Фантомот на слободата

08.02.2017 13:14
Фантомот на слободата

Слободата е како здравјето. Ќе ви стане важна дури кога ќе ја загубите. Тоа најдобро се гледа сега кога Трамп почна да ја оградува Америка. Одеднаш се побуни „половина свет“. Кога велам „свет“ мислам „Србија“, зашто Србија е светот, зарем не?

Во таа половина најгласни се, а можеби и најбројни оние кои забораваат дека Трамп на тој ударнички потфат се одлучи во име на социјалната правда. Односно заштита на (американската) работничката класа. Зарем Берни Сандерс, кој, така да се каже, уживаше неподелена поддршка од српската левица, не ветуваше подигнување ѕидови. Додуша, не физички, но „невидливи“, во облик на протекционистички, царински и други антипазарни мерки, заради одбрана од конкуренцијата од светот, а сè заради истите, како гореспоменатите цели и идеали на Трамп, несомнено.

Америка пред сè, исто така извикува Трамп. Тоа не ѝ пречи на „другата половина“ од Србија да се радува на неговото доаѓање на власт. Па, сакаат уште еден мандат за Доналд Трамп. Тоа е менталното ниво на оние кои се радуваа кога доаѓаа по Евреите, или по соседите, не гледајќи дека наскоро таа мечка ќе заигра и пред нивната куќа. Односно, дека веќе игра почесто.

Ним им пречи ѕидот со северно Мексико, но не им пречи ѕидот кон јужна Митровица. Би сакале тој да биде уште поголем и посилен. Им пречи бомбардирањето на Багдад, но не им пречеше бомбардирањето на Сараево.

„Самрак на глобализмот и обнова на националните идеи“, гласи типичниот наслов. Сега гледаме како изгледа таа „обнова“. Чиста рециклажа. Половни цигли и искршени прозорци, шут и стари материјали. Лево национализам, десно социјализам, или обратно, сеедно, со сите „50 нијанси“ на социјал-национализмот и национал-социјализмот помеѓу.

Исто така, слободата според својата природа е сеопфатна. Не може еден орган да има рак, а целиот организам да биде здрав. Или, поинаку кажано, слободата на поединецот е услов за слободата на сите, и обратно, слободата на сите е услов за слободата на поединецот. Така зборуваше (и) Кант. А, и Маркс. Кој не бил либерал, но не бил толку глупав, како некои негови денешни епигони, за да не го разбере тоа. Значи, глобализацијата е природна, неизбежна последица на либерализмот.

И, тука доаѓаме до точката на раздор. Многумина, можеби и поголем дел од човештвото, денес мислат дека глобализацијата и либерализмот се виновни за сè. Односно, дека тие се главен причинител на кризи.

Зашто, човештвото денес е во криза, зарем не? Околу тоа ќе се сложат повеќето, а многумина му придаваат апокалиптични размери. Си мислам – а, кога човештвото не било во криза? Пред сè, 50 години беше на раб на нуклеарна војна, а и потоа, помалку или повеќе, одеше од криза во криза. Прелетајте барем со поглед во последниот половина век, лесно ќе се уверите во тоа.

Меѓутоа, ни генерално историјата не е мед и млеко. Напротив, главно е составена од крв и пелин. Но, напредокот (колку и да е брз, сепак е недоволен) во последните децении нè разгали, па кога нешто ќе зачкрипи, наместо да видиме за што се работи и каде е проблемот, ги менуваме превозното средство и погонското гориво.

„Трипати мери, еднаш сечи“, вели народната мудрост што ја заборавивме. Како што заборавивме што е постигнато токму во овие „волнени времиња“ благодарение на либералната „носечка идеја“. Но, еве, да не го кажам тоа јас, ниту некој загрижен либерал.

Алексеј Кишјухас, неодамна напиша: „Дури од неодамна, како што контраинтуитивно и контра масовните медиуми докажува когнитивниот научник и психолог Стивен Пинкер, остваривме огромен напредок во поглед на намалување на непријателството и омразата меѓу луѓето. Заменивме многу војни со трговија, многу автократии со демократии и многу суеверија и заблуди со наука“.

А, претходно Бранко Милановиќ напиша: „Глобалната нееднаквост во почетокот на 21 век покажува тренд на опаѓање. Податоците се несигурни, но веројатно ова е првиот глобален пад на нееднаквоста од индустриската револуција. Таа е во постојан пораст од 1850-те, најмногу заради успехот на денешните развиени земји, кои тогаш станувале побогати зголемувајќи го јазот меѓу себе и остатокот од светот (пред сè Кина и Индија). Кулминацијата на глобалната нееднаквост е достигната во седумдесеттите и траеше до крајот на минатиот век. Во последните 15 години дојде до пад на глобалната нееднаквост, зашто Кина и од неодамна Индија ги пристигнуваат развиените земји.“

Но, ова не е првпат во историјата после револуција да следи реставрација. И после голем чекор кон „освојување на слободата“ да дојдат „два чекори назад“, како што би рекол (сè попопуларниот) другар Ленин.

На многу големи, моќни и влијателни општествени групи не им одговара ширењето и продлабочувањето на слободата. Зашто слободата ги зголемува можностите. Не само, па ни пред сè конкуренцијата, туку и соработката меѓу луѓето и народите. Тие сакаат да соработуваат, некогаш во форма на меѓусебен натпревар, зашто се свесни дека натпреварувањето го подигнува квалитетот на сите учесници, а некогаш во вид на заедничка работа за решавање одредени проблеми.

Тоа не им одговара на оние кои ги имаат командните позиции во општеството, „decision“ и „opinion makers“. И, на махерите.

Најпрвин, не им одговара на многу политичари и влади, кои просперираат од меѓунационалните конфликти.

Не им одговара ни на припадниците на интелектуалниот естаблишмент. Да речеме, кога станува збор за Србија, на оние удобно сместените во државните факултети и институти, кои се плашат дека отворањето простор за слободен натпревар би ги загрозило нивните позиции и привилегии.

Најпосле, но никако најмалку важно, не ѝ одговара ни на црквата. Илјадници луѓе би останале без работа, би се загубиле огромни пари кои се користат за одржување на огромниот бирократски црковен апарат, а кои би можеле да бидат искористени за градење болници и лекување на сиромашните. Колку тоа и да звучи патетично.

Само слободата го спасува светот.

За Србија и да не зборуваме.

Извор: http://pescanik.net

Слични содржини

Европа / Балкан / Свет
Општество / Балкан / Свет
Балкан / Свет
Општество / Балкан / Свет

ОкоБоли главаВицФото