Авантурите на бесмртното лице(мерие)

09.02.2017 12:07
Авантурите на бесмртното лице(мерие)

Двојазичноста што сега лицемерно се користи за политичка борба е опасен авантуризам кој води во уништување на државава и народот, рече писателот.

Ако некогаш биде објавена македонска антологија, енциклопедиска збирка од мисли на истакнати преродбеници - писатели и интелектуалци – од времето на владеењето, односно преродбата, на Никола Груевски под наслов „Книга на жалост“, тогаш мислата на академик Митко Маџунков што ја кажа при промоцијата на новата тура книги од едицијата „Светско книжевно богатство“, може да влезе во најтесниот избор (конкуренцијата е жестока) за епиграф на изданието. „Двојазичноста што сега лицемерно се користи за политичка борба е опасен авантуризам кој води во уништување на нашата држава и на нашиот народ“, рече писателот задолжен за судбината на несреќната „Македонска енциклопедија“ во издание на МАНУ.

Нема ништо полицемерно, понеискрено и пододворувачко од овој „опасно авантуристички“ став искажан во контекст на актуелната „политичка борба“. Маџунков знае дека и најапокалиптичните предупредувања, како што е ова, кога не се ставени во научен контекст, туку испратени во вулгарен дневно-политички пакет, не може да спасат ништо, најмалку државата. Ама затоа може да го одржат неговиот „углед“ кај лидерот на владејачката партија во заминување, единствена адреса на која навистина ќе стигне пратката.

Конечно, некој што е толку загрижен за судбината на „нашата држава и на нашиот народ“ - за каков што се претставува Маџунков – не може да не каже ништо за преродбеничките политики на Никола Груевски, со кого редовно промовира книги, кои се докажаа како неспоредливо поуништувачки од која било идеја за двојазичност. Академикот, во друга прилика, го даде и најдобриот одговор на прашањето зошто е ова вака: „Кај нас таа борба за леб, за егзистенција изгледа ги надминува сите дозволиви граници“.

Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото