Човекот кој го прогласи „крајот на историјата“ стравува за иднината на демократијата

15.02.2017 01:33
Човекот кој го прогласи „крајот на историјата“ стравува за иднината на демократијата

Френсис Фукујама, реномираниот американски филозоф на политиката, стана познат во светската политичка мисла на крајот на Студената војна, кога го претскажа „крајот на историјата“ - верувањето дека, по падот на комунизмот, слободната пазарна либерална демократија конечно победи и ќе стане светска „конечна форма на човечкото владеење“. Сега, кога либералната демократија, насекаде во западниот свет изгледа дека е во длабока криза и Фукујама е загрижен за нејзината иднина.

„Пред дваесет и пет години, немав чувство, ниту пак теорија за тоа како демократиите би можеле да бидат уназадени“, изјави Фукујама. „Мислам дека сега е јасно дека тоа е возможно“.

Со својот почетен аргумент, Фукујама (во голема мера го поедноставувам), тој го одредува светскиот дух на времето („zeitgeist“) во изминатите две децении. Глобализацијата беше средство со кое либерализмот требаше да се прошири низ целиот свет. Владеењето на правото и институциите требаше да ги замени политиките на моќ и племенските поделби. Наднационалните тела, како Европската Унија, се чинеше дека ги отелотворуваaт овие идеали.

Но, ако хаосот на Големата рецесија и растечките влијанија и моќ на авторитарните држави како Кина и Русија не се доволно вознемирувачки, Брегзит и изборот на Трамп за претседател сигурно се повеќе од загрижувачки.

Сега масовните реакции на десничарскиот национализaм, од двете страни на Атлантикот се во полн замав. Оваа недела лидерката на француската екстремна десница, Марин Ле Пен, ја најави својата кандидатура за претседател, остро напаѓајќи го либералниот статус кво. „Нашите лидери ја избраа глобализацијата, сакајќи таа да биде нешто среќно. Но, тоа испадна ужасна работа“, грмеше Ле Пен.

Фукујама ја препознава и ја признава кризата. „Се чини дека глобализацијата навистина ги произведе овие внатрешни тензии во демократиите, а меѓународните институции имаат проблеми да ги усоглсат и помират“, вели тој. Во комбинација со жалопојките околу имиграцијата и мултикултурализмот, сето ова му отвори простор на „демагошкиот популизам“, кој го катапултираше Трамп во Белата куќа. Тоа длабоко го загрижува Фукујама.

„Искрено, никогаш не сум сретнал некој во политичкиот живот за кого мислам дека има помалку погодна личност да биде претседател“, рече Фукујама за новиот претседател. „Трамп е толку драматичен и несигурен што секој вид критика или напад, тој ги доживува лично и веднаш грубо возвраќа“.

Фукујама, како и многу други набљудувачи, е загрижен заради „бавната ерозија на институциите“ и слабеењето на демократските норми во кои еден претседател си дозволува да се сомнева во легитимноста на сè што може да му се испречи на патот - без разлика дали тоа е судството, неговите политички противници или мејнстрим медиумите.

Но, проблемот не е само Трамп и поларизацијата што ја предизвикува, тврди Фукујама. Она што овој научник го смета за „највознемирувачко“ на американската политичка сцена е степенот до кој Републиканската партија успеа да изманипулира одредени области и да утврди систем кој се сведува на „де факто“ еднопартиска власт во некои делови на земјата.

„Ако сте принудени да дејствувате во таков изборен систем, кој не дозволува да ги отпуштите и развластите партиите на власт, тогаш имате вистински проблем“, вели Фукујама. „Републиканците работеле на ова, веќе подолго време и тоа ќе ескалира во наредните четири години.“

„Кога демократиите ќе почнат да си бидат цел сама на себе и го поткопуваат сопствениот легитимитет, тогаш сте имате многу посериозни проблеми“, вели тој.

И меѓународните институции немаат добар начин да се справат со ова. Фукујама смета дека Европската Унија е „дефинитивно збунета“, поради серија испреплетени грешки. Создавањето на еврозоната „беше катастрофа“, а продолжувањето на неможноста да се развие колективна политика за имиграцијата го продлабочи незадоволство. Покрај тоа, рече Фукујама, „никогаш вистински не се инвестираше во изградбата на заедничко чувство за европски идентитет.“

И додека Запад се движи низ период на длабока несигурност, Фукујама повикува на трпение, а не паника.

„Не знаеме како ќе заврши целата оваа игра“, вели тој. Бранот на десничарскиот национализам може да се повлече ако резултатите од главните избори оваа година бидат на штета на сите „Ле Пеновци“ во светот. Фукујама прашува дали Трамп на крајот ќе се соочи со силни реакции од неговата партија, особено ако cе претвори во автократ од типот на рускиот претседател Владимир Путин.

„Изборите во Австрија, всушност, беа интересни“, вели тој, мислејќи на минатогодишните претседателски избори во кои екстремно десничарскиот кандидат изгуби со тесна разлика. „Тоа беше како луѓето во Европа да рекоа: Па, ние не сакаме да бидеме како овие заостанати Американци и да избереме идиот како Доналд Трамп.“

Извор: Washington Post
Инсталации: Корнелија
 Конрадс

Слични содржини

Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото