Хемиска свадба

15.02.2017 15:20
Хемиска свадба

Драги Димитрие,

Најпосле. Веројатно претпоставуваше дека нема да ти се јавам веднаш после моето заминување, но сигурно не мислеше дека ќе молчам толку долго. Се случуваа многу работи кои и мене ме изненадуваа, па секој ден го одложував пишувањето. Во Хилендарскиот метох Каково крај Јерисос чекав цели петнаесет дена за влегување во Света Гора. Кога веќе пристигнав овде, чекав цели дваесетипет дена да ми биде издадена „бела карта“ со која ми се одобрува едногодишен престој во Атонска гора, заради изучување на грчкиот јазик. Таа карта ќе ми овозможи слободно движење по Атос како и неограничен број влегувања и излегувања од него. Покрај посочените користи овој картон ќе ме поштеди од формалните административни процедури околу визирањето на пасошот во грчкиот конзулат во Скопје како и добивање виза од Министерството на северна Грција во Солун, за влегување во Света Гора. Најтешкиот дел од работата околу добивање легитимација, која се извршува во Епистасија – Свештената општина на Света Гора Атонска, успешно е завршена, надвор од сите мои очекувања. Сега, мојот прием на Атос од страна на Епистасијата треба да биде потврден и озаконет од полицијата во ресорот за странци. Конечно, после сето тоа за кое ти пишувам во најкуси црти, постанав граѓанин на Света Гора. Толку за ова прво јавување,

Стефан

 

Почитуван Стефан,

Радосен сум што ми се јави со писмо. Да ти кажам веднаш, секојдневно мислиме и зборуваме за тебе. Откако ти замина од еден пријател добив луксузна монографија за Света Гора каде што има убави фотографии и мапи. Понекогаш навечер разгледувајќи ја те замислувам таму во разни ситуации. Ги гледам мапите, се движам по нив, следам нешто, некои невидливи конци, гледам како калуѓерот живописец слика икона, или пак некои од нив како приготвуваат вечера. Претпоставувам дека таму ти е убаво. Еве накусо неколку информации. Лазар е во Париз, може ти се јавил од таму? За август планираме изложба во Галеријата. Излезе интересен број на списанието Култура, купив еден примерок за тебе. Се обидувам да напишам еден подолг текст, за тоа како да се дојде до местото кое цел живот го бараме. Се разбира, секој го прави тоа на најразлични начини, ретки се тие што го наоѓаат. Можеби е најважно самото барање.

Димитрие

Драги Димитрие,

Овде ме опкружува убавина, тихост и созерцателност. Таинственоста на амбиентот се интензивира со фолклорниот раскош на одеждите и златоткаените хитони зашто совршено се совпаѓаат со аскетските ликови на мистагозите. Атмосферата на византискиот каталикон каков што е Протатонот, украсен со неземска убавина од Панселиновите фрески и икони од XIII век достига своја апотеза со ангелогласното пеење на најголемиот Светогорски протопсалт, отец Дионисие.

Тој нè вознесува тајноводителски, по вертикала од теоцентричната димензија без да се изгуби целосниот реализам од антропоцентричната хоризонтална димензија. Тоа се мигови на историско време преточени во несмрачивиот еон од Осмиот ден. Тогаш се чувствуваме присоединети со христијаните од првите векови кои што себеси се сметале за граѓани на Небескиот Ерусалим, плотски битувајќи во космосот.

Покрај обврските кои ми се доделени од страна на старешината, секојдневно учам грчки јазик од еден калуѓер – Грк кој како мирјанин бил лекар. Сега ќе ти кажам нешто интересно. Во манастирската библиотека каде што можам слободно да престојувам, прекопувајќи по стари книги, ракописи и што ти не друго, случајно пронајдов една тетратка со многу интересна содржина, нешто како роман, а сепак не е тоа, можеби биографија или слично. Не би можел да ти пишувам за ова, можеби ќе успеам да го фотокопирам текстот и да ти го испратам.

Стефан

 

Почитуван Стефан,

Од твоето писмо гледам дека деновите ти поминуваат убаво. Тоа е она што ти го посакуваше, зар не? Ти завидувам што можеш да ги разгледуваш манастирските библиотеки. Кој знае што содржат, какви тајни кријат. Текстот што го пишувам ми создава големи главоболки, многу тешко се носам со него. Ми се чини дека знам што сакам, но никако не дава да се стави на хартија. Од вести ова: излезе од печат книгата на В. Јеториќ, „Подароци од нашите роднини“ или така некако, но сè уште не ми е пристигната. Пишувај ми за твоето откритие.

Димитрие

 

Драги Димитрие,

Се јавија тешкотии околу фотокопирањето на текстот. Тоа може да се направи во Солун, но за тоа немам ни можност ни време. Еден од калуѓерите, библиотекарот, ми кажа дека тој ракопис не е од духовно лице, не се знае како дошол тука. Во библиотеката има многу ракописи на кои не им се знае потеклото. Почетокот на текстот гласи: „Кој сум јас“ и ќе признаеш дека не е многу оригинален, на таа тема има многу текстови. Авторот пишува за некои свои дилеми, за идентитетот на својот јунак односно за самиот себе бидејќи текстот е пишуван во прво лице. Има измешано во ракописот и есеј и патопис и биографски податоци и еписторална проза. Писмата се пишувани до некој кој се вика исто како и јас – Стефан. Мислам дека ако би имал повеќе критичност, авторот би можел да направи од ова интересна проза. Но кој е авторот? Никаде не се споменува името или нешто што би можело да го открие идентитетот на авторот. Никој не знае како овој ракопис стигнал овде. Чудни се патиштата на некои книги и ракописи. Се сеќавам на случајот со ракописот на Л. Ш. „Ѓубриште“ кој е неповратно загубен или книгата на М. Р., „Без мера“ со твојот цртеж која е видена во библиотеката на О. Кисиќ и за која никој не знае како дошла таму. Очекувам поскоро да ми се јавиш.

Стефан

Почитуван Стефан,

Те молам да ми простиш што веднаш не ти одговорив на твоето последно писмо. Ненадејно и за мене изненадувачки работата на текстот за кој ти пишував тргна така добро што не смеев да правам ништо друго освен да пишувам. Се чувствував како медиум, како некој да ми диктираше, толку лесно ми одеше. Зедов две недели годишен одмор со цел да му се посветам на текстот. Деновиве, поточно вторник, одморот ми завршува и не верувам дека текстот ќе го приведам кон крај, бидејќи многу се разграна. Морам да ти признам дека сум задоволен од она што досега го напишав. Досегашните твои писма ми беа драгоцени, ти благодарам за реченицата „Кој сум јас“, од ракописот што го пронајде во библиотеката. Мислам дека со тоа почнува сè.

Димитрие

 

Драги Димитрие,

Немам многу време да ти пишувам опширно писмо, само неколку збора. Нешто чудно се случува овде. Ти пишував за ракописот што го најдов во манастирската библиотека. Се работи за него. Имено, кога последен пат го имав в раце (тоа беше пред околу месец дена) со него беше сè во ред. Тогаш и ти пишував за него. Можеш да замислиш какво беше моето изненадување кога ја отворив тетратката и почнав да ја прелистувам. До половина нема ни трага од текст. Како никогаш да немало, како некој со некакво хемиско средство да го избришал ракописот. Но, ти повторувам, само до половина. Другата половина е тука, истиот текст што го читав а кој завршува со реченицата на Плиние постариот: „Да се живее не е нужно, нужно е да се плови“. Го запрашав библиотекарот дали некој друг се интересирал за ракописот, но тој одговори дека единствениот што се интересира за него сум јас. Не знам што да мислам, но гледам дека се случува нешто чудно. Јави ми го своето мислење.

Стефан

 

Почитуван Стефан,

Навистина чудни работи ми пишуваш. Неверојатно е еден ракопис што си го читал да исчезне без трага. Но штом ти така тврдиш нема зошто да не ти верувам. Понекогаш се случуваат некои работи кои не можеме да ги објасниме со клучот на логиката бидејќи се во доменот на ирационалното. Тоа ти го знаеш подобро од мене. Ти јавувам една вест која ќе те зарадува. Најпосле го завршив текстот, ми останува само да го редигирам. Се надевам дека ќе најдам издавач за него. Кога ќе дојдеш би сакал да го прочиташ и да ми го кажеш твоето мислење за него. Кога сум веќе кај ракописот, го завршив со зборовите на Плиние постариот, „Да се живее не е нужно, нужно е да се плови“.

Димитрие

 

Драги Димитрие,

Ракописот во тетратката исчезна. Веќе не постои. Но, се прашувам дали сум во право кога велам дека веќе не постои. Мислам дека знам што се случи.

Стефан

 

декември, 1984 г.
Атос

 

Извор: Блесок бр. 04, август-септември, 1998
Слики: Susa Monteiro

 

Димитрие Дурацовски (15 февруари 1952, Струга), македонски писател. Завршил Училиште за применета уметност во Скопје. Работел како ликовен соработник во Народниот музеј во Струга. Член е на ДПМ од 1989 година. автор на книгите: Тајна историја (раскази, 1986),
Црни пророци (раскази, 1996), Insomnia (роман, 2000), Бледи сенки, далечни гласови (роман, 2014). Дурацовски е припадник на т.н. петта генерација или Петти круг на автори, кои на македонската литературна сцена се јавиле во 1980-тите години. Целиот опус на Дурацовски е во знакот на постмодернизмот. За книгите Insomnia и Бледи сенки, далечни гласови, Дурацовски ја добил наградата „Рациново признание“.

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото