Свети Трифун

14.02.2017 12:03
Свети Трифун

 

Св. Пантелејмон, Нерези

 

I

Ме затворија во манстир во црква ме затворија во осама
ни дождот да ме мие ни виното ни плодот на надроченото сонце
под овие ридја
ме врзаа за ѕидот за тулата за варот
со боите на ридот со воздухот на коштаните
ме врзаа млад и ме нарекоа светец
а јас лозите ги сакав и очите на селските моми
на гроздобер на панаѓур на сведен
Сенката ми ја затворија ја врзаа оковаа
за вечни времиња што не знаат
ни сонот како расте ни денот како вјаса
И сега ми дојдовте вие во возбуда во изненада
восхитени што тука сум виснал окружен од завидните старци

А јас би сакал да слезам од овие ѕидишта
по славејот што клука под стреата
по шумот на водите по ластарот на лозите
зашто уште копнежот клука и времето ме јаде
да слезам да истрчам да избегам во просторот
во просторот зрачен потопол од сето време

II

Ти идеме со векови од дедовци од предеди
пред твојот лик сонцето што го впил
и славејот и бранот
и навевот на снеговите
Во тебе сиов рид со плодови и птици
се преселил и цути врз рамената твои
а очите се посилни и од длабоково небо

ѝ пееме на раката што те прелажа крај ливадите
и те доведе тука времето чирак да ти биде
на ликот твој да му служи и да се подучува
за тајните и трајни патишта на убавината
Ти млад остана до денес не познавајќи ги
ни болката на поразот ни пустошот на староста
Правта твоја одамна во нас веќе расцутува
и во нашите раце се прелева виното на твоите очи

И твојот лик да не е кој сега би нè подучувал
како се совладува времето под нозе што ни копа
мислата што ни ја јаде и надежта ја гори

Ти ни го одредуваш патот на зрачните надевања
дека е побогат и еден убав потез со раката
насочен во вистинското место
од сета залудна тревога што дните ни ги исполнува

Извор: Липа, Македонска книга, Скопје, 1980.
Слика: Edouard Debat Ponsan

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото