„Победник со победник“ е фалш принцип!

04.02.2017 18:13
„Победник со победник“ е фалш принцип!

Синоќа на Телма го гледав гласноговорникот на ДУИ, Бујар Османи, како смирено но убедливо, на моменти страсно и „искрено“ (на тој збор самиот инсистираше во неколку наврати) се обидуваше да ја убеди јавноста зошто ДУИ во моментов е на подеднаква „еквидистанца“ и од ВМРО ДПМНЕ и од СДСМ и зошто е толку тешко да ја донесат одлуката со кого ќе одат во коалиција.

Откако во текот на разговорот со тројцата новинари се распаднаа сите други потенцијални аргументи зошто ДУИ би одела со ВМРО (ДПМНЕ се оддалечува од европските интеграции и од правната држава - клучните принципи на ДУИ, според Османи), на масата остана само круцијалниот фамозен „ДУИ-аргумент“: ПОБЕДНИК СО ПОБЕДНИК.

Иако ДУИ од 2006 жестоко инсистира на тој принцип (веројатно вграден и во тајниот Мајски договор меѓу ДУИ и ДПМНЕ) во суштина станува збор за сосема лажен, неупотреблив и недемократски принцип и аргумент на политичката борба. Дотолку е поневеројатно како е можно еден фантазматски и неодбранлив политички принцип не само толку долго да се одржува во главата на Ахмети и неговите сопартијци, туку и да претставува клучен политички принцип за иднината на Република Македонија.

Зошто принципот „Победник со победник“ е лажен, неупотреблив и неодбранлив? Ќе понудам неколку аргументи:

  1. Води кон етнизација и федерализација на во моментов унитарната држава; го укинува граѓанскиот концепт на држава и го „етнизира“ индивидуалниот чин на гласање;
  2. Недемократски е;
  3. Не е фер;
  4. Го елиминира здружувањето по (политичка) блискост;
  5. Не е доследен; зошто тој принцип да не важи за сите етнички заедници и за нивните партии во Македонија?


Еве неколку примери кои во парампарче го разбиваат племенскиот принцип на Ахмети: Што ако се случи на избори 7 партии да имаат сличен број гласови, во просек секоја по 15 проценти, да речеме? Зошто петте партии кои би освоиле две третини од гласовите би морале да отстапат пред двете „победнички“ партии кои освоиле една третина од вкупниот број гласови? Впрочем, и во моментов имаме такво сценарио (кое, за жал, не е преточено во гласови, заради несоодветниот изборен модел): односот на гласовите меѓу опозицијата и власта е 6:5 за опозицијата, на изборите од декември 2016). Еве уште „пореалистички“ пример: што ако четири албански партии освојат вкупно околу 20 проценти, а најдобрата од нив освоила 7 проценти? Зарем гласовите на здружените три партии (13%) ќе бидат послаби од 7% на „победникот“?!

Зошто принципот на Ахмети е недемократски? Затоа што политиката е вештина на договарање и усогласување (а не на супремација и „мајоризација“ - зборот од кој се плаши Османи). Хана Арент ја дефинира политичката моќ како „усогласено делување“, при што различните погледи и спротиставени интереси меѓусебно се усогласуваат. Но, на политиката сепак, во пошироко значење, според Ендрју Хејвуд, треба да се гледа првенствено како на стремеж судирите да се решаваат, без намера да се постигне конкретно решение по секое прашање - оти сите судири не е можно да се решат.

Зошто принципот на Ахмети не е фер? Не е фер ни во обична рационална, квантитативна смисла (тоа го покажавме погоре), но не е фер ни во стеснувањето на маневарскиот простор за здружување по политичка или идеолошка блискост. Зошто би морале заедно да владеат, на пример, една екстремно лева и една екстремна десна партија, од македонскиот и албанскиот блок, доколку освојот најмногу гласови во своите етнички заедници?

Не е фер, најпосле, ни зашто е недоследен: зошто тој принцип да не важи за партиите на сите етнички заедници во Македонија? (Фарсичноста на тој принцип всушност најдобро би дошла до израз кога би го прогласиле за општоважечки: со тоа практично би го укинале демократскиот поредок и би вовеле племенска организација.)


На крај, уште еднаш за самиот Бујар Османи, виртуозот на празниот но мошне опасен демагошки говор. Мој впечаток е дека остана неизречена клучната причина зошто ДУИ сака да оди со ВМРО (иако, и според Османи, не постои ниеден рационален аргумент за тоа). Таа неизречена а толку моќна причина, ми се чини, лежи токму во националистичката (можеби и предполитичка) природа на тие две партии кои Македонија ја гледаат како племенски сојуз, а не како модерна европска демократија втемелена во правата на граѓанинот. Она од што во моментов се избезумени Ахмети, Османи и ним сличните, е што за СДСМ гласаат многу Албанци и што меѓу членовите и раководството на СДСМ има многу Албанци. За Ахмети, ми се чини, тоа е страшен знак за дегенерација, пропаст, асимилација, „мајоризација“ итн. ДУИ, со продолжувањето на коалицијата со криминализираната и деструктивната ДПМНЕ, всушност сака да ги врати во „нормала“ „неприродните“ бегства од племенските трла, пред сè да ги казни Албанците и Македонците кои се осмелиле да помислат дека постои излез од етно паркот.

Каква е иднината на Македонија со вакви луѓе, со вакви ограничени националистички водачи, веќе не е ни реторичко прашање. Најдобар одговор даваат десетиците илјади луѓе кои секоја година го напуштаат темниов вилает препуштен на племенските поглавици.

Слики: Свирачиња