Децата со различности снимаат видеа кои ќе се прикажат на Скопски филмски фестивал

15.02.2017 15:04
Децата со различности снимаат видеа кои ќе се прикажат на Скопски филмски фестивал

„Скопје филм фестивал“ заедно со Здружението за поддршка на деца и млади со различности „Сината птица“ од Скопје, годинава за прв пат почнуваат со активности што ќе придонесат за инклузија на децата со попреченост на овој етаблиран фестивал.

Проектот „Креираме заедно“ се имплементира со поддршка од Европската Унија, како дел од програмата „ Заштита на децата од насилство и унапредување на социјалната инклузија на децата со попреченост во Западен Балкан и Турција“, а е кофинансиран и спроведен од страна на УНИЦЕФ.

Ги вклучува учениците од инклузивните основни училишта од Скопје, Тетово и Струмица, кои во духот на самозастапувањето ќе проговорат за своите проблеми и потреби, преку работилници за фотографија, видео-клип и ликовно решение за плакат за програмата на Скопски Филмски Фестивал поддржана од ЕУ и УНИЦЕФ. На почетокот на работилниците, ќе бидат одржани и обуки за детски права.

Работилниците во Струмица се одржаа од 13-15 февруари, со работни групи за фотографија и видео клип, а во текот на месецов ќе се одржат и работилниците во Скопје и во Тетово.

Во училиштето „Сандо Масев“ во Струмица во редовната настава од прво до деветто одделение се вклучени 16 деца со различности, и речиси сите дојдоа на работилницата.

Учениците со попреченост преку визуелни алатки го прикажуваат своето секојдневје, тешкотиите со кои се соочуваат дома, на улица, во училиште, а нивните типични соученици ќе се сензибилизираат за правата и потребите на нивните поинакви врсници.

Во процесот на заедничка работа тие ќе се запознаваат едни со други, ќе си помагаат и креативно ќе се надополнуваат при создавањето на крајните продукти.

„Нашата идеја е да им дадеме можност на децата со развојна попреченост, да покажат што сѐ знаат и умеат, односно да ги изразат своите таленти, бидејќи ние како родители и како едукатори не можеме до крај да го видеме талентот што го носат тие деца. Сакаме да го откриеме нивниот потенцијал преку фотографија и видео и како изгледа нивниот свет, што е она што го сакаат, што ги растажува, што сакаат да ни го соопштат за нив“, вели Мимоза Петревска-Георгиева од здружението „Сина птица“.

Проектот „Креираме заедно“ освен во Струмица ќе се одржува и во Скопје и Тетово во инклузивни основни училишта.

На Скопскиот Филмски фестивал, кој традиционално започнува на 22 април, во рамки на дводневната програма ќе бидат презентирани видеата снимени од учениците, изложба на фотографии, а планирана е и богата едукативно-забавна филмска програма за деца.

Со цел поттикнување на дијалогот помеѓу релевантните институции, невладиниот сектор и родителите, планирана е дебата на тема „Kако до целосна инклузија на децата со попреченост“.

Придружни завршни настани со слична содржина ќе следат во Струмица и Тетово.

Обуките за креативните работилници ги одржуваат: Ване Костуранов- постер, Наташа Гелева - фотографија, Јане Алтипармаков - видео.

Здружението за помош и поддршка на деца и млади со различности „Сината Птица“ се залага за едукација и поддршка на децата и младите со пречки во развојот, децата и младите со каква било различност, нивните семејства, институциите и целата заедница и нивна целосна инклузија во општеството. Здружението настојува да креира  контекст на прифаќање, одговорност, инклузивност и рамноправност, во кој постојано ќе се заговара вклучувањето на различните деца и млади во сите општествени сегменти.

ОкоБоли главаВицФото