„Жалам што морам да кажам, но Македонија не е држава“

14.02.2017 16:25
„Жалам што морам да кажам, но Македонија не е држава“

Ова го изјави американскиот конгресмен Дејна Рорбакер, и додаде дека нема разумно оправдување вештачки да се одржува во живот ентитетот кој самиот е толку поделен и неодржлив, што делот населен со Албанци би требало да се припои кон Косово, а „другиот дел“ (која ли „јасна“ одредница за нас другите што, инаку, сме првите во биолошката еволуција на човечкиот вид што сме се нарекле цивилизирани луѓе, некаде пред половина милион години, нели), а „другиот дел“ – вели Рорбакер – би требало да се припои кон Бугарија или каде и да е, кајшто, по ѓаволите, ќе му текнело...

Изјавата вознемири неколкумина луѓе во Македонија, а бидејќи се работи за член на американскиот законодавен дом, и Стејт Департментот мораше да даде смирувачка изјава дека се работи за лично мислење и дека САД ги поддржуваат независноста и територијалниот интегритет на земјава, и така натаму и слично на тоа. Но, која од овие две вести, почитувани читатели, е информацијата со вистинска релевантност за библиската земја: дали е тоа изјавата на еден случаен конгресмен или е тоа изјавата на владата на САД? Ако размислиме малку методично – макар и од аспект на теоријата на информациите – официјалната изјава на САД и не е некоја информација, зашто е позната и безброј пати повторувана работа.

Вистинската информација е изјавата на стариот Дејна, зашто таа зборува за некои суштински аспекти на стварноста во која доспеала библиската земја – Македоња Вечна! Тоа лагодно бладање на конгресменот за непостоењето на нашата држава и сосем неодговорното пелтечење за територијалното прекројување на ова тажно место на Балканот, всушност, живо и контрастно ја отсликува реалната мизерија на декапацитирањето на државноста и степенот на антидржавната остеопороза до која нè доведе злосторничкото владеење на ВМРО. Конечно, со оглед на тоа што Диктатурата на Злото практично ги уништи сите институции на државата, го деградираше Уставот во употребена палома салфета и го претвори првин во пародија, а потоа во Ништо целиот македонски културен и државотворен проект, единствено што би требало да се корегира во изјавата на конгресменот – за да ѝ се зголеми точноста, се разбира – би било едно „веќе“: дека Македонија веќе не е држава. Беше, но веќе не е.


Тажен факт е дека сите ние тоа го знаеме веќе подолго време, но нè навредува и здрвува во ужас кога за тоа ќе чуеме од некој однадвор, од далеку; како за нашето постоење или непостоење некаде се зборува во опуштен манир – на чанче муабет – безмалку добронамерно, со снисходлива насмевка и со неодминливиот смирувачки звук на клинкањето на парчињата мраз во чашата со виски. Но, не треба да не заслепи блесокот на бесмислата во оваа зловеста провокација: не е нејзината содржина по себе тоа што ја одразува вистината за нашата ситуација, туку е тоа самиот факт што ваквата мисла – па нека е и од главата на некој од споредните полубогови на Олимп – воопшто дошла на ред гласно да се каже!

Сетете се, почитувани читатели, кога последен пат на јавната меѓународна сцена се зборувало за непостоењето на Македонија, за припојувањето на нејзините територии кон соседните држави, и слични комбинации чијашто цена во човечка крв воопшто не била битен аспект на муабетот? За тоа не се зборуваше ниту во првите години од македонската независност, во раните деведесетти, кога на територијата на Југославија уште беснееја братоубиствените војни. А, уште порано, за времето на нашата државност во составот на југословенската федерација, на такви гнасотии не се ни помислуваше, дури ниту во главите на најголемите кретени во подножјата на светскиот политички Олимп или подолу, во неговите поројни суводолици.

Простодушните решенија на стариот Дејна беа сурова вистина – грда и крвава стварност – во годините на Втората Светска Војна, што беше отелотворена во Италијанско – албанската и Бугарската окупациска зона, на коишто светското зло и несреќа ја беа поделиле територијата на денешна Македонија... Значи, Диктатурата на Глупоста и Злото на ВМРО нè однесе директно во Ништо, во преднаталното доба на македонскиот државотворен и културен проект, во времето на фашизмот, во негативната вечност на нашето непостоење, во Предмакедонското доба, кога во државотворна смисла Македонија и навистина не беше ништо.

Постои, меѓутоа, неверојатно голема разлика помеѓу македонското преднатално државно непостоење и ова денешново: она првото беше резултат на придвижувањето на најголемото светско Зло во историјата – Злото на фашизмот, што врз територијата на библиската земја однадвор се истури низ претензиите на соседните фашистички држави, додека домашните слободари се бореа против нив на страната на најголемата алијанса на Доброто.

Денес, за жал, е токму обратното: нашата независност однадвор ја гарантираат меѓународните организации и фактори, додека самоуништувачкото подривање на државата однатре го прави злосторничката власт на ВМРО (со тивка, но смртно ефикасна асистенција на ДУИ). И, не може да се одбегне заклучокот дека ние сме денес територија од која се испразнети државотворните содржини, територија на која не владее никакво право, населена со народи со конфузни, погрешни или гротескни идентитети; всушност, дека сме повторно најблиску до состојбата на преднаталното Ништо, само затоа што и денес тоа е повторно резултат на фашистичката окупација на оваа питомина. Тогаш, тоа беа фашистичките сили на Тројната оска и нивните балкански сателити, а денес се тоа домашните фашисти на ВМРО и нивните коалициски сателити што извршија внатрешна окупација на македонската држава, и воспоставија ситуација на неформална и подмолна внатрешна поделба што е неподносливо слична на онаа со окупациските зони од пред три четвртини век.

Дали им е ова јасно на господата од ДУИ, што бескрајно преговараат за широкото мнозинство за формирање нова влада? Дека неформирањето на антивмровско мнозинство и нивното непреоѓање во таборот на Доброто ќе значи фатално продлабочување на поделбите и натамошно пропаѓање кон неминовната физичка реализација на нашето државно Непостоење? Ако им е јасно, тогаш тие ќе бидат одговорни за историската реализација на бладањата на конгресменот Дејна Рорбакер. Ако пак не им е јасно, тогаш – исто!

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото