Трампување на капитализмот

10.02.2017 12:45
Трампување на капитализмот

Инаугурацијата на Доналд Трамп за 45-ти претседател на САД многумина ја доживеаја како почеток од крајот на капиталистичкиот поредок изграден по 1945 година, кој по завршувањето на Студената војна оствари глобална доминација. Но, можеби неговата победа е само крај на збрката создадена по кризата од 2008, кога се покажа дека економскиот модел што ја создаде кризата веќе не ги дава очекуваните резултати, и почетокот на новата фаза во развојот на глобалниот капитализам во која ќе се изградат нови пристапи за управување со економијата.

Историјата покажува дека по блиските средби со можниот колапс на глобалниот финансиски систем, каков што искусивме во 2008 година, за приближно пет години може да се очекува губење на довербата во политичките институции и доминантната економска идеологија. Како што објаснив неодамна – и подетално образложив во својата книга Капитализам 4.0 од 2010 година – тоа беше редоследот на настаните во претходните системски кризи на глобалниот капитализам: либералниот империјализам настапи по револуцијата во четириесеттите години од 19 век; кејнзијанизмот дојде по Големата депресија од триесеттите години од 20 век; пазарниот фундаментализам на Маргарет Тачер и Роналд Реган следеше по високата инфлација од седумдесеттите. Дали трампизмот – ако го толкуваме како реакција на кризата од 2008 година – можеше да биде најава за нов капиталистички режим?

Тоа прашање може да се подели на три дела: Дали економските политики на Трамп можат да донесат резултати? Дали економската програма на неговата администрација ќе биде политички одржлива? Како трампизмот ќе влијае на економската мисла и односот спрема капитализмот ширум светот?

Враќање на економијата на прелевање

Кога станува збор за првото прашање, неколкумина автори кои пишуваат за Project Syndicate веруваат дека сè уште има надеж, но повеќето се крајно песимистични и го делат ставот со нобеловецот Џозеф Стиглиц. „Облакот што надвисна над САД и целиот свет не носи ништо добро“, вели тој. „Единствениот начин Трамп да ги исполни своите ветувања за зголемување на буџетот за обнова на инфраструктурата и одбраната, со истовремено намалување на даноците и дефицитот, е прибегнување кон она што некогаш го нарекувавме вуду економија“. Според мислењето на Стиглиц, Трамп ќе приреди реприза на ерата на Реган на социјално регресивни економски политики, со додавање уште две смртоносни состојки – трговска војна со Кина и укинување на здравствената заштита за милиони луѓе.

Политичките последици ќе бидат катастрофални, верува Стиглиц. Искуството нè учи дека приказната за прелевање од богатите кон сиромашните „нема да заврши добро за гласачите на Трамп од пропаднатите индустриски региони“. Кога ќе ги сфатат размерите на предавството на Трамп, ќе се впуштат во уште поагресивна потера по виновниците.

Сајмон Џонсон од Институтот за меѓународна економија Питерсон доаѓа до слични заклучоци. За вистинските приоритети на економската политика на Трамп најдобро зборува составот на неговиот кабинет кој на драматичен начин воведува директна „олигархија и контролата над државата им ја дава на луѓето кои имаат голема економска моќ“, вели Џонсон. „Трамп одлучи да ги намали даноците за Американците кои заработуваат најмногу, како и данокот на капитална добивка (кој главно го плаќаат богатите) и речиси сосема да го укине данокот на добивка на претпријатијата (што исто така ги погодува најбогатите).

Анализирајќи ја политиката и плановите на новата администрација, Џонсон, поранешен главен економист на Меѓународниот монетарен фонд, забележува дека „Трамп ја предводи коалицијата бизнисмени кои живеат во заблуда дека протекционизмот е добар за економијата“ и „пазарните фундаменталисти“ кои им објавија војна на даноците. За да се консолидира таа необична коалиција, пазарните фундаменталисти го прифатија протекционизмот. Предложените царински тарифи, чиј конечен ефект нема да се разликува од зголемувањето на данокот на промет, се оправдуваат како добар начин да се надоместат буџетските загуби заради намалување на данокот на добивка на претпријатијата. Така „вниманието се пренасочува од главниот елемент на нивните политики: намалување на даноците за олигарсите“, а загубата ќе се надомести со „повисоки даноци речиси за сите останати – да не ја споменуваме значајната загуба на добро платените работни места“ (заради примената на протекционистичките мерки).

За разлика од Џонсон, Мартин Фелдстин, економист од Харвард кој претседаваше со Одборот на економски советници на претседателот Реган, ја поздравува најавата за намалување на највисоките маргинални даночни стапки. Со политиките што ги спроведуваше претседателот Обама, тврди Фелдстин, продолжен е нездравиот тренд на „префрлување на даночното оптоварување на обврзниците со највисок приход“ каков што не се памети од ерата на Реган.

Сепак, додека заговара ширење на даночната база за најбогатите Американци да се растоварат на „приходно понеутрален начин“, Фелдстин останува скептичен кон ветувањата на Трамп за повисоки надници, отворање поголем број „работни места за средната класа“ и економски раст. „Со стапка на невработеност од 4,9 проценти во октомври економијата практично достигна точка на полна вработеност“, констатира тој. Високото ниво на вработеност доведе до раст на цените на потрошувачките добра „од 2,2 проценти минатата година, во споредба со 1,9 проценти претходната година“, додека надниците на „работниците во производството“ пораснаа за 2,4 проценти. Со оглед на растот на реалните надници и скокот на инфлацијата „во моментов нема потреба за мерки со кои се зголемува агрегатната побарувачка“, смета тој.

Необични надежи

Како што покажува скептицизмот на Фелдстин, мислењата на коментаторите кои пишуваат за економските политики на Трамп не ги следат нужно идеолошките линии на разграничувањето. Дени Родрик, развоен економист од Харвард кој секако не е пазарен фундаменталист, причина за надеж пронаоѓа во противењето на Трамп на договорите за „слободна трговија“ и одредбите кои немаат врска со трговијата. Родрик верува дека „Адам Смит и Дејвид Рикардо би се превртеле во гробот кога би го прочитале ТПП“ и одредбите за специјалните поволности за одредени индустрии и бизнис интереси. ТПП и другите трговски договори кои ги отфрла Трамп содржат „правила за интелектуалната сопственост, тековите на капиталот и заштитата на инвестициите чија основна цел е да направат профит и истиот да го заштитат за финансиските институции и мултинационалните компании, што го прават на сметка на другите легитимни цели на државните политики.“

Родрик го критикува демагошкиот политички настап на Трамп и „бесмисленоста“ на неговите економски политики, но истовремено се надева дека неговата победа ќе го запре трендот на хиперглобализација чија брзина веќе нема економско оправдување. „Економистите веќе долго знаат дека грешките во функционирањето на пазарите – вклучувајќи ја неефикасноста на пазарот на трудот, несовршеноста на пазарите со пари, знаење или еколошки екстерналии и монополи – можат да ја загрозат добивката од трговијата“, нагласува тој. Сепак, во своите прикази го „минимализираа“ придонесот на глобализацијата „за продлабочување на поделбите во општеството, влошувањето на проблемите на дистрибуцијата и загрозувањето на локалните општествени договори“ – сето тоа се исходи кои „директно ги погодуваат локалните заедници во САД“.

Роберт Скиделски, економски историчар со кејнзијанска определба, согледува и други позитивни елементи во идеите на Трамп – па, дури и во неговата економска филозофија. „Протекционизмот на Трамп е израсток на старата американска традиција за високи надници и производствени работни места која се создаде со глобализацијата“, вели Скиделски, а дури и „изолационизмот на Трамп е само популистички начин да се каже дека е време Америка да се откаже од почитувањето на обврските за кои веќе нема ни сила ни волја“.

Скиделски смета дека најважни се предлогот на Трамп за „програмата за инвестиции во инфраструктирата во вредност помеѓу 800 милијарди и еден трилиот долари“, „значителното намалување на данокот на добивка на претпријатијата“ и „ветувањето дека ќе биде заштитено правото на социјална помош“, што би одговарало на некаков „модерен облик кејнзијанска фискална политика“. Сам по себе, трампизмот е „директен предизвик за неолибералната опсесија со дефицитот и намалувањето на долгот, и ограничувањето на монетарната релаксација како единствен – сега веќе потрошен – инструмент за управување со побарувачката“.

