препуштена на пасторите, а пасторката која ја водела свечената церемонија на венчавката на Чел и Ерик во црква во Ејдскуг, на југот на Норвешка, со задоволство прифатила.

„Беше многу забавно и убаво да се види тоа. Тие двајца веќе ги отелотворуваат вредностите на бракот – верноста и поддршката во добрите и лошите денови“, изјави пасторката Бетина Екбо за норвешката новинска агенција NTB.

„На многу начини овие двајца мажи проживеале бројни историски моменти за хомосексуалците. Кога се запознале и заљубиле, сигурно им се чинело дека најверојатно никогаш нема да можат да се венчаат во црква“, додаде таа.

Нововенчаниот пар претходно изјави дека, по толку чекање да се венчаат, им се чинело дека немаат повеќе време за губење, па кога литургијата стапи на сила во средата попладне, веднаш одлучиле да ја искористат приликата. Двојката е заедно цели 36 години, од 1981. Погледнете го видеото од венчавката.

Извор: www.queer.mk