1018 hPa
43 %
22 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 13:59
Чак во Тибет
Е тој лама,
Нема тато,
Нема мама.
Нема жена,
Нема деца,
Јок му треба
Стрептомеца.
Нема сапун,
Нема плакар,
Не знае најлон,
Не знае бакар.
Нема шлагер,
Нема рок,
Не знае Присли,
Битлс јок.
Нема десни,
Нема зуби,
Не знае пасти
Па во туби.
Сака сече
Кога бричи,
Гајле нема
Како личи.
Не знае шљока
Ко некој,
Нема бонтон,
Пие млеко.
Не знае што е
Клозметика
Нема кола
Да се слика.
Нема весници
И такви ствари,
Купување
Не вари.
Себичњак е,
Ништо не презема,
Нема појма
Ни што нема.
Затоа, фајронт,
Поздрав пружам,
Одам најдам
Него дружам.
Превод: Драгослав Андриќ (мали адаптации: П. В.)
Оригиналната песна
Овој превод на Драгослав Андриќ е веројатно најпознатата преведена песна во некогашна Југославија. Прв пат се појавила на хумористичните страници во белградскиот неделник НИН, 1969 година. Привлекла толкаво внимание што во НИН се водела повеќенеделна полемика помеѓу негаторите и застапувачите на ваквите поетски игри. Песната исто така често е парафразирана и постојат многу хумористични песни во овој стил.
Драгослав Андриќ (1923‒2005) е еден од најпознатите југословенски преведувачи, гениј на преводот. Од француски, англиски, руски и германски јазик превел над 130 книги поезија, проза и драми. Автор е на „Двосмерниот речник на српскиот жаргон“, на неколку клучни поетски антологии, на неколку исклучително читани книги за шах („Шах ‒ игра милиона“, на пример) итн.
Огден Неш (Frederic Ogden Nash, 1902–1971), најпознатиот американски хумористичен поет. И покрај импресивниот поетски опус, наоѓал време да гостува по театри и во радиски емисии ширум Америка. Внел разни стилски новости, целиот живот останувајќи доследен во кршењето на поетските правила. Некои критичари зборуваат за најмалку тројца Огден Нешови: експерименталниот пиротехничар, социјалниот критичар и разузданиот хуморист. Го нарекувале „Волт Витмен во делириум“ и „шекспировска луда“. И денес е голема инспирација за неконвенционалните писатели склони кон хумор и експерименти со јазикот.