New Deal за Европа

04.02.2017 04:40
New Deal за Европа

„Баш ми е гајле колку ќе чини – повторно ја имам својата земја!“ Така зборуваа луѓето за Англија по референдумот за брегзитот минатиот јуни. Ова барање сè почесто се слуша ширум Европа. До неодамна предлозите за „спасување“ на Европа се прифаќаа со симпатии, со скепса во поглед на нивната остварливост. Денес, скепса предизвикува тврдењето дека Европа е вредна за спасување.

Европската идеја е потисната на маргината на здружените сили на негирањето, бунтот и погрешното уверување. Негирањето на естаблишментот на ЕУ дека економската архитектуира на унијата едноставно не беше подготвена за кризата од 2008 година, создаде дефлаторни трендови кои го делегитимизираат европскиот проект. Предвидливата реакција на дефлацијата беше бунт на антиевропските партии ширум континентот. Најмногу од сè загрижува погрешното уверување на естаблишментот дека националистичката плима може да се запре со „мека федерација“.

Тоа веќе не е можно. После кризата на еврото, Европејците се ежат од помислата дека на Европската унија треба да ѝ се даде уште поголема моќ над животите на луѓето и нивните заедници. Политичка унија во рамки на еврозоната, со мал федерален буџет и делумна социјализација на добивката, загубите и долгот, можеше да биде корисна 1999 година, кога се роди заедничката валута. Но, сега, под товар на големите банкарски загуби и заостанатите долгови создадени од недостатоците во архитектурата на еврото, меката федерација (каква што предлага можниот француски претседателски кандидат Емануел Макрон) донесува премалку и тоа го прави предоцна. Тоа би била унија на перманентни мерки на штедење за каква веќе со години се залага германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле. Денешната „националистичка интернационала“ не би можела да посака поубав подарок.

Накратко, заговорниците на прогресивните политики мораат да си постават едноставно прашање: Зошто европската идеја умира? Одговорите се сведуваат на невработеноста и принудната миграција во рамки на ЕУ.

Растот на невработеноста е цената за неадекватното ниво на инвестирање ширум Европа, заради мерките за штедење и олигополитичките сили кои работните места во Европа ги концентрираа во оние економии кои и во настанатата ера на дефлација произведуваат вишок. Миграциите се производ на економските нужности на европската периферија. Повеќето граѓани на Грција, Бугарија и Шпанија кои заминуваат во Британија или Германија не одат таму заради климата туку затоа што немаат друг избор.

Електричните огради и повлекувањето во прегратката на националните држави нема да го подобрат животот на граѓаните на Британија и Германија. Тоа единствено може да го направи создавањето прифатливи услови за живот во сите европски земји. Токму тоа ни е потребно за да ја оживееме идејата за демократска, отворена Европа. Ниедна европска земја не може да го одржи просперитетот ако другите Европејци се во канџите на депресијата. Затоа, пред размислувањето за Европа како федерација е потребен „new deal“.

Движењето ДиЕМ25 ќе ја претстави таквата програма за Европа во февруари и ќе ја започне следниот месец (во март), на годишнината од Римските договори. Европскиот new deal ќе се заснова на едноставно начело: секој Европеец треба да ужива право на работа од која може да се живее, пристојни услови за домување, квалитетно здравство и образование и чиста животна средина во сопствената земја.

За разлика од изворниот New Deal на Рузвелт од триесеттите години на 20 век, европскиот new deal мора да се спроведува без користење на полуги на функционална федерација, со потпирање на постоечките институции на ЕУ. Во спротивно, ќе се забрза распадот на Европа и наскоро нема да има што да се федерализира.

Европскиот new deal треба да вклучи пет прецизно утврдени цели и дефинирани механизми за нивно остварување во рамки на постоечките ЕУ договори, без дополнителна централизација на власта во Брисел и понатамошно губење на суверенитетот:

Зелени инвестиции од големи размери кои ќе се финансираат преку партнерство на европските јавни инвестициски банки (Европската инвестициска банка, КфВ и другите) и централните банки (со насочување средства од монетарната релаксација на обврзниците од инвестициските проекти) така што 5 проценти од приходот во Европа ќе се канализира во инвестиции во зелената енергија и одржливите технологии.
Систем на гарантирано вработување кој треба да обезбеди работни места во јавниот и непрофитниот сектор со плата од која може да се живее за секој Европеец што го сака тоа, во земјата во која се наоѓа. Под услов со тој систем да не се заменат работите во државната служба, вработувањето да не биде доживотно доделена привилегија и да не се укинат постоечките бенефиции, зашто тоа би создало алтернатива помеѓу бедата и миграциите.
Фонд за борба против сиромаштијата кој ќе ги задоволи основните потреби ширум Европа и ќе послужи како основа за идните бенефиции на унијата.
Универзална основна дивиденда со која ќе се редистрибуира дел од растечките приноси од капиталот.
• Директна заштита од иселување, во форма на правила за правото на закуп кое на сопствениците соочени со принудна наплата за продажба на имот ќе им овозможи да останат во својот дом со плаќање закупнина по фер цена која ќе ја утврдуваат совети од локалните заедници. На подолг рок,
Европа мора да финансира и да обезбеди пристојни услови за домување за сите Европејци со обновување на моделот на општествени станови кој е демонтиран во поголемиот дел од континентот.

Системот за вработување и програмата за борба против сиромаштијата треба да се изгради на модерна верзија на една стара практика: со ставање на јавното банкарство во служба на јавното добро, што ќе се финансира со прагматична но радикална валутна реформа во рамки на еврозоната и ЕУ. Истото треба да се направи и во европските земји кои не се членки на ЕУ. Конкретно, за таа цел треба да се употреби добивката на централните банки од емисијата на пари.

Исто така, во секоја земја треба да се воспостави електронски јавен систем на клиринг депозити и плаќања (надвор од банкарскиот систем). Даночните сметки би се користеле за прифаќање депозити и прием на уплати, со овозможување на трансфер со користење услуги од онлајн банкарството, мобилните апликации и јавно регулираните дебитни картички. Расположливите биланси би можеле да им се позајмуваат на фондовите за поддршка на програмите за вработување и сузбивање на сиромаштијата, со осигурување преку европскиот систем на осигурување депозити и покривање на дефицитите од обврзниците на централните банки кои по ниски каматни стапки би ги сервисирале националните влади.

Единствено таков европски new deal може да ја запре понатамошната дезинтеграција на ЕУ. Секоја европска земја мора да се стабилизира и да оствари просперитет. Европа не може да преживее ни како земја Дембелија ни како унија на стегнати ремени во која некои земји, зад палминиот лист на федерализмот, се осудуваат на вечна депресија, а на должниците им се ускратуваат демократските права. За „повторно да имаме своја земја“, треба да се вратиме кон хуманоста и здравиот разум во цела Европа.

Извор: https://www.project-syndicate.org

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото