Тестостеронот е причината зошто мажите живеат пократко од жените

06.02.2017 10:58
Тестостеронот е причината зошто мажите живеат пократко од жените

Јужнокорејските експерти можеби дојдоа до клучниот фактор заради кој жените, во просек, живеат подолго од мажите, утврдувајќи дека кастрираните Корејци низ историјата живееле значително подолго од некастрираните. Научниците дошле до овој заклучок со проучување на податоците за животот на благородниците во текот на петвековното владеење на корејската династија Џосеон – од крајот на 14 до почетокот на 20 век.

Додека во тој период повеќето мажи од кралското и благородничките семејства умирале во доцните четириесетти или раните педесетти години, дотогаш евнусите со благородничко потекло (кастрирани или заради повреда или некои други општествени бенефиции) во просек живееле седумдесетина години.

Предводникот на студијата, Кјунг Џин Мин од Универзитетот Инха, смета дека причината за подолгиот живот на евнусите се состои во тоа што им бил отстранет изворот на машкиот хормон тестостерон, за кој се знае дека го зголемува ризикот од коронарни болести и ги намалува имунолошките функции кај мажите. Тоа е и наведено во студијата, која неодамна е објавена во научното списание „Карент бајолоџи“.

Освен тоа, според една од водечките теории за стареењето, телото има ограничена енергија, која се користи за одржување на репродуктивната функција, но и за сите други функции доколку изостане репродуктивната.

Од друга страна, иако биолошки не можеле да бидат татковци, евнусите низ корејската историја се женеле, посвојувале и одгледувале деца и во принцип живееле живот мошне сличен со оној на некастрираните мажи.

Современите мажи кои би сакале да го продолжат животниот век евентуално би можеле да размислат за „терапија за редукција на тестостеронот“, напоменува Кјунг Џин. Сепак, тој смета дека уште е рано за такви интервенции, меѓу другото затоа што не се знае дали ефектот од терапијата би бил ист денес.

Прво, не е јасно дали терапијата би имала дејство ако започне во постарото доба, бидејќи евнусите биле кастрирани уште во детството, а, второ, терапијата би можела да има несакани дејства.

Освен тоа, со оглед на намалувањето на сексуалната желба, како последица на редукцијата на тестостеронот, некои мажи можеби би сметале дека продолжувањето на животот баш и нема смисла, предупредува Кјунг Џин.

Извор: http://www.politika.rs

ОкоБоли главаВицФото