Импичмент

04.02.2017 12:01
Импичмент

Ниту сум правник, ниту пак некогаш нешто посебно ме интересирала јуристиката, ама она што навистина ме запрепастува и ми ја навредува интелигенцијата во македонското законодавство е заштитата на функционерите, небаре се природна реткост или ендемска уникатност. Ако државата произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните, претпоставувам дека тие треба да бидат најзаштитетни од законите. Да бидат најзаштитетни од сите можни злоупотреби, вклучувајќи ги тука во прв ред, избраните или именуваните функционери, кои уште се нарекуваат и политичари.

Еве ви пример: имаме претседател на држава. Неговите надлежности, односно права, покрај тоа што формално ја претставува државата и е врховен командант на нејзините вооружени сили, се таксативно наведени во членот 84 од Уставот на државата и изнесуваат точно 11. Неговите обврски (член 85 и 86 од Уставот се точно две), а неговата одговорност е лаконски кратко срочена во само еден член под реден број 87. Во него стои следново:

Став еден: „Претседателот на Републиката е одговорен за кршење на Уставот и законите во вршењето на своите права и должности.“

Став два: Постапка за утврдување на одговорност на претседателот на Републиката покренува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. За одговорноста на претседателот одлучува Уставниот суд со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии.“

И став три: „Ако Уставниот суд утврди одговорност на претседателот на Републиката, функцијата му престанува по сила на Уставот.“

Уставотворците своевремено пресекле дека за одговорноста на институцијата „Претседател“ треба да одлучуваат институциите „Парламент“ и „Уставен суд“ и тоа во обата случаи со двотретинско мнозинство. Супер! Парламентот е избран од граѓаните и со нивната пренесена надлежност ги избира и уставните судии, освен двајца, кои ги предлага претседателот на државата (ова е едно од 11-те погоре негови наведени права). А претседателот, пак, на непосредни избори го избираат граѓаните, ама тие – граѓаните, немаат никакво право да му изгласаат недоверба пред истекот на мандатот.

Токму така. Постои еден институт што се вика Референдум и претставува форма на непосредно изјаснување на граѓаните и тоа е уредено со Закон. И види чудо, во истиот тој Закон има еден член 28, во кој се вели дека „Референдум на државно ниво не може да се распише за прашања што се однесуваат на буџетот на Република Македонија и завршната сметка на буџетот, за јавните давачки, за резервите на Република Македонија, за прашања на изборите, за именувањата и разрешувањата и за амнестијата“.

Во превод, граѓаните кои претходно избрале претседател на држава без да знаат дека типот нема да ги застапува подеднакво нивните интереси, дека го крши Уставот каде и кога стигне, дека е измеќар на една политичка опција, дека форсира политички протекционизам, зазема страна, дека амнестира криминалци со што ја дестабилизира државата, или со други зборови дека е блесав скроз наскроз, немаат никаква институционална рамка да го симнат од фотелјата, односно да го измаршираат од институцијата која ја бламира.

Граѓаните имаат право да грешат и да згрешат, а законите и институциите треба да им овозможат исправање на нивните грешки. Не смее тоа да се остави само на изборите, посебно во денешно време кога медиумите се користат за црна пропаганда и масовна манипулација, односно хипноза на гласачите. Тоа е моето лаичко толкување на логиката на постоењето на правото, бидејќи во спротивно, доаѓаме во ситуација во која што сега се наоѓаме.

Знам дека моите колеги од Правниот факултет ќе ми одговорат дека законите почиваат и на толкување произлезено од искуствата, традициите и етичките норми во едно општество, а не само на голите норми. И тоа е така, зашто веројатно во нормални средини, она што не е нормирано, тоа се подразбира.

Ама каква средина сме ние кога Ѓорге Иванов, во својство на претседател на држава, пред очите на своите граѓани отворено го крши Уставот, што е санкционирано во членот од истиот тој Устав. Што е тука нејасно? Без да се информира дали има парламентарно мнозинство, му го дава мандатот на Груевски (што е уставен услов утврден во членот 90), а откога овој не може да договори 61 пратеник, ги свикува сите лидери на парламентарните партии (меѓу кои и Груевски по втор пат), им бара доказ за мнозинство во Собранието и плус на сето тоа, им диктира услови кои треба да ги имаат во програмите.

Од тоа јас спонтано осознавам дека 27 години сум живеела во заблудата дека уредувањето на мојата земја се викало „Парламентарна демократија“, а таа да ти имала претседателски систем на организација. Повеќе од четврт век сум сметала дека нашето македонско Собрание одлучува кој ќе формира Влада, дали неговата програма е добра или лоша и дали составот на неговиот кабинет е прифатлив или не. А сега, види чудо, за тоа одлучува Иванов.

И тоа не е сè, во целата своја блесавост, уште и се консултира со претставник на органот кој треба да го санкционира неговото кршење на највисокиот закондавен акт на државата, односно со претседателот на уставниот суд. А овој благо му се смешка во заедничкото блеење, веројатно имајќи разбирање за обостраната блесавост.

Инаку, како што пред малку проверив на Дигиталниот македонски речник, зборот „импичмент“ е именка од машки род и значи отстранување од должноста претседател на државата од страна на законодавната власт.

Значењето е погрешно. Итно да се менува Речникот. На референдум.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Били Даркарт

ОкоБоли главаВицФото