Со отворање на дискусијата за прашањата кои претходно беа табу, заклучува Скиделски, „трампизмот би можел да биде решение за кризата на либерализмот, а не катализатор на неговата пропаст“. Ако е така, „либералите не би требало да се гадат, да ја вртат главата и да очајуваат, туку да се концентрираат на позитивните потенцијали на трампизмот“. „Предлозите на Трамп треба да се претресат и да се подобрат“, вели Скиделски, а „не да се отфрлат како неуко бладање.

Во сличен тон Кенет Рогоф предупредува дека не смееме да дозволиме одбивноста на политиките на Трамп да ни ја замагли моќта за економско расудување. Фискалната стимулација на Трамп и инсистирањето на дерегулација ќе ја поттикне побарувачката на класичен кејнзијански начин, заради што некои од лидерите од деловниот свет веќе се „еуфорични“. Дерегулацијата можеби нема „да му го подобри животот на просечниот Американец“, и сосема е извесно дека даночните реформи најмногу ќе им бидат од корист на богатите, но тие промени можат „значајно да го поттикнат растот на американската економија, барем на пократок рок“. Не треба да се заборави дека не се „само примерните граѓани способни да ја покренат економијата“, вели Рогоф, и потсетува дека „во користењето на економските стимуланси за излегување од Големата депресија Германија била подеднакво успешна како Америка.“

Во првите осврти на победата на Трамп укажав на пет можни економски користи кои донекаде можат да ги неутрализираат очигледните ризици од повисоки каматни стапки, трговските војни, преценетиот долар и последиците од регресивната дистрибуција кои оправдано ги критикуваат Стиглиц, Џонсон и Рогоф. Најважни се кејнзијанскиот стимул, реформата на финансиските прописи заради кои многу домаќинства немаат пристап до пазарот со хипотекарни кредити и разумни даночни реформи, особено оние кои треба да ја поттикнат репатријацијата на профитот на американските компании и проширувањето на даночните бази.

Родените губитници

Можно е шансите за успех на Трамп помалку да зависат од движењето на макроекономските параметри како што се растот, невработеноста, надниците и даночните стапки, а повеќе од подлабоките општествено-економски сили на кои се потпираше во својата кампања. Во разгледувањето на тие сили некои од авторите од Project Syndicate се концентрираа на приходната нееднаквост, додека други ги нагласуваа културните и демографските фактори. Сепак, сите се сложуваат дека трампизмот како политичка програма веројатно не е одржлив.

Можно е продлабочувањето на нееднаквоста и исчезнувањето на средната класа да се главните причини за популистичкиот револт. Извесно е дека трампизмот нема да ги реши тие проблеми. „Реалните надници на дното од приходната дистрибуција се таму каде што беа пред 60 години“, забележа Стиглиц непосредно пред изборите. „Затоа не е необично што толку многу луѓе му веруваат на Трамп кога вели дека економијата е во очајна состојба“.

И покрај тоа, продолжува Стиглиц, веќе две генерации политичари од двете партии упорно тврдат дека „либерализацијата на трговијата и финансиите“ –клучните реформи на кои се темели глобализацијата – „најпосле на сите ќе им донесат просперитет“. Не треба да нè чуди што гласачите „чиј животен стандард стагнира или се влошува“ заклучија дека „американските политички лидери или не знаат за што зборуваат или лажат (или двете).

Сега Трамп е во дилема, смета Стиглиц, зашто политиките што ги предлага не можат да го ублажат „гневот заради губење на довербата“, од кој е евидентно дека тој имаше корист. „Секако, спроведувањето на уште еден круг економски мерки кои богатите ги прават побогати со надеж дека така им се помага на сиромашните, во комбинација со даночните олеснувања од кои речиси исклучиво профитираат богатите Американци и корпорациите, ќе донесе исти резултати како и минатиот пат кога се обидовме со истото.“

Роберт Џонсон, претседател на Институтот за нова економска мисла, наведува уште една причина зошто гласачите на Трамп кои се бесни заради сè поголемата нееднаквост во богатството и моќта ги чека непријатно изненадување. Не е случајно тоа што во фазата на избор на кандидатите единствено Трамп и Берни Сандерс „јасно зборуваа за она што им беше најважно на гласачите: за политичката економија во која избраните политички претставници силно ќе промовираат просперитет за најширокиот круг луѓе, вклучувајќи ги и гласачите.“

Останатите кандидати, „спречени од системот кој практично оневозможува водење кредибилна политичка кампања без ропско покорување на најбогатите сегменти од американското општество“, не се осудуваа да ја отворат таа тема. „Едноставно системот бараше бунт“, смета Џонсон, „а Трамп и Сандерс беа идеално позиционирани да го поведат, благодарение на личното богатство во еден случај, и малите донации на граѓанството во другиот.“

Трамп сега „треба да побара решенија за општествените, економските и политичките проблеми на кои укажуваше во кампањата“, продолжува Џонсон. „И тоа мора да го направи во рамки на истиот 'корумпиран' систем што го напаѓаше и да изгради остварливи политики кои ќе им донесат подобар живот на неговите гласачи“. Бидејќи фискалната експанзија на Трамп „најмногу им користи на богатите, а прелевањето кон сиромашните ќе изостане“, илузиите наскоро ќе почнат да избледуваат.

Но, што ако приходната нееднаквост не е главна причина зошто толку голем број припадници на средната класа ја отфрлија традиционалната партиска политика и се насочија кон Трамп? Што ако незадоволството на гласачите има „корени во општествениот статус, а не само во надниците и работните места“, се прашува Мајкл Сандел, политички филозоф од Харвард.

Едмунд Фелпс, уште еден нобеловец меѓу економистите, наведува податоци кои ѝ одат во прилог на хипотезата на Сандел. „Впрочем, од 1970 агрегатниот износ на надоместоците за работа (надници и бенефиции) растел малку побавно од агрегатниот профит“, вели Фелпс, и „просечниот раст на надниците на дното од приходната скала не заостанувал значајно во однос на 'средната класа'“. Но, „просечниот надомест по час на работниците во приватниот сектор (производството и нераководните работи) растел значително побавно во однос на другите“. Белите работници од средината на приходната скала, оние на нераководни и производствени работни места, претрпеле најголеми загуби.

Исто така, тие најбрзо останувале без работа и за нив е најверојатно дека ќе имаат здравствени проблеми, ќе станат наркомани или ќе извршат самоубиство. „Ја загубиле можноста да прават нешто смислено и да се чувствуваат корисно; скратено им е напредувањето во кариерата и чувството на успех и исполнетост“, вели Фелпс.

Се разбира, токму тоа е онаа демографска група која му ја донесе победата на Трамп во пресудно важните индустриски држави како што се Ајова, Мичиген, Охајо, Пенсилванија и Висконсин. Фелпс верува дека работни места за мануелни работници во таквите региони можат да се отворат единствено ако се стимулира растот на продуктивноста во производствените индустрии со поттикнување на „конкуренцијата, а не само со законодавни мерки“. Меѓутоа, политиките на Трамп за трговски протекционизам и политичко „принудување“ да се зачуваат постоечките работни места, и даночни олеснувања кои се поволни за големите корпорации, веројатно ќе ја загушат иновацијата наместо да ја промовираат.

Францускиот економист Жан Писани-Фери доаѓа до сличен заклучок. Констатирајќи дека „минатото одеднаш изгледа многу попривлечно од иднината“, не само во САД туку и во Британија, Франција и многу други развиени и помалку развиени земји, Писани-Фери нуди четири можни објаснувања: слаб економски раст, сè подлабока приходна нееднаквост, технолошки промени кои ја елиминираат мануелната работа, и уште еден фактор кој е помалку познат:

„Новата нееднаквост вклучува политички важна просторна димензија. Образованите и успешните сè повеќе се венчаат меѓусебно и живеат блиску едни до други, главно во големите и просперитетни урбани зони. Оние кои се изоставени исто така се венчаат меѓусебно и живеат блиску едни до други, главно во малите пропаднати градови. Американските окрузи во кои победи Трамп произведуваат вкупно 36 проценти од националниот БДП, а додека на окрузите во кои победи Хилари Клинтон отпаѓаат 64 проценти. Големата просторна нееднаквост создава човечки заедници лишени од иднина, оние кои повеќе би се вратиле во минатото.

Во светло на сложеноста на овие општествено-економски проблеми, смета Писани-Фери, „секој разумен план би морало да опфати макроекономска, образовна, дистрибутивна и просторна димензија“. Нема индиции дека политиките за кои се залага Трамп ќе постигнат што било од тоа. И покрај тоа, додека тој тврди дека нема да има намалување на социјалната помош, републиканците во Конгресот се подготвуваат да го направат токму тоа. Со поддршка и охрабрување од Трамп веќе почнаа да го демонтираат планот на Обама за здравствено осигурување, иако немаат да понудат ништо како замена. Според проценката на Конгресната управа за буџет, само во првата година бројот на луѓе без здравствено осигурување ќе се зголеми за 18 милиони.

Капитализам 4.1

Најпосле, тоа нè доведува до прашањето како мандатот на Трамп ќе влијае на глобалната економска мисла и иднината на капитализмот. Предвидувањата на Фелпс се мрачни: „Во Америка иновативноста е во опаѓање и повлекување уште од крајот на шеесетите години“ заради „корпоративистичката идеологија која ги проткаја сите нивоа на државната управа“. Вистина, „Силиконската долина создаде нови индустрии и накратко го забрза темпото на иновациите“, но „сега и таа се соочува со опаѓачки приноси“.

Фелпс гледа решение во реставрација на „индивидуалистичката идеологија од која се развива капитализмот“ и оживување на „иновативниот дух на Америка – љубовта кон замислувањето, истражувањето, експериментирањето и создавањето“. Но, тоа, верува Фелпс, не е дел од планот на Трамп. Трамп „ретко зборува за иновации“, забележува Фелпс, „а неговиот тим разгледува опасни политики што ги загрозуваат“: државни интервенции, отежнување на трговијата и конкуренцијата и ширење на корпоративистичките политики какво што не е видено од времето на германската и италијанската економија од триесеттите години на 20 век“. Политиките кои „ги штитат етаблираните играчи и ги блокираат новодојдените“ најверојатно „сосема ќе ги запрат иновативните процеси“.

Јас на иднината гледам со повеќе оптимизам, барем на долг рок. Како што напишав минатиот март: „Капитализмот е еволутивен систем кој на кризата реагира со радикална трансформација на економските односи и политичките институции. Пораката на популистичкиот револт е дека политичарите мораат да ги искинат правилата на игра од времето пред кризата и да ја охрабрат револуцијата на економската мисла“.

Со победата на Трамп е отфрлена економската доктрина која доминира со светот веќе цела генерација. Во годините што доаѓаат најважен предизвик за економистите и политичарите ќе биде обликувањето на новата економска мисла. Верувам дека одредувачка карактеристика на секоја наредна трансформација на глобалниот капитализам е поместување на границите помеѓу економијата и политиката, односно помеѓу верата и пазарните сили и потпирањето на државната интервенција.

Јун Јонг-Кван, поранешен министер за надворешни работи на Јужна Кореја, застапува сличен став. „Се наоѓаме во период на интеррегнум“, пишува Јун. „Популизмот, национализмот и ксенофобијата пливаат на површината на една подлабока промена: во прашање е фундаменталистичко поместување во односите помеѓу државата и пазарот“. Смирувањето на тие два домени е во „средиштето на денешната политичка економија, како што било во времето на Адам Смит во 18 век, Фридрих Лист и Карл Маркс во 19 и Џон Мајнард Кејнз и Фридрих вон Хаек во нивната долга дебата во 20 век“. И, навистина, Трамп е само најакутниот симптом на една глобална појава. „Општественото и политичкото незадоволство ќе продолжи да врие ширум светот сè додека односот помеѓу државата и пазарите не достигне здрава рамнотежа.“

Претседателскиот мандат на Трамп, како и бунтот против естаблишментот во Европа, ќе го принуди светот да се соочи со фундаменталните прашања за тоа како односите помеѓу пазарите и државите би требало да се развиваат во наредната фаза од развојот на глобалниот капитализам. Малку е веројатно дека под водството на Трамп во наредните четири години американските економски политики ќе пружат добар одговор; но, можеби неговата администрација барем ќе му покаже на остатокот од светот што не треба да се прави.

Илустрации: Џеф Данзигер

Извор: https://www.project-syndicate.org