1022 hPa
100 %
6 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 11:07
Смешно е. Глупаво е. Не знам веќе како да ја опишам оваа појава.
Веќе долго време, Груевски и ДПМНЕ го напаѓаат невладиниот сектор дека е „антидемократски“, дека не ја почитува „волјата на народот“ и дека сме обични платеници кои се „нетолерантни за секоја мисла различна од нивната матрица“. Всушност, токму затоа сме му се навртеле на Груевски, за да ја наметнеме нашата антидемократска мисла спротивна на волјата на народот. И да ја разнебитниме државата.
Немало врска дека тој е најмоќниот криминалец кој некогаш постоел во нашата држава. Нема врска дека имаме повеќе иселени, сиромашни и угнетени од кога било претходно.
Не, Никола, не е така.
1. Демократија не е само „волјата на народот“. Тоа е популизам. Волјата на граѓаните, искажана преку слободни фер и демократски избори е едната страна од паричката – демократските принципи и вредности се другата. Принципот на поделба на власта, принципот на контрола и надзор, вредностите на слободен пазар, политички плурализам, човековекови права, итн. Поинаку кажано, дури и целиот „народ“ да сака нешто што е спротивно на веќе поставените принципи и вредности, едноставно не може да го добие. Настрана фактот што Македонија нема видено вистински слободни избори со децении наназад, а Груевски нема поддршка од ниту приближно „целиот народ“ (сите граѓани на РМ).
2. „Волјата на народот“ не е само гласот на избори. Волјата на народот се законите, системот. А законите, барем формално, велат дека криминалците треба да одат во затвор. Дека Македонија не смее да толерира корупција во својата власт. Зошто не ја почитуваш таа волја на народот, Никола?
Од друга страна, пак, од каде му е правото тој да кажува што е волјата на македонскиот, албанскиот или кој било друг народ? Ако успеал да добие, украде, купи или уцени мнозинство македонски гласачи не значи дека има право да ја уништи иднината на цела една држава. Извини, Никола, ама и јас сум дел од македонскиот народ, а криминалот, корупцијата и ти воопшто не сте ми по волја.
3. Не сме нетолерантни кон секоја мисла различна од нашата. Нема да навлегувам во тоа како граѓанскиот сектор гледа на слободата на мислата и изразувањето, тоа е повеќе од очигледно – ќе зборувам конкретно за мислата на Груевски и на ДПМНЕ, мислата за која нè обвинуваат дека сме нетолерантни.
Никола, твојата мисла е мисла на криминал. На омраза, на поделби, на страв, на непотизам, на хомофобија, на шовинизам, на национализам... Секој твој збор, секој збор на твојата партија и секоја постапка се исклучиво во фукнција на ваше богатење и заштита од затвор. И да, јас лично сум остро и бескомпромисно нетолерантен на таа мисла. Не е дека не го ценам различнот мислење – НЕ ГО ЦЕНАМ ТВОЕТО МИСЛЕЊЕ, има разлика.
И на крај, кој ја разнебитнува и уништува Македонија – тие кои со години назад ја крадат државата, го крадат „народот“ и го силуваат системот; или тие кои ги ставија своите глави, животи и кариери во торба, одбивајќи да премолчат пред твоето лакомо, криминално и безобѕирно владеење?
Извор: Фејсбук профилот на авторот
Сликa: Александар Дојранлиев