Aјде пукајте во „соросоидите“, прва сум во редот!

10.02.2017 01:03
Aјде пукајте во „соросоидите“, прва сум во редот!

Бев првиот претседател на Советот на Фондацијата „Сорос“. Така се викаше тогаш Управниот одбор на ФООМ. Потсетувам на тоа сега, кога жестината на нападот е најголема. Го чувствувам тоа како должност и неопходност.

Покрај тоа, ги водев здравствените програми. Сè почна со грант од 2 милиони долари за лекови и медицински материјали, кога во Македонија немаше антибиотици, материјали за сутурирање (шиење во хируршките сали), постоеше опасност Здравствениот систем да колабира.

Ги водев и програмата за помош на бегалците од Босна и програмата за намалување на штетата на зависниците со интравенозна употреба (т.н. Harm Reduction Programme).

Сите работевме многу, по работното време на своите работни места. Бевме малкумина, а и временската разлика со САД го диктираше тоа. Идејата за отворено општество на Карл Попер кај нас почна со многу прагматична димензија – прво да се „преживее“, за да се ослободи и да се отвори општеството.

Се согласија да не ни праќаат Prepage Humanitarian Aid (oднапред спакувана, стандардизирана помош), туку сето она што ни треба - лекови, конци... Ги согледавме и ги пресметавме збирните потреби, барајќи ги индивидуалните од секоја здравствена установа во Република Македонија посебно.

Огромен дел, на наше барање, ни ги купи Фондацијата и ни ги испрати готови. Значи, не проциркулираа пари, тендери и веледрогерии. Се распределија според индивидуалните барања на болниците, претходно согледани и се „покрија“ потреби за околу пет години! Ние, во операционите сали, ги викавме „конците на Сорос“, зашто дотогаш не бевме работеле со таква класа материјали.

Отчетот за тоа го дадов на дискета, лично на Џорџ Сорос. Се сеќавам, цифрата завршуваше со 2 долари - да речеме, 2 милиони и 352 долари!

Тоа беше успешна приказна, во едно тешко време за нашата држава, а за граѓаните - прозорец кон светот!

Програмите за издавачка дејност, за нови медиуми (освен „државните“), индивидуалните грантови за усовршување одеа паралелно. Принципот да се поддржи нашата идеја беше испочитуван, без исклучок.

Дури, некои институции се почувствуваа „загрозени“ од работата што ја завршивме ние како фондација, со релативно мал број луѓе, а од нивниот делокруг на обврски и надлежности. Имаше и тогаш консеквенции и обиди за подметнувања.

Кредитот за бензинската криза, предизвикана од ембаргото од север и од југ на нашата држава, беше сосема одвоена работа. Тој беше даден на државата Република Македонија, а не на Фондацијата. Бев на состанокот кога за тој кредит Џорџ Сорос, сосема одвоено од Фондацијата, очекуваше регуларно враќање од државата (наспроти небулозите за тоа кои кружат деновиве).

Металната плочка со моите податоци ја држам в заби. За сите овие „злодела“ што ѝ ги направивме на Македонија – пукајте! Јас сум прва или меѓу првите. По хронологија.

Извор: Плусинфо

ОкоБоли главаВицФото