Последното лаење на кучето!

13.02.2017 15:57
Последното лаење на кучето!

Заканите на Груевски се закани на слабост, последно лаење на кучето под прозорците на нацијата што мирно спие!

Кога ќе се растресат западните цивилизации, во периферните земји се јавува рано претскажување во кој правец ќе се движи глобалната криза. Тие сличности не настануваат зашто периферијата предничи и создава нови светски трендови, туку затоа што таа прва се шљокосува штом кризата ќе завладее со развиениот свет!


Многу убава и точна забелешка на Весна Пешиќ во Њу Јорк Ривју оф Букс.


Ние сме една од тие вукојебини кои беа одбрани да покажат во кој правец и со какви содржини и последици ќе се движи светот кога ќе реши да тргне у курац. Ние сме првата шљокосана шљока, нула, крава која успеа да се испосере самата себе и да остана на патот како обична лепешка.


Не сум сигурен дека сега од лепешката можеме да направиме крава, но нашата мисија е да се обидеме додека лепешката е цела.


Пред да почне да дува.


Некои работи ни одат во прилог.


На филозофско ниво тоа е евентуалноста дека во историските циклуси може да се случи (не мора) прво да стане тоа што прво паднало. Можеби повторно како претскажување во кој правец ќе се движи светот, овој пат не низ глобалната криза туку низ светското оздравување!


Има не само логика во овој став туку и политичките позиционирања зборуваат во таа насока. Ние не ги знаеме деталите од разговорите на Хан со домаќините во Македонија, но го знаеме антигруевистичкиот и антивмровистички контекст кој се формира во Европа и во светот како реакција на неколку важни работи: путинистичката експанзија, меѓу другото и преку мекиот балкански стомак на Европа, трампистичкиот шок од естрада, некомпетенција и реална моќ да се растури светот како играчка од лего коцки, форматирањето на цела една интернационала од популисти, националисти, хохштаплери и будали со реална моќ и претензии во националните, регионалните и светски политики и, конечно, свеста за кризата на Европската унија и на европските политики и нивната одговорност за драматичниот развој на настаните.

Посетата на Хан непосредно ја контекстираа изјавата на Туск дека ситуацијата на Балканот не е добра и дека мора да се реши. Со острите критики на ситуацијата во Македонија и на однесувањето на режимските фактори, истапија повеќе бивши и сегашни амбасадори, политичари, новинари, цели редакции, таа ситуација во Македонија и пошироко на Балканот е оценета како слаба точка од која може да почне реалното распаѓање на Европската унија под ударите на путиновите аспирации и растурените вредносни системи и институции.


Од Прибе наваму Груевски и ВМРО-ДПМНЕ не се третираат како партнери туку како зло, како сериозен проблем од кој мора да се ослободи и Македонија и Европа, како периферен тумор во европскиот организам. Техниките на тоа ослободување, безбедносните проценки и другите елементи, можеби и обидите да се амортизира неминовниот пад на Груевски, ги забавуваат работите и понекогаш предизвикуваат разочарувања, но нема никакви дилеми дека е во тек разградување на монструозниот режим.
Груевски е оставен како играч на слот машина кој секој миг тура од украдените пари во малиот процеп, но четири седмици нема да му се појават до последниот денар.


Победата на Трамп ја осили популистичката интернационала на идиотите, но неговите први потези направија огромна дупка во едрата на нивните кораби зашто светот на дланка виде со какви драматични опасности ќе се соочи ако продолжи да ги следи. Тоа е шанса за консолидација на Европската унија, на нејзините позиции и политики под притисокот на естрадниот манијак од Запад и на лудата мечка од исток, тоа е знак дека без пардон мораат да се очистат инсталациите од типот на Груевски и неговиот режим.


Не знам какви се вашите впечатоци по изјавата на Хан, но мене ми се чини дека неговите зборови беа прилично сапунести во однос на позицијата на Груевски и продемократски тврди во однос на општите перспективи!


Главната заложба на вмро-дпмне, таа за нови избори, е одбиена со ретка левтерност и елеганција, како да станува збор за позиција на сојузот на надворешните шанкерски потпирачи од кафето "Корзо"; вториот став, оној за влада со широка и демократска основа, по дефиниција е заложба за влада без злосторниците од вмро-дпмне.

Во таква ситуација, СДСМ мора да формира влада, користејки го контекстот за кој говоревме, одбивајки ги заканите на говњарите со војна и прифаќајки ги ризиците за кои говори овој статус од фејсбук:


Ниту еден федерален концепт не може да ја уништи Македонија како што тоа го стори унитарниот концепт на чипираните идиоти од вмро. Ние немаме гаранции дека Македонија ќе беше поубаво место за живеење ако претседатели и премиери и беа Албанци или Турци, Срби, Бугари, Роми, зошто да не, но имаме основи да веруваме дека никој од нив немаше вака да ја смачка. Ние не знаеме дали во Берово ќе имаше повеќе деца ако албанскиот јазик беше задолжителен во основното образование, но имаме докази дека без албанскиот јазик во Берово нема деца.


Разгледувањето на албанската платформа од позициите на таканаречените класични национални итереси, е движење во шемата на вмро; тие интереси како такви не постојат надвор од манипулативната сфера на користољубивата политика; но, и да постојат, тие се остваруваат само низ модернизам, економски и културен прогрес, а не низ места и позиции во преамбулите, во нормативните гаранции или во супериорноста во јавната мемоаристика на доминантната нација.


Според тоа, платформата мора да се третира само од аспект на шансите што ги отвора или може да ги отвори, со сите ризици, се разбира, за клучната смена на власта и преку тој капитален чекор за тој модернизам ( право и правност, да речеме, расчистување со апашанатскиот султанизам на вемерето, за спас од убиствените намери на вмро по сите основи, за евроатлантски интеграции и сл).


Ме охрабруваат во таа смисла последните изјави на Заев!


Многу!


Заканите на Груевски се закани на слабост, последно лаење на кучето под прозорците на нацијата што мирно спие!

 

Слики: Наташа Костовска
Извор: Слободен печат