Говор на омраза или цимолкање од страв?

16.02.2017 00:46
Говор на омраза или цимолкање од страв?

Моето длабоко уверување е дека она што сега се шири во Македонија во форма на заплашување од големоалбанска доминација врз етничките Македонци, претставува чиста пропаганда. Немам никакви дилеми дека (сè уште, владејачката партија) ВМРО-ДПМНЕ се обидува да наметне атмосфера на неизвесност и страв од некакво ново прекројување на границите во Македонија, со единствена цел – да се спречи формирање ново парламентарно мнозинство предводено од СДСМ и партиите на етничките Албанци – ДУИ, Беса, Алијансата на Албанците и ДПА. Се знаат и изворите на стравот – новото парламентарно мнозинство ќе формира нова влада, која ќе го продолжи мандатот на СЈО и ќе му го расчисти патот во сегашниот „сваровски“ судски лавиринт. Со други зборови, ќе ѝ овозможи на Катица Јанева и на нејзиниот тим, непречено да ги процесуираат своите истражни постапки и обвинителни акти.

На македонската политичка сцена се случува едно досега невидено лицемерие од Никола Груевски, бидејќи претставувајќи се како голем „патриот“ и бранител на Македонија од албанската загроза, сака да заборавиме дека како лидер на владејачката партија и премиер, тој:

- ја поддржа независноста на Косово, а неговата неговата пратеничка група гласаше за признавање на Република Косово,

- ја поддржа амнестијата на Хашките случаи, а неговите пратеници го изгласаа истото,

- покрај пратениците, им овозможи на седниците на Собранието, но и во неговите работни тела, на албански јазик да се изразуваат и министрите и другите назначени функционери Албанци,

- за прв пат назначи министер за одбрана Албанец и тоа поранешен командант на ОНА,

- ги укина пензиите за бранителите,

- дозволи преименувања на училишта во скопски Чаир со називи на албански херои,

- го отвори факултетот „Мајка Тереза“ и го поддржа Тетовскиот универзитет или дека

- донесе Закон за правична застапеност на Албанците во администрацијата.

Истиот тој и таков Груевски, во ситуација кога сите патоказни табли на патиштата се двојазични, исто како и обрасците и документите, сега плаче за судбината на Македонија, која Заев сакал да им ја продаде на Албанците. Истиот тој Груевски, кој само пред еден месец во интервју самиот ги наброја сите отстапки кои неговата Влада им ги дала на ДУИ, сега го плаши народот со ДУИ. Истиот тој Груевски, кој, според Бујар Османи и Артан Груби, во преговорите со Ахмети, ги прифатил сите барања во Платформата на албанските политички партии, сега предупредува на опасноста од истата таа Платформа.

Мене ми е совршено јасно дека Груевски има многу голем проблем, кој се вика СЈО. Истото тоа СЈО е убедливо најпопуларната институција во државата, а воедно е и орган кој ужива и најголема меѓународна поддршка. Верувам дека и Груевски е начисто дека не постои начин како да се укине СЈО и да се тера понатаму како ништо да не било.

Последната алатка што му преостанува е да шири ксенофобија и страв кај населението. И да основа некакви здруженија за спас на македонштината од типот на „Тодор Александров“ или „Андон Ќосето“, кои ќе бараат предавници и ќе се повикуваат на револвери и ками.

На Груевски најголемиот трн в око му е фактот дека сè поголем број Албанци гласаат за СДСМ. И на Ахмети, чиј рејтинг е во слободен пад. Обајцата лидери, кои своите харизми ги градеа на темата „патриотизам“, се фатени во лага. Не бранеле ништо, освен евентуално своите материјални интереси. На Груевски му е потешко, бидејќи тој треба да замине во опозиција, а тоа значи демонтирање, уривање и крај на 10 години педантно градениот систем на шашми и манипулации на сопствените граѓани. А граѓанинот е еден, бидејќи неговите потреби за правда, мир, економска благосостојба и сигурна иднина за неговите деца, немаат етничка боја.

Овој текст ќе го завршам со еден цитат на уважениот професор, Нестор Огинар, голем патриот и уште поголем човек. Се надевам дека нема да ми замери што пренесувам дел од неговото јавно обраќање, на кое се потпишувам и јас:

„Никола Груевски , јас Нестор Огинар со лик, име и адреса сакам да ти порачам дека е дојден твојот неминовен крај.

Ти не си ниту ВМРО-вец , ниту Македонец.

Ти си криминален, морален и физички кукавица.

Престани да окривуваш кого било за сето зло што ѝ го нанесе на Македонија.

Престани да се правдаш за катастрофата во која што смислено ја туркаш Македонија.

Ти си најголемото зло што ѝ се случи и на партијата што ние Македонците од целиот свет макотрпно ја градевме, и на Македонија за која што паднаа многу жртви.

Сакам да знаеш дека и јас сум меѓу првите што ќе те урнат и тебе и твојата мафија за да ја спасиме и партијата и Македонија од болеста што ти и твојот коалициски партнер ја посеавте во Македонија.

Се колнам во честа на моите македонски предци дека ќе сторам сè што можам лично да те седнам пред судот на македонскиот народ и пред Бога за да платиш за сето зло што ни го направи.

Ништо не ми е посвето од честа и добробитта на Македонија и македонскиот народ!“

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Били Даркарт

ОкоБоли главаВицФото