По пријава на Хелсиншкиот комитет, кочанска текстилна фабрика казнета за кршење на работничките права

08.02.2017 14:00
По пријава на Хелсиншкиот комитет, кочанска текстилна фабрика казнета за кршење на работничките права

Работници од текстилна фабрика од Кочани работеле на празник. Но, кога ја зеле платата, не биле платени празнично, односно дополнителни 50 отсто за тој ден, како што налага законот. Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија ја прибрал документацијата и побарал увид од Трудовиот инспекторат, кој го потврдил прекршувањето на закон и наложил санкција.

Ова е една од десетината пријави што ги поднел Хелсиншкиот комитет за текстилни фабрики од Штип и од Кочани. Според законот, доколку работодавецот пријави дека ќе работи на празник, како што бил случајот со кочанската конфекција, на крај од месецот и исплатата треба да биде според бројот на пријавени и работени празници, гласи аргументот на Хелсиншки комитет. Во конкретниот случај, работодавецот пријавил дека компанијата ќе работи на празник, 63 работници се пријавиле на работното место на празник, но на крај добиле редовна дневница. Со ова, компанијата го прекршила Законот за работни односи и Општиот колективен договор.

Неда Чаловска од Хелсиншкиот комитет за човекови права вели дека ова е своевидно предупредување за работодавците, но и за институциите.

– Сакаме да ги натераме институциите, пред сè, Трудовиот инспекторат сам да реагира, а не само по пријави како нашите. И не само за прекршување на законот во делот на работењето на празник, туку и за другите, кои се редовна практика во текстилните компании – вели Чаловска.

Во отсуство на синдикалното организирање по текстилните компании, ова е ретка позитивно решена иницијатива, која според Хелсиншки комитет, нема да биде единствена. Организацијата најавува интензивна работа со прекршувањата на законот и на правата на работниците во текстилните компании.

Извор: meta.mk