Собраниско мнозинство во муцката на Пудлестото Пуфкаво Ништо

07.02.2017 18:07
Собраниско мнозинство во муцката на Пудлестото Пуфкаво Ништо

Оловно сиво небо се мрчи над светскиот хоризонт: двете најголеми закани за опстанокот на човештвото - војните и проблемите на животната средина, во времето што ни се ближи со орканска брзина, со голема веројатност ќе се стопат во една единствена екуменска апокалипса во која сите ќе војуваат со сите, во последната битка за гол опстанок околу основните животни ресурси. Либералниот капитализам - како единствената политичка религија што денес владее со светот - не само што не е во состојба да ги контролира двете закани, туку спротивно, тој несопирливо го поттикнува нивното зголемување и преклопување, создавајќи иреверзибилен и самозабрзувачки процес на изумирање на живиот свет со магнитуда што е споредлива само со петте големи масовни уништувања на животот на земјата, уште од Камбриската ера пред 540 милиони години. Тоа е така зашто самиот либерален капитализам по дефиниција го поттикнува уништувањето на животната средина, спонтано и несопирливо, гонет од своите суштински својства - од инхерентниот нагон во неговата мотивациска основа кон материјалното богатење и зголеменото искористување на природните ресурси.

Од друга страна, капитализмот очигледно несопирливо ги зголемува и нееднаквостите помеѓу луѓето и општествата во светот, што отсекогаш било повод за нетолеранција, расизам и воени судири од масивни пропорции. Оваа двојна спирала на самоуништувањето е во самата суштина на капитализмот, зашто непочитувањето на природата и ирационалниот нагон за згрнување на поголеми богатства што прерасна во митологија на непрекинатиот материјален раст, неумоливо ги поставува општествата во непријателска положба кон сопствената еколошка рамнотежа, но и кон своите соседи и конкуренти во бесмислената и вечна компетиција со сите, па и со сопствената иднина.

Што е доброто во оваа благонадежна и оптимистичка слика на нашата оловна иднина? Најдоброто во неа е тоа што е таа сосем невидлива и неспознатлива во центарот на светската цивилизација, во лулката на белата раса на македонските ариевци, во библиската земја - Македоња Вечна. Мрачниот хоризонт на светското самоуништување е во библиската земја потполно затскриен и маргинализиран од еден несомерливо поголем „природен феномен“, од интергалактички - ма што зборувам! – од севселенски размери, што како божја казна се истури врз земјата на прашните траги на свети Павле! Овој „природен феномен“ е отелотворен во човеколикото Ништо што ја настанува претседателската резиденција во Долно Водно (при што она „Долно“ во овој случај е морален атрибут); тоа е „феноменот“ што на светот метафорички му ја објасни несфатливата појава на вселенските црни дупки: како тоа едно толку мало црно Ништо може да има непропорционално голема темна гравитација во која се всшмукува и се претвара во Ништо секоја човечка вредност: вистината, значењето на зборовите, секоја доблест, секоја трошка човечност, разумот, сочувството – буквално сè!

Признавам дека повторно пишувам за Неговата Ништожност Хорхе Еступидо и Контунденте, Ништото што го исполнува просторот на Хефе дел Естадо - Македоња Вечна, а повеќепати пенавев дека токму нашите коментари, нашето реагирање на неговата Ништожност, практично ја исцртуваат во просторот таа празнина, и ѝ даваат значење и јавна релевантност. Да, самиот сум виновен: за Ништото не треба да се зборува, во таа насока не треба ниту да се гледа, зашто нашите зборови и погледи, нашите човечки реакции на тој долен и темен „природен феномен“ го одржуваат во постоење тоа Темно Севселенско Гомно! Но, што да правам – грешен и дребен човек, бев потполно хипнотизиран од тој Ништожен Феномен што некни се појави пред камерите во полугасна поднадуена прдежно-пуфкаста форма и за пет минути (или помалку!) успеа да изговори 76 ординарни глупости, 13 вселенски кретенизми, 34 гадости и подлости и најмалку 9 кардинални прекршувања на Уставот на Републиката! И, секавично, во милионити дел од секундата - по завршетокот на гласовната смрдеа со која ја исполни вселената – се сврте, ја подигна муцката ко Мис Пиги од славното Мапет шоу, и резолутно ја напушти просторијата, фрцкајќи со напуфканите му газови што го следеа во чекор ко ондулирани пудлици пол метро зад него!! И, рече Ништото: постапувал строго во согласност со Уставот додека збивтано во забите му го предало мандатот на неговиот Газда и му ги лижело рацете, па дури со предните шепи му се наслонило на гради да го лизне по муцето, и, консеквентно на тоа, го следело Уставот и сега кога изјавува дека нема да го даде мандатот никому што нема да му докаже мнозинство со 61 примерок од ДНК за идентификација, и исто толку во течен азот замрзнати примероци од пратенички мозоци во кои ќе биде ритуално, црковно и нотарски солемнизирана припадноста кон мнозинството во Собранието. Алелуја! Дали некој забележа дека Долното Ништо со својата смрдеа го означи најдолното дно на човечката мисла, разум и моралност во македонската историја!?

Но, кога ќе замижиме малку, за да се ослободиме од хипнотизмот и болката во синусите поради вдишаната радијација на Глупоста и Злото што еманира од Неговото Долна Ништожност, ќе ја согледаме повторно и кристално јасно состојбата во Македоња: библиската земја е во терминалната фаза на метастазиран канцер што се вика малигна ВМРОма. Единствената шанса за преживување на македонската државност и култура е корнењето на метастазираните келии на ВМРО од органите и институциите на македонската држава. Оваа операција може да ја изведе само парламентарно мнозинство и влада што ќе ја чинат коалицијата на сите политички партии освен малигната канцер-коалиција на ВМРО. Значи, коалицијата предводена од СДСМ, со ДУИ, Беса, Алијансата за Албанците и ДПА треба да ги стават своите потписи под договорот за создавање на мнозинство во Собранието! И, тоа е тоа! Потоа можат да му го стават договорот во муцка на Пудлестото Пуфкаво Ништо, или, да го игнорираат „природниот феномен“ и да го свикаат Собранието и да ја завршат работата без дополнителни засмрдувања на и онака веќе презагадената атмосфера на престолнината. Само тоа и ништо појќе.

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